Програма за Посебниот собир за 2009 година
1. а) Кои библиски теми беа обработени на посебните собири во изминатите години? б) Се сеќаваш ли на некои мисли од претходните посебни собири што ти помогнале во службата?
1 „Проценете што е најважно“, „Стојте цврсто како едно стадо“, „Продолжете да сведочите за вистината“ и „Ние сме глина — Јехова е нашиот Грнчар“ (Фил. 1:9, 10, 27; Јован 18:37; Иса. 64:8). Ова се само неколку од многуте теми што беа обработени на посебните собири во изминатите години. Сигурно едвај чекаш да одиш на посебниот собир за 2009 год.! На тој собир ќе се обработи темата: „Преостана малку време“, која се темели на 1. Коринќаните 7:29.
2. Како би можеле да се исполниме со одушевеност за овој собир?
2 Веднаш штом собранието ќе биде известено за датумот кога ќе се одржи посебниот собир, одушевено зборувај со другите за тој настан. Некои родители, за да поттикнат кај своите деца интерес за собирот, на семејниот календар го запишуваат датумот кога ќе се одржи тој, ставаат список со работи што секој треба да си ги понесе, а потоа бројат уште колку денови им преостануваат до собирот. За време на вашата Семејна вечер посветена на Јехова, би можеле да ги разгледувате белешките од претходните посебни собири. Можеш да си го подготвиш срцето за овој настан и со тоа што ќе го разгледаш материјалот што се наоѓа на страниците 13-16 од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба. Тоа ќе ти помогне и тебе и на целото семејство да ‚внимавате како слушате‘ (Лука 8:18).
3. Како можеме да имаме целосна корист од програмата на собирот?
3 Примени го она што го учиш: Кога ќе заврши некој собир, обично велиме: „Колку беше убава програмата!“ Тоа е секогаш точно, бидејќи собирите се еден од многуте благослови кои ни ги дава Јехова (Изр. 10:22). Но за да имаш корист од информациите, мораш да размислуваш за нив и да ги задржиш во срцето (Лука 8:15). Кога ќе се враќаш дома по собирот, разговарај за програмата со членовите на семејството или со оние со коишто патуваш. Разговарајте за целите што ќе си ги поставите и за мислите што ќе ви помогнат во службата. На тој начин ќе имате корист од информациите долго време по собирот (Јак. 1:25).
4. Зошто овој собир ќе биде посебен за нас?
4 Навистина е посебно чувство кога ќе добиеме некој подарок што многу ни е потребен. Затоа, сигурно со нетрпение очекуваме да видиме што ни подготвил Јехова за следниот посебен собир! Можеме да бидеме уверени дека тоа ќе ни користи во секој поглед. Нашиот небесен Татко, Јехова, ќе ни го даде токму подарокот што ни треба — охрабрување и поука за службата што ни ја доверил (2. Тим. 4:2; Јак. 1:17).