Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2008 година
1. а) Зошто советот што им го дал Павле на еврејските христијани особено важи за нас денес? (Прочитај Евреите 10:24, 25). б) Каква прилика ќе имаме да го послушаме советот на Павле?
1 Апостол Павле ги поттикнал еврејските христијани да се собираат и да се храбрат еден со друг „толку повеќе“ колку што гледале дека се приближува денот (Евр. 10:24, 25). Има сѐ повеќе докази дека „денот“ за кој зборувал Павле е навистина многу близу! Затоа, се радуваме на приликите кога се собираме со нашите браќа и сестри за да добиваме духовна поука што може да нѐ води низ овие сѐ поопасни ‚последни денови‘ (2. Тим. 3:1). Таква можност ќе имаме и на претстојниот обласен конгрес за 2008 год.
2. а) Зошто е многу важно да присуствуваме на конгресот сите три дена? б) Како треба да почнеме да се подготвуваме за конгресот?
2 Присуствувај сите три дена: Ве поттикнуваме да бидете присутни сите три дена. Ако „не ги пропуштаме нашите состаноци“ и собири, нема да ја пропуштиме ни важната духовна храна што ќе ја добиеме на конгресот (Евр. 10:25). Почни да се подготвуваш колку што е можно порано. Ќе биде добро да му кажеш на твојот работодавач доволно однапред за да може да си планира дека ќе бидеш отсутен. Ако твоите деца се на училиште во деновите кога се одржува конгресот, разговарај со нивните наставници за вашите планови. Кажи им дека конгресот е составен дел од вашата религија. Биди сигурен дека Јехова ќе го благослови твојот труд да го ставиш Царството на прво место во животот (Мат. 6:33).
3. На кои начини можеме да им помогнеме на другите?
3 Помогни им на другите да дојдат: Павле ги поттикнал своите браќа и да ‚размислуваат еден за друг‘ (Евр. 10:24). Дали на браќата и сестрите од твојата група за Собраниско проучување на книга им треба помош за да отидат на конгресот? Можеш ли да им помогнеш на оние со кои проучуваш да појдат на конгресот заедно со тебе, дури и ако присуствуваат само еден ден? Кога ќе им кажеш на роднините што не се верници дека планираш да одиш на конгрес, покани ги и нив да дојдат. Твоите љубезни напори можат да ти донесат неочекувани благослови.
4. Како може навреме да се погрижиме за сместувањето? (Вклучи ја и рамката.)
4 Сместување: Пофално е тоа што во минатото голем број објавители покажаа самопожртвуван дух и соработуваа со она што беше организирано за нивното сместување. На пример, сѐ поголем број браќа беа спремни да патуваат секој ден за да ноќеваат во своите домови. Во блиска иднина ќе има подетални информации во врска со сместувањето за оваа година. Сето тоа е голема помош за оние што немаат такви можности за сместување. На тој начин, исто како што било во времето на Мојсеј, ќе можеме и ние сите да се собереме заедно како Божји народ — и мажите и жените и децата (5. Мој. 31:12).
5. Кои библиски начела можат да ни помогнат да собереме средства за патувањето до обласниот конгрес?
5 Во земјите каде што има економски проблеми, навистина не е лесно да се присуствува на конгрес далеку од својот дом. Особено за семејствата со мали приходи може да изгледа речиси невозможно сите да присуствуваат на еден таков настан. Што можат да направат за да го надминат тој проблем? Кои библиски начела можат да ги применат? Најнапред, заедно со семејството пресметајте ги трошоците за патувањето до и од конгресното место, како и трошоците за сместување и храна за тие денови (Лука 14:28). Освен тоа, сигурно сакаме да дадеме доброволен прилог за конгресот затоа што ја цениме ‚можноста да приложиме дар‘ (2. Кор. 8:1-4). Ако го следиме советот што е даден во 1. Коринќаните 16:2 — да ставаме нешто настрана „секој прв ден од седмицата“, ќе можеме да почнеме уште сега да штедиме за патувањето до конгресот. Така ќе можеме да ги покриеме трошоците за да присуствуваме како семејство на обласниот конгрес во 2008 год. Заради охрабрувањето и духовните благослови кои Јехова ги подготвува за нас на овој голем собир, вреди да направиме сѐ што можеме за да бидеме таму.
6. Наведи некои потсетувања во врска со формуларот Барање за приватно сместување.
6 Посебни потреби: Ако некој објавител побара помош во врска со сместувањето, Одборот на собранието треба да одлучи дали тој ги исполнува условите да поднесе Барање за приватно сместување. Пред да му се даде овој формулар на конгресниот Оддел за сместување, треба да се разгледаат упатствата што се наоѓаат на формуларот, како и во писмото од 14 декември 2007 год., кое им беше испратено на сите старешинства.
7. а) На кои начини можеме да го прославиме Јехова додека присуствуваме на конгресот? б) Што кажале некои директори на хотели за доброто однесување на нашите браќа?
7 Добри дела: Послушноста кон Јеховината заповед да се собираме заедно ни овозможува ‚да го правиме она што е за наше добро‘. Што е уште поважно, тоа ни дава прилика да го славиме Јеховиното име (Иса. 48:17). Нашите ‚добри дела се видливи за сите‘ што присуствуваат на обласните конгреси, и некои биле поттикнати да го кажат своето мислење за ваквите настани (1. Тим. 5:25). Во еден град каде што многу години се одржуваат наши конгреси, директорот на еден хотел рекол: „Многу луѓе од градот зборуваат за Јеховините сведоци и за тоа што значат за нас вашите конгреси. Познато ни е дека вашите луѓе го чистат градскиот културен центар, а гледаме и како ги чистат паркиралиштата. Убаво е што сте тука за време на летната сезона. Се надеваме дека и понатаму ќе соработуваме“. Откако кажал какви проблеми имаат со други групи и естрадни уметници, директорот на еден друг хотел ги пофалил браќата за нивната соработка и за стрпливоста додека престојувале во хотелот. Тој рекол: „Би сакале сите наши гости да бидат како Јеховините сведоци!“ Однесувањето на нашите браќа што довело до тие и многу други слични коментари сигурно многу го радуваат срцето на нашиот Бог, Јехова!
8. Како стихот од Матеј 4:4 покажува колку е важно внимателно да го слушаме секој дел од програмата?
8 Исус рекол дека животот ни зависи од тоа дали ќе го послушаме „секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:4). На нашите годишни конгреси, преку „верниот и разборит роб“ Јехова ни дава духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). За да се подготви оваа духовна гозба се вложува многу труд. Затоа, да ја покажеме нашата благодарност за Јеховината љубезна грижа со тоа што ќе бидеме присутни и внимателно ќе го слушаме секој дел од програмата.
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
Петок и Сабота
9.20 - 16.55
Недела
9.20 - 16.00
[Рамка на страница 4]
Каде би можел да се сместиш:
1. Ако е можно, врати се дома за ноќевање.
2. Ако имаш роднини или пријатели во конгресниот град, прашај ги дали можеш да ноќеваш кај нив.
3. Искористи ја можноста да ноќеваш во интернат или во студентски дом.
4. Ако имаш посебни потреби, побарај приватно сместување.