Музика што освежува
1 Пеењето и музиката се составен дел од вистинското обожавање. Во древниот Израел, Асаф и неговите браќа пееле: „Славете го Господа . . . Пејте Му, свирете Му, проповедајте ги сите Негови чудеса“ (1. Лет. 16:8, 9). Денес, ние ги креваме нашите гласови во песна до Јехова на нашите седмични собраниски состаноци (Ефеш. 5:19). Колку прекрасна прилика е тоа да го фалиме неговото име! (Псал. 69:30).
2 Тоа што ќе ги слушаме Мелодиите на Царството, оркестарската изведба на песните на Царството, може да го исполни нашиот ум со духовни мисли. „Додека мелодијата свири, во мојот ум како да ги слушам зборовите“, објаснила една сестра. „Колку убав начин да го задржам Јехова во мислите додека уживам во музика!“ (Фил. 4:8).
3 Прилики да уживаме во нив: Тоа што дома ќе си ги пуштаме Мелодиите на Царството создава топла, духовна атмосфера која придонесува за мирот во семејството. „Оваа музика постојано си ја пуштаме дома и во автомобилот и никогаш не ни здосадува од возбудливите музички обработки“, напишало едно семејство. „Честопати, Мелодиите на Царството создаваат во нас мирно расположение додека се подготвуваме за нашите христијански состаноци или додека патуваме на некој собир.“ Една сестра рекла: „Навистина ме расположуваат кога ги слушам додека ги вршам домашните работи — кој би помислил дека ќе бидам радосна додека ги диплам испраните алишта? Планирам да ја пуштам оваа музика кога ќе ми падне расположението. Таа толку разведрува! . . Секоја песна буди чувство на среќа“. Има ли прилики кога ваквата освежувачка музика ќе ти користи?
4 Поголемиот дел од музиката денес го одразува духот на светот. Родителите можат да им помогнат на своите деца да развиваат добар вкус за здрава музика така што добро ќе ги користат снимките од Мелодии на Царството. И на многу библиски студенти и заинтересирани лица ќе им биде мило да знаат за овие убави духовни песни, кои го величаат Јехова и го подигаат духот (Псал. 47:1, 2, 6, 7).