Дали извлекуваш корист?
1 Милиони луѓе денес сакаат да знаат како да ги совладаат проблемите и да живеат среќно. Тие желно ги читаат книгите за самопомош или се обраќаат на групи или на организации за да добијат совет во врска со тоа како да го подобрат својот живот. Можеби некои ќе укажат на ограничените користи што ги имале. Сепак, судејќи според квалитетот на денешниот живот, дали луѓето, општо земено, научиле да се радуваат на мирољубив, длабоко задоволителен живот преку човечките програми на поука? Не би можело да се рече! (1. Кор. 3:18—20).
2 Од друга страна, пак, нашиот Творец бесплатно им ја дава најкорисната поука на сите оние кои сакаат да слушаат. Јехова сака секој да извлече корист од неговото поучување. Тој дарежливо ја дал својата инспирирана Реч за да го води човештвото во праведност и се погрижил добрата вест за неговото Царство да се објавува низ целата земја (Псал. 18:7, 8; Мат. 24:14; 2. Тим. 3:16). Вистински среќниот живот е директно поврзан со обрнувањето внимание на Јеховините заповеди (Иса. 48:17, 18).
3 Јеховиното водство е далеку подобро од она што го нудат книгите за самопомош или методите за самоусовршување што ги нуди светот. Можеме да добиеме вистинска помош и трајни користи ако целосно ги користиме Јеховините подготовки кои се изнесени во неговата Реч и на кои нѐ поучува неговата организација (1. Петр. 3:10—12).
4 Извлечи корист од собраниските состаноци: Денес Јехова покажува вистински интерес кога нѐ поучува за своите патишта и ние извлекуваме корист со тоа што обрнуваме внимание на неговата поука. Нашите пет седмични состаноци даваат доказ за Јеховината грижа полна со љубов. Кога присуствуваме на собраниските состаноци, се зголемува нашето спознание за Бог. Учиме како да се заштитиме од она што е лошо на тој начин што му се приближуваме на Јехова. Така се зајакнуваме во духот.
5 Тоа не е сѐ. На собраниските состаноци можеме ‚да се рашириме‘ (2. Кор. 6:13, NW). Тоа вклучува да ги запознаеме другите од собранието. Извлекуваме корист од размената на охрабрување, за која пишува апостол Павле во своето писмо до римјаните (Рим. 1:11, 12, NW). Кога им пишувал на Евреите, тој строго ги опоменал оние кои можеби си стекнале обичај да го напуштаат христијанското дружење (Евр. 10:24, 25).
6 Радосното задоволство од животот е директно поврзано со заинтересираноста за доброто на другите. Охрабрени сме да бараме начини на кои ќе придонесеме за среќата на другите. Значи, нашите христијански состаноци сигурно ќе ни користат нам лично и ќе им користат на оние со кои уживаме во изградувачко друштво. Од нас се бара да учествуваме од сѐ срце.
7 Апостол Павле изнел слична мисла во својот совет до Тимотеј, кога напишал: „Вежбај се во божествена оддаденост како кон своја цел“ (1. Тим. 4:7, NW). Можеме да се запрашаме: ‚Дали се вежбам? Дали учам да извлекувам корист од она што го слушам на собраниските состаноци?‘ Нашите одговори ќе бидат „да“ ако обрнуваме внимание на она што го слушаме на состаноците и ако настојуваме да го применуваме она што го учиме. Со очите на верата, мора да бидеме способни да гледаме нешто повеќе од браќа кои поучуваат и да го гледаме Јехова како Големиот Учител на својот народ (Иса. 30:20).
8 Теократска школа за служба и Состанок за служба: Овие два состанока се наменети да ни помогнат да бидеме делотворни во христијанската служба. Теократската школа за служба е токму тоа — школа со ученици кои редовно добиваат поука и совети. Имаш прилика да го покажеш својот напредок како говорник пред јавноста и како учител на Божјата реч. Но, за да извлечеш најмногу од оваа школа, треба да се запишеш, да присуствуваш, редовно да учествуваш и да се внесеш со сето свое срце во твојата задача. Прифаќањето и применувањето на советот што ќе ти се даде, ќе ти помогне да напредуваш.
9 Состанокот за служба нѐ поучува на важноста на христијанската служба и ни покажува како можеме да учествуваме во делото на правење ученици. Дали ти и твоето семејство извлекувате потполна корист од она што е изнесено на овие два состанока? Една христијанска двојка забележува: „На еден Состанок за служба чувме дека треба да го разгледуваме дневниот стих како семејство. Порано не го правевме тоа, но сега го правиме“. Каква корист извлекле? Тие признаваат: „Откривме дека повеќе уживаме во нашите разговори на трпезариската маса. Повеќе не се расправаме за време на оброците“. Дали од состаноците извлекуваат корист и малите деца? Да. Мајката вели: „Очигледно е дека состаноците многу влијаат врз нашите деца. Еден ден го фативме нашиот шестгодишен син како лаже. Но, истата седмица, поучниот говор на состанокот беше во врска со лажењето. Со виновен израз на лицето, нашиот син го погледна татка си и се склопчи на столицата. Си ја доби лекцијата и оттогаш повеќе немаме проблеми“.
