Април — време да бидеме ревносни за добри дела!
1 Додека еден ураган се приближува до едно населено место, се јавува итна потреба да се предупредат луѓето за опасноста што се заканува. Колку повеќе се приближува ураганот, толку појасни мора да бидат предупредувањата. Зошто? Затоа што во прашање се животи! Некои луѓе можеби не ги чуле претходните предупредувања. Други, пак, можеби ги чуле, но пропуштиле да преземат акција. Истото важи и за божественото предупредување што имаме налог да го разгласуваме пред ‚да помине виорот‘ на Божјиот праведен гнев кој ќе ја избрише секоја трага на овој злобен свет (Изр. 10:25). Во прашање е вечниот живот на милијарди луѓе! Предупредувањето мора да се разгласува. Мора да бидеме ‚ревносни за добри дела‘ (Тит 2:11—14, NW).
2 Со децении, Јеховиниот народ бил мотивиран да ја направи сезоната на Меморијалот време за посебна ревност во службата. Пролетта 1939, Информаторот, претходник на Наша служба за Царството, го дал следново охрабрување: „Со доаѓањето на пролетта и со убавото време, треба да очекуваме часовите што [собраниските] објавители ги минуваат на теренот да се удвојат, а времето на пионерите значително да се зголеми. Април е месец со пет недели. Има и пет саботи. Секоја сабота и недела во текот на април направи ја . . . време за посебно сведочење“. Тоа била една амбициозна цел која била поставена за браќата пред 60-тина години! Оваа година, исто како и во 1939, месецот април има цели пет викенди. Кои се твоите планови за овој месец? Што си забележа на календарот за април 2000? Планирај да имаш смисловно учество во добрите дела заедно со останатиот Јеховин народ во текот на овој посебен месец на зголемена духовна активност.
3 Што се надеваме да постигнеме: Најважниот ден во 2000 година се паѓа овој месец. Тоа е 19 април, годишнината на Исусовата смрт. Да вложуваме посебни напори да поканиме колку што е можно повеќе луѓе на Меморијалот. Како што имавме предлог минатиот месец, направи список на сите оние што би присуствувале на Меморијалот и провери да не си испуштил некој. Меѓу поканетите треба да бидат оние што се неактивни објавители, библиските студенти, повторните посети, оние кои порано проучувале, колегите од работа, сокласниците, соседите, роднините и други познаници. Дали оние што сакаат да присуствуваат имаат превоз? Ако не, можеш ли со љубов да помогнеш? Вечерта на Меморијалот, сите ќе имаме предност да им изразиме добредојде на оние кои ќе присуствуваат. По Меморијалот, можеме да продолжиме со дополнителна духовна помош на заинтересираните.
4 Да се биде ‚ревносен за добри дела‘ во деновите пред и по Меморијалот е еден убав начин за да му покажеме на Јехова дека навистина го цениме сето она што тој го направил за нас. Бидејќи во повеќето места денот е подолг а времето е поубаво, многумина од нас ќе можат да ги зголемат своите напори во евангелизаторската активност. Ако си помошен пионер, ќе сакаш да дадеш сѐ од себе за да поминеш 50 или повеќе часа во службата (Мат. 5:37). Строго држи се за распоредот што си го направил на почетокот на месецот (Проп. 3:1; 1. Кор. 14:40). Останатите од нас нека прават сѐ што можат за да им пружат поддршка на сите пионери, охрабрувајќи ги и работејќи со нив на полето. (Спореди 2. Цар. 10:15, 16.) Ако ревносно сееме во текот на април, можеме да очекуваме голема радост и благослов од Јехова (Мал. 3:10). Можеби ова ќе послужи како отскочна даска за редовна помошна пионерска служба или за општа пионерска служба. Духовниот залет што ќе го добиеме во април нека потрае и следните месеци додека продолжуваме да бидеме редовни објавители на Царството.
5 Несомнено, овој месец илјадници од Јеховиниот народ ќе започнат нови домашни библиски студии. Дали и ти би сакал да започнеш една? Моли се конкретно за студија и работи во склад со твоите молитви. Можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ги цени твоите скромни барања за помош да ги пронајдеш искрените луѓе за да ги поучиш (1. Јов. 3:22).
