„Како ќе одговориш?“
1. Со какви тешкотии се соочуваат мнозина од нас?
1 Иако ја сакаш Божјата реч, дали ти е тешко да запомниш детали за библиските извештаи или, пак, каде во Светото писмо се запишани некои конкретни изјави? Дали би сакал твоите деца точно да ги сфатат основните библиски факти и учења? Рубриката „Како ќе одговориш?“, која излегува секој месец на 31. страница од Разбудете се!, може да им помогне и на младите и на возрасните подобро да се запознаат со Божјата реч (Дела 17:11).
2. На кој начин да ги користиме разните делови од рубриката „Како ќе одговориш?“
2 Како најдобро да ја искористиме оваа рубрика? Во Разбудете се! од јануари 2006, беше даден следниов предлог: „Погледнете ја за миг 31. страница... Некои делови ќе им бидат интересни на помладите читатели. Други, пак, ќе го испитаат помнењето на оние што добро ја познаваат Библијата. Со помош на делот ‚Кога се случило‘ ќе можете да си направите еден графички временски преглед за тоа кога живееле библиските личности и кога се одиграле некои важни настани. Одговорите на рубриката ‚Од овој број‘ ќе можете да ги најдете низ целото списание, а одговорите на повеќето други прашања ќе бидат дадени на една страница во истиот број, отпечатени наопаку. Зошто не истражите малку пред да ги прочитате одговорите оттаму? Можете да им го кажете и на другите она што сте го дознале. Исто така, можете да ја користите оваа нова рубрика, ‚Како ќе одговориш?‘, кога ќе разговарате за Библијата со вашето семејство или со пријателите“.
3. Како на некои семејства им користела оваа рубрика и кои делови од неа најмногу ти се допаѓаат тебе?
3 Навистина, многу семејства со задоволство ја користат оваа рубрика како темел за семејното проучување на Библијата. Една мајка напишала: „Мојот сопруг и јас мислевме дека би било добра идеја во нашето семејно проучување да го вклучиме делот ‚Деца, најдете ги сликите‘ за тоа да биде весело и интересно за нашата тригодишна ќеркичка. Уживаме кога ја гледаме како возбудено го зема својот примерок од Разбудете се! и ја прелистува секоја страница сѐ додека не го најде она што го бара“. Еден татко во Бразил вели: „Мојот седумгодишен син и јас многу ја сакаме оваа рубрика во Разбудете се! Таа многу му помага на Моизез да внимава, да ги наоѓа библиските стихови, да го разбира значењето на сликите и да ги разбира датумите“. Ешли, која има осум години, пишува: „Ви благодарам за рубриката ‚Како ќе одговориш?‘ што се наоѓа на крајот од Разбудете се! Од неа научив многу за Библијата“.
4. На кој начин би можеле семејствата да ја користат оваа рубрика како дел од семејното проучување?
4 Зошто повремено не ја употребите рубриката „Како ќе одговориш?“ како дел од семејното проучување? Би можеле да ги користите Индексот или Библиотеката на CD-ROM за да ги побарате одговорите на некои потешки прашања. На тој начин ќе ги поучувате своите деца како да истражуваат. Ако имате поголеми деца, зошто не им кажете пред семејното проучување самите да ги побараат одговорите на деловите „Кој сум јас?“ или „Кога се случило?“ Потоа, кога ќе проучувате како семејство, тие би можеле да ги споделат со вас резултатите од своето истражување. Еден начин на кој родителите можат да ја всадат Божјата реч во своите деца е ако добро ја користат ова страница, со што ќе им помогнат да ги познаваат „светите списи“ уште од рано детство (2. Тим. 3:15; 5. Мој. 6:7).