10 Една пионерка вели дека се радува што на Состанокот за служба се даваат предлози како да ја подобриме нашата служба. Зошто? Таа објаснува: „Запаѓам во рутина. Понекогаш мислам дека она што е предложено во Наша служба за Царството нема да биде успешно. Но, на Состанокот за служба, кога ќе чујам дека треба да се обидеме, се исполнувам со воодушевеност да ги применам предлозите. Тоа ја прави мојата служба возбудлива!“ Откако неколку недели го применувала предлогот да се обиде да започне библиска студија на првата посета, таа навистина започнала студија кога прв пат отишла кај некоја девојка која се молела за помош.
11 Кога ќе слушнеш некој говор кој содржи библиски совет за личните одлуки што ги донесуваш, дали имаш чувство дека Јехова ти зборува директно тебе? Еден брат имал такво чувство. Тој рекол: „На еден неодамнешен состанок имаше говор во кој братот дискутираше за тоа кои облици на разонода се исправни за христијаните, а кои облици се неисправни. Порано многу сакав да гледам бокс на телевизија. Но, после тој состанок заклучив дека овој спорт спаѓа во таков вид разонода која не би била исправна за христијаните. Затоа, повеќе не гледам“. Да, иако овој брат засакал нешто што е насилно, тој понизно реагирал на водството од Јехова (Псал. 10:5).
12 Состанок за јавност, Студија на Стражарска кула и Собраниска студија на книга: Јавните предавања што ги слушаме секоја недела обработуваат различни библиски теми. Што добиваш од овие предавања? Еден христијански сопруг коментирал за користите што ги имал: „Едно јавно предавање ги истакна сите плодови на духот. Говорникот зборуваше за себе кога спомна дека, за да работи на негувањето на овие плодови, избирал една посебна особина и работел на неа цела седмица. На крајот на седмицата, тој размислувал колку бил успешен во покажувањето на тој плод во секојдневните активности. Потоа, во текот на следната седмица работел на некоја друга особина. Ми се допадна таа идеја и почнав и самиот да го правам тоа“. Колку убава примена на она што се учи!
13 Студијата на Стражарска кула нѐ учи да ги применуваме библиските начела во различни ситуации од животот. Тоа ни помага да задржиме мир во мислите и срцата и покрај тегобните грижи во животот. Студијата на Стражарска кула нѐ држи во чекор со прогресивната вистина. На пример, сигурно извлековме корист од проучувањето на статиите од Стражарска кула од 1 мај 1999, кои имаа наслов: „Овие работи мораат да се случат“, „Читателот нека примени проникливост“ и „Биди претпазлив и марлив!“ Како влијаеја врз тебе лично овие студии? Дали со своите постапки покажуваш дека сериозно го сфаќаш Исусовото предупредување за иднината? Дали се подготвуваш за испитите што претстојат кога ќе ја видиме „одвратната работа која предизвикува опустошување . . . како стои на свето место“? (Мат. 24:15—22, NW). Дали твоите цели и животен правец покажуваат дека најважно ти е посветувањето на Јеховиното име, а не собирањето материјални богатства? Зарем на студијата на Стражарска кула не учиме да извлекуваме корист уште сега?
14 Само помисли на тоа колку учиме на Собраниската студија на книга секоја седмица. Моментално ја проучуваме библиската книга Даниел. Во текот на четирите месеци колку што ја проучуваме оваа библиска книга, зарем не осетивме како нашата вера расте секоја седмица? Исто како Јеховиниот љубен пророк Даниел, ја зајакнуваме нашата вера за да можеме да истраеме.
15 Јехова нѐ поучува да живееме радосно: Избегнуваме многу длабоки болки кога обрнуваме внимание на Божјите заповеди. Освен тоа, искусуваме што значи да се живее радосно. Следејќи го Јеховиното водство, стануваме учесници во неговото дело, а не само набљудувачи. А оние кои го извршуваат Божјето дело се среќен народ (1. Кор. 3:9; Јак. 1:25).
16 Активно размислувај за тоа како да ги примениш работите што ги слушаш на собраниските состаноци (Јован 13:17). Служи му на Јехова воодушевено, со цело срце. Твојата радост ќе биде изобилна. Твојот живот ќе стане побогат, посмисловен. Да, ти ќе извлечеш корист.