6 Еве еден пристап испробан на теренот што успешно се користи за да се започнат разговори. Почни со прашањето: „Дали мислите дека сето насилство во училиштата е резултат на демонска активност или, пак, мислите дека доаѓа од недостиг на воспитување од родителите?“ Дозволи одговор. Ако лицето рече „демонска активност“, прочитај Откровение 12:9, 12 и нагласи ја улогата на Ѓаволот во ширењето немир во светот. Потоа отвори ја брошурата Бара на лекција 4 и прашај го дали некогаш се прашувал од каде потекнува Ѓаволот. Потоа прочитај ги и дискутирај за првите два пасуса. Ако лицето се одлучи за „недостиг на воспитување од родителите“ како причина за насилството во училиштата, прочитај 2. Тимотеј 3:1—3 и истакни ги особините кои очигледно придонесуваат за овој проблем. Потоа отвори ја брошурата Бара на лекција 8, прочитај го пасус 5 и продолжи со дискусијата. Ако можеш да закажеш повторно да навратиш, веќе ќе бидеш на пат да водиш редовна библиска студија со него. Во текот на следната посета, прашај го дали познава некого што можеби е заинтересиран да слушне што се учи.
7 Друг начин да се биде ‚ревносен за добри дела‘ во текот на април е да се учествува во различни гранки на проповедањето. Дали некогаш си размислувал да сведочиш во некој парк или на паркиралиште? На автобуска или на железничка станица? Дали би сакал да се обидеш да сведочиш по телефон, на улица или на деловно подрачје? Зошто не ги реализираш тие идеи овој месец? Јехова ќе ти помогне да ја собереш потребната храброст (Дела 4:31; 1. Сол. 2:2б). Можеби можеш да се договориш да работиш со некој пионер или објавител кој е искусен во овие гранки на службата.
8 Секој што сака да го зголеми своето учество во делото на сведочење, ќе сака да учествува во неформалното сведочење. Честопати, сѐ што е потребно е да го вовлечеш лицето во пријателски разговор. Едноставно отвори некоја тема од општ интерес, можеби користејќи го пристапот кој е истакнат во пасус 6. Настојувај добро да го употребиш дури и малиот вишок време што инаку би било изгубено. Ние не ги фрламе металните монети само затоа што не се книжни банкноти. Зошто не поминеш корисно пет, десет или петнаесет минути од часот за да сведочиш неформално?
9 Време за размислување: Повторно размисли за силните мисли што беа потенцирани во драмата на Обласниот конгрес „Божјата пророчка реч“ минатата година. Драмата со наслов Да го цениме нашето духовно наследство нѐ натера внимателно да размислиме за разликата помеѓу Јаков и Исав. Исав рекол дека, исто како Јаков, е заинтересиран за духовните работи, но Исавовите дела не го покажале тоа (1. Мој. 25:29—34). Какво само силно предупредување за нас! Како Јаков, и ние да бидеме спремни да се напрегаме, дури и да се бориме за Јеховиниот благослов (1. Мој. 32:24—29). Зошто да не го искористиме април и сите месеци по него за да ја обновиме нашата ревност, никогаш не земајќи го нашето духовно наследство само по себе разбирливо?
10 „Близу е денот велик на Господа, близу е — и многу брза“ (Соф. 1:14). Прво мора да се разгласува добрата вест за Царството. Во прашање се животи! Овој месец нека биде особено благословен за сиот Јеховин народ додека обединето покажуваме дека сме „ревносни за добри дела“.
[Рамка на страница 4]
Потсетници за Меморијалот
Одржувањето на Меморијалот оваа година се паѓа в среда, на 19 април. Старешините треба да обрнат внимание на следниве работи:
◼ При одредувањето на времето за состанокот, погрижете се симболите да не поминат пред да зајде сонцето.
◼ Секој, вклучувајќи го и говорникот, треба да биде информиран за точното време и место на одржување.
◼ Треба да се набават и да бидат спремни соодветен вид леб и вино. (Види Стражарска кула од 1 март 1985, страница 16.)
◼ Во салата треба однапред да се донесат и да се постават чинии, чаши, како и соодветна маса и чаршав.
◼ Салата на Царството или другото место за состанок треба доволно рано да бидат темелно исчистени.
◼ Редарите и послужителите треба да бидат однапред избрани и поучени во врска со исправната процедура и нивните должности.
◼ Треба да се направат подготовки да биде послужен секој помазаник кој е немоќен или болен и не е способен да присуствува.
◼ Кога е предвидено истата Сала на Царството да ја користи повеќе од едно собрание, треба да постои добра координација меѓу собранијата за да се избегне непотребна гужва во холот, пред влезот, на тротоарите и на паркиралиштето.