Биди добар слушател
1 За да се слуша внимателно, потребна е дисциплина. Исто така, оној што слуша треба да има желба да научи и да извлече корист од она што го слуша. Затоа, Исус нагласил дека е потребно да „обрнете внимание на тоа како слушате“ (Лука 8:18).
2 Ова важи особено тогаш кога присуствуваме на собраниските состаноци, собири и конгреси. Тие се прилики кога мораме внимателно да слушаме (Евр. 2:1). Еве некои точки кои ќе ти помогнат да бидеш добар слушател додека траат овие христијански собири.
◼ Сфати колку се вредни состаноците. Тие се главен начин на кој сме „поучени од Јехова“ преку „верниот настојник“ (Иса. 54:13, NW; Лука 12:42).
◼ Подготвувај се однапред. Разгледај го материјалот што ќе се дискутира и погрижи се да си ја понесеш Библијата и личниот примерок од публикацијата што се проучува.
◼ За време на состаноците, вложувај посебни напори да се концентрираш. Треба да избегнуваш да разговараш со оние кои седат до тебе или да гледаш што прават другите присутни. Потруди се да не ти се одвлече вниманието мислејќи за тоа што ќе правиш после состанокот или за други лични работи.
◼ Анализирај го она што се изнесува. Запрашај се: ‚Како се однесува ова на мене? Кога ќе го применам?‘
◼ Прави кратки забелешки за главните мисли и за стиховите. Тоа ќе ти помогне да ги сосредоточиш мислите врз она што се дискутира и ќе придонесе да се сетиш на клучните мисли за да ги користиш подоцна.
3 Научи ги своите деца да слушаат: На децата им треба духовна поука (Втор. 31:12). Во древни времиња, ‚сите кои биле доволно интелигентни за да слушаат‘ меѓу Божјиот народ морале да внимаваат додека им се читал Законот (Неем. 8:1—3, NW). Ако родителите се ангажирани на состаноците и грижливо внимаваат, веројатно и нивните деца ќе го прават истото. Не е мудро да се носат играчки или боенки за да им биде забавно на децата. Непотребното одење во тоалет исто така пречи во слушањето. Бидејќи „глупоста се прилепува до срцето на детето“, родителите треба да вложуваат искрени напори да се погрижат нивните деца да седат мирно и да слушаат на состаноците (Посл. 22:15).
4 Со тоа што ќе бидеме добри слушатели, докажуваме дека навистина сме мудри и сакаме да ‚примиме повеќе поука‘ (Посл. 1:5, NW).