Зборувај им на другите за „светлината на светот“
1. Каква голема светлина била претскажана во Божјата реч, и особено во која прилика можеме да им зборуваме на луѓето за оваа светлина?
1 Преку пророкот Исаија, Јехова претскажал: „Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина“ (Иса. 9:2). Таа „голема светлина“ можела да се види во постапките на Божјиот Син, Исус Христос. Благодарение на неговото проповедање додека бил на Земјата, како и на користите од неговата жртва, се подобрила духовната состојба на оние што биле во темнина. Во овие мрачни времиња, на луѓето им треба токму таква светлина. Господовата вечера е одлична прилика за да им зборуваме на луѓето за „светлината на светот“ (Јован 8:12). Минатата година, милиони лица покажаа дека имаат вера со тоа што заедно со нас ѝ беа послушни на Исусовата заповед: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Додека наближува одбележувањето на Спомен-свеченоста, како можеме да им зборуваме на другите за големата светлина што Јехова дава да свети? (Фил. 2:15).
2. Како можеме да го продлабочиме нашето ценење за откупната жртва, и како тоа ќе влијае врз нас?
2 Продлабочувај го своето ценење: Периодот околу Спомен-свеченоста е погодно време да размислуваме за големата љубов која ја покажале Јехова и Исус со тоа што ја обезбедиле откупната жртва за човештвото (Јован 3:16; 2. Кор. 5:14, 15). Ако размислуваме, уште повеќе ќе го цениме овој свет настан. Добро е сите Божји слуги да одвојат време за да читаат и да размислуваат за стиховите од Библијата во врска со Спомен-свеченоста, кои се наведени во брошурата Секојдневно испитување на Писмото. Ние се гордееме што Јехова е наш Бог кога размислуваме за неговите извонредни особини, кои ги покажал на величествен начин со тоа што ја обезбедил откупнината. Кога ќе помислиме што значи откупнината за нас лично, расте нашата љубов кон Бог и кон неговиот Син и мотивирани сме да даваме сѐ од себе за да ја вршиме Божјата волја (Гал. 2:20).
3. Како можеме да го покажеме нашето ценење за Спомен-свеченоста?
3 Ако се зголемува нашето ценење за она што Јехова го направил за да нѐ спаси, нашата воодушевеност за Спомен-свеченоста ќе се пренесе и на лицата со кои проучуваме, на оние што редовно ги посетуваме, на роднините, соседите, соучениците, колегите и на другите кои ќе ги поканиме да присуствуваат на овој посебен настан (Лука 6:45). Затоа, потруди се да ги поканиш сите такви лица со тоа што ќе им дадеш писмена покана за Спомен-свеченоста, која ќе им служи како потсетување. За да не заборават некого, многумина увиделе дека е практично да направат список на оние што редовно ги канат на Спомен-свеченоста, и секоја година списокот да го дополнуваат со нови лица. Ако така се организираме и направиме сѐ што можеме за да ги поканиме заинтересираните лица, ќе ја покажеме нашата благодарност кон Јехова Бог „за неговиот неопислив бесплатен дар“ (2. Кор. 9:15).
4. Што може да ни помогне да учествуваме повеќе во службата во текот на март и април?
4 Учествувај повеќе во службата: Можеш ли да учествуваш повеќе во службата во март и април? Бог сигурно ќе нѐ благослови ако со сите сили настојуваме да им ја пренесуваме на другите „славната добра вест за Христос“. Јехова, Изворот на секое духовно просветлување, заповедал: „Нека засветли светлината од темнината“ (2. Кор. 4:4-6). Доколку е потребно, старешините ќе испланираат да бидат одржани повеќе состаноци за проповедање во различни термини во текот на денот и на различни места, и ќе бидат спремни да им помогнат на објавителите што сакаат да поминат повеќе часови во служба тој ден. Можеби ќе сведочат на улица рано наутро или на деловно подрачје во попладневните или во раните вечерни часови. За да можеш повеќе да учествуваш во службата, постави си разумни цели за тоа колку часови сакаш да проповедаш и труди се да ги исполниш. Многумина ќе му го дадат најдоброто на Јехова со тоа што ќе служат како помошни пионери (Кол. 3:23, 24).
