Како да започнеш библиска студија со оние што зеле списанија
1. Која е нашата цел кога даваме списанија во службата?
1 Кога одиме во служба во сабота, обично ги нудиме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Но, тоа е само првиот чекор што води до нашата цел да ги поучуваме искрените луѓе за вистината. Подолу има неколку предлози за тоа како да ја понудиме книгата Што учи Библијата кога правиме повторни посети и како притоа да започнеме библиска студија. Овие предлози можеш да ги приспособиш на подрачјето и да ги кажеш со свои зборови. Слободно користи и некој друг пристап што си утврдил дека е успешен.
2. Како би можеле да ги користиме уводните страници од книгата Што учи Библијата за да започнеме библиска студија?
2 Користи ги уводните страници: Кога ќе појдеш кај станарот по втор пат, би можел да кажеш: „Списанијата што Ви ги оставив минатиот пат се темелат на Библијата. Забележете зошто е толку важно да ја читаме Библијата“. Прочитај Исаија 48:17, 18, Јован 17:3 или некој друг библиски стих што дава одговор на тоа прашање. Потоа, откако ќе му ја покажеш на станарот книгата Што учи Библијата и ќе му дадеш еден примерок, би можел да продолжиш со следниве зборови:
◼ „Библијата ни дава вистинска надеж за иднината“. Покажи му ги на станарот страниците 4 и 5, и прашај го: „Кое од овие ветувања би сакале да се исполни?“ Сврти на поглавјето во кое се зборува за библиското ветување што го избрал и, ако се согласи, накратко разгледајте еден или два пасуса.
◼ Би можел да кажеш и вака: „Библијата го дава одговорот на најважните прашања во животот“. Отвори на 6. страница и прашај го дали некогаш си поставил некое од прашањата што се наоѓаат најдолу на страницата. Сврти на поглавјето што го дава одговорот и накратко разгледајте еден или два пасуса.
◼ Би можел да посочиш и на некои поглавја од содржината и да го прашаш станарот која од тие теми го интересира. Сврти на поглавјето што ќе го избере и накратко покажи му како се проучува Библијата.
3. Како би можеле да започнеме библиска студија откако сме оставиле списанија што зборуваат за: а) сѐ полошите услови во светот? б) семејството? в) за тоа зошто можеме да имаме доверба во Библијата?
3 Остави неодговорено прашање на првата посета: Друга можност е уште првиот пат кога ќе појдеш кај станарот да поставиш темел за повторна посета. Откако станарот ќе ги земе списанијата, постави едно прашање и вети му дека ќе му го одговориш следниот пат кога ќе дојдеш. Пробај да се договорите за конкретно време кога да дојдеш пак и држи се за договорот (Мат. 5:37). Кога ќе појдеш повторно, потсети го на прашањето што си го поставил, а потоа накратко прочитај го и поразговарајте за одговорот од книгата Што учи Библијата. Дај му еден примерок од книгата за да може да те следи. Еве неколку предлози:
◼ Ако списанието што си го оставил зборува за сѐ полошите услови во светот, би можел да кажеш: „Следниот пат можеме да поразговараме за тоа каков одговор дава Библијата на прашањето ‚Какви промени ќе направи Бог на Земјата?‘“ На следната посета разгледајте ги страниците 4 и 5. Или, пак, би можел да го поставиш прашањето: „Дали трагедиите што се случуваат се Божја волја?“ На повторната посета, покажи му ги на станарот пасусите 7 и 8 од 1. поглавје.
◼ Ако списанието што си го оставил зборува за семејството, пред да си заминеш би можел да го поставиш прашањето: „Како може секој член на семејството да придонесе за посреќен семеен живот?“ Кога ќе појдеш повторно, разгледајте го 4. пасус од 14. поглавје.
◼ Ако списанието што си го оставил зборува за тоа зошто можеме да имаме доверба во Библијата, би можел да го поставиш ова прашање што ќе го одговорите при вашиот следен разговор: „Дали Библијата е научно точна?“ На повторната посета, разгледајте го 8. пасус од 2. поглавје.
4. Што треба да правиме ако станарот не сака да ја земе книгата Што учи Библијата?
4 На крајот од секој разговор, постави некое друго прашање што ќе го одговорите следниот пат кога ќе се видите. Штом ќе почнете редовно да ја проучувате Библијата, обработувајте ги поглавјата по ред од почеток до крај. Што треба да правиш ако станарот не сака да ја земе книгата Што учи Библијата? И понатаму носи му списанија и разговарајте за Светото писмо. Ако го одржуваш неговиот интерес, со текот на времето можеби ќе посака да ја проучува Библијата.
5. Зошто треба да се трудиме да правиме повеќе отколку само да им оставаме списанија на луѓето?
5 Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! можат да родат кај некого желба да дознае што навистина учи Библијата. Затоа, потруди се да започнеш библиска студија со оние што ги земаат овие списанија. Така ќе покажеш послушност на Исусовата заповед да ‚правиме ученици... учејќи ги‘ (Мат. 28:19, 20).