Да сведочиме со добро однесување
1 Во денешново попустливо општество, многу млади луѓе непромислено ги уништуваат своите животи со дрога, неморал, бунтовност и насилство. Спротивно на тоа, примерното однесување на чесни млади луѓе во христијанското собрание е освежувачко за гледање и тоа сигурно за Јехова е една убава работа. Тоа служи како силно сведоштво кое може да ги доведе другите до вистината (1. Петр. 2:12).
2 Многу искуства покажуваат дека доброто однесување на христијанските млади имало позитивен ефект врз набљудувачите. Зборувајќи за едно младо девојче Сведок кое ѝ било ученичка, една наставничка му рекла на целиот клас дека Јехова, Богот на тоа девојче, е вистинскиот Бог. Таа го рекла тоа затоа што однесувањето на девојчето секогаш било со почитување. Една друга наставничка пишала до Заедницата, велејќи: „Би сакала да ве пофалам за фините млади луѓе што ги имате во вашата религија . . . Вашите младинци навистина се пример. Тие ги почитуваат постарите, учтиви се и скромно облечени. И колку само ги познаваат своите Библии! Тоа навистина е религија!“
3 Една друга наставничка била импресионирана од доброто однесување на еден седумгодишен Сведок од нејзиниот клас. Таа била привлечена од благата и пријатна личност на момчето, која направила тој да се издвојува со остра спротивност од другите момчиња. Ѝ оставил впечаток неговиот сериозен став кон неговите религиозни верувања — тој не се срамел да биде поинаков поради она што го верува. Можела да увиди дека неговата совест била школувана и дека можел ‚да разликува добро и зло‘ (Евр. 5:14). Конечно, мајката на момчето ја посетила наставничката и била започната библиска студија. Со текот на времето, наставничката се крстила и подоцна станала општ пионер!
4 Врз еден млад човек влијаело доброто однесување на една девојка Сведок во неговото училиште. Таа навистина била поинаква — многу учтива, работлива и секогаш скромна во своето облекување; исто така, за разлика од другите девојки, таа никогаш не флертувала со момчињата. Можел да види дека таа живее според библиските начела. Младиот човек ѝ поставувал прашања за нејзините религиозни верувања и бил импресиониран од она што го научил. Почнал да проучува, наскоро се крстил и на крајот учествувал во пионерската служба а потоа и во бетелската служба.
5 Ако си млад христијанин кој сака да им даде добро сведоштво на другите, внимавај на своето однесување во секој поглед. Никогаш не попуштај во својата будност станувајќи им наклонет на светските попустливи ставови, гледишта или животни стилови. Дај истакнат пример во твојот говор, облекување и дотерување не само додека учествуваш во службата на теренот и на собраниските состаноци туку и додека си на училиште и кога се рекреираш (1. Тим. 4:12). Ќе имаш вистинска причина за радост кога некој ќе се заинтересира за вистината поради тоа што си пуштал ‚твојата светлина да свети‘ преку твоето добро однесување (Мат. 5:16).