Нова програма за Денот на специјален собир
Темата на програмата за Денот на специјален собир за новата службена година има цврста библиска основа: „Подложете му се на Бог — спротивставете му се на Ѓаволот“ (Јак. 4:7). Ова е здраво водство за овие предизвикувачки времиња! Нашата послушност на Божјите заповеди нѐ доведува во директен судир со Сатана. Програмата ќе нѐ научи како да стоиме цврсто наспроти злобните сплетки на Ѓаволот што ја уништуваат верата. Кои се некои духовни бисери што ќе ги добиеме на овој собир?
Покраинскиот надгледник ќе покаже како ‚Покажувањето побожна подложност како членови на семејството‘ ги зајакнува семејствата да опстојат на притисоците на светот. Првиот говор на гостувачкиот говорник тој ден, „Што значи тоа да му се спротивставуваме на Ѓаволот“, ќе објасни зошто и како треба да преземеме јасна акција да одолееме на Сатановите цели да ја уништи нашата духовност. Два дела се особено наменети за младите, кои исто така мораат да бидат будни за намерите на Сатана. Многу христијани што сега се возрасни, одбиле да попуштат на желбите на светот кога биле млади. Ќе уживаме да слушнеме некои од нивните лични искуства.
Подложност на авторитетот се бара од сите што се дел од човечкото општество. Така, заклучниот говор на гостувачкиот говорник ќе истакне четири подрачја каде што мора да ја покажеме нашата побожна подложност: 1) кон властите, 2) во собранието, 3) на световното работно место и 4) во семејниот круг. Колку само практична програма!
Оние што сакаат да се крстат на овој Ден на специјален собир треба да го известат претседавачкиот надгледник колку што е можно поскоро. Секој од нас треба да си го одбележи датумот на календарот и да планира да присуствува на целата програма на собирот. Благословите што ќе ги добиеме ќе бидат вечни додека му се подложуваме на Јехова засекогаш.