Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2007 година „Следи го Христос!“
1, 2. а) Како Мојсеј ги поттикнал Израелците да се соберат заедно? б) Какви подготовки треба да правиме уште сега?
1 Мојсеј им дал упатства на сите Израелци и на странците да се собираат заедно секои седум години за да им се чита Законот. Со која цел? „За да слушаат и да научат“ (5. Мој. 31:10-12). Јехова ја увидел потребата неговиот народ да се собира во големи групи. Наскоро, Јеховиниот народ повторно ќе се собере за тридневните Обласни конгреси „Следи го Христос!“
2 Дали почна да се подготвуваш за тоа? Дали треба