Дали ја користиш брошурата Бара за да започнеш студии?
1 Дали сфаќаш дека, ако редовно и систематски водиш библиски дискусии, макар и кратки, со некое заинтересирано лице и обработуваш материјал од една од публикациите што се препорачуваат за тоа, ти водиш библиска студија? Да, ова е вистина, дури и ако студијата се одржува на куќниот праг или по телефон. Зошто не вложиш посебни напори во текот на мај и јуни да започнеш таква студија користејќи ја брошурата Бара?
2 Подготви се за успех: Кога ја нудиш брошурата Бара, имај јасно на ум за што сакаш да дискутираш. Ако правиш повторна посета, размисли за разговорот што си го имал на почетната посета. Запрашај се: „Кои пасуси од брошурата можам да ги истакнам за да се надоврзам на таа дискусија и да започнам библиска студија?“ Ако одиш од куќа до куќа, размисли за тоа кои теми ќе му се допаднат на некој тинејџер, на некое постаро лице, на маж или на жена. Разгледај ги темите од брошурата и избери некоја интересна тема. Откако ќе одлучиш кој пристап да го користиш, извежбај го неколку пати. Тоа е еден од клучевите за успех.
3 Додатокот од Наша служба за Царството од јануари 2002 дава осум „Предлози за презентирање на брошурата Бара“. Рамката „Директен пристап“ покажува како да се користи оваа брошура за да се започнат студии. Првиот предлог би можел да го прилагодиш вака:
◼ „Дали сте знаеле дека само за неколку минути можете да најдете одговор на едно важно библиско прашање? На пример, зошто има толку многу религии што тврдат дека се христијански? Дали некогаш сте си го поставиле ова прашање?“ Откако станарот ќе одговори, сврти на 13. лекција и дискутирај за првите два пасуса. Ако допушта времето, прочитај стих или два и дискутирај за нив. Потоа прочитај го последното прашање најгоре на страницата и речи: „Останатиот дел од лекцијата истакнува пет обележја што ја идентификуваат вистинската религија. Ќе ми биде драго да навратам повторно за да ги разгледаме заедно“.
4 Биди упорен: Искористи ја секоја прилика да прикажеш како се води библиска студија со брошурата Бара. Моли се за Јеховин благослов (Мат. 21:22). Со тоа што ќе бидеш упорен во твоите напори, ќе можеш да искусиш колкава е радоста кога ќе помогнеш некому да се оѕвие на добрата вест!