5. Какви користи имаат многумина од тоа што е намалено барањето за часови за помошна пионерска служба?
5 Можеш ли да бидеш помошен пионер? Поминаа преку 7 години откако беше намалено барањето за часови за помошната пионерска служба. Оваа промена им овозможи на многумина да ги почувствуваат користите и радоста од таа служба. Дали си ја пробал и ти? Некои го прават ова редовно секоја година. Во голем број собранија, многу објавители служат истовремено како помошни пионери, и тоа е најубавиот дел од годината за собранието. Можеш ли и ти да служиш еден месец како помошен пионер во времето на Спомен-свеченоста и да ја почувствуваш радоста од тоа? Април може да биде особено добар месец за некои затоа што има цели пет викенди.
6. Какви убави можности ни стојат на располагање?
6 Дали твоето собрание ќе има посета на покраински надгледник во текот на март или април? Тогаш пред тебе се отвора уште една убава можност. Како што веќе беше најавено, во текот на 2006 службена година сите што се помошни пионери во месецот кога има посета на покраински надгледник ќе можат да присуствуваат на првата половина од состанокот што таа седмица се одржува со пионерите. Без сомнение, духовно зајакнувачките информации што тогаш ќе бидат изнесени ќе им помогнат на многу помошни пионери да си постават цел да станат општи пионери. Освен тоа, посебна радост за нас во март ќе биде тоа што ќе можеме да им помагаме на луѓето да дојдат до духовната светлина со помош на новата публикација за проучување Што навистина учи Библијата? Зошто не си поставиш за цел да започнеш библиска студија со оваа нова книга?
7, 8. а) Што може да ни помогне да испланираме да бидеме помошни пионери? б) Како може да помогне тоа што сите во семејството соработуваат, и какви благослови ќе имаат од тоа?
7 Додека размислуваш за барањето од 50 часови за помошна пионерска служба, одлучи кој распоред ќе ти овозможи да пуштиш да свети светлината на вистината по 12 часови седмично. Разговарај со оние што успеале да го направат тоа, како и со другите. Ова може да ги охрабри да ти се придружат. Со тоа што добро планирале, крстени објавители — и млади и стари — увиделе дека не е тешко да се достигне оваа пофална цел. Моли се за тоа. Потоа, ако е можно, направи план и уживај во помошната пионерска служба! (Мал. 3:10).
8 Многу семејства увиделе дека, ако сите членови соработуваат, тогаш барем еден од нив може да ја постигне оваа цел. Во едно семејство, сите пет крстени члена решиле да се пријават како помошни пионери. Две од децата, кои сѐ уште не биле крстени, се потрудиле да ја зголемат својата служба. Какви благослови имало ова семејство од тоа што вложило додатни напори? Тие напишале: „Тоа беше прекрасен месец. Чувствувавме дека семејните врски многу се зајакнаа. Му благодариме на Јехова за прекрасниот благослов!“
9. Како можеме да пуштиме да свети нашата светлина во времето на Спомен-свеченоста?
9 Дали нашите посебни активности во март и во април ќе ни дадат сила и ќе нѐ зближат уште повеќе со нашиот небесен Татко? Многу ќе зависи од тоа колку лично ќе се трудиме да ја зголемиме нашата љубов кон Бог и кон неговиот Син, и колку ќе го зголемиме учеството во службата. Да имаме иста цел како и псалмистот, кој пеел: „Ќе Го славам Господа со сета уста и ќе Го фалам во големо мноштво“ (Пс. 109:30). Јехова ќе ја благослови нашата ревносна активност во времето на Спомен-свеченоста. Затоа, да пуштиме да свети голема светлина за да можат уште многу други луѓе да излезат од темнината и да ‚ја поседуваат светлината на животот‘ (Јован 8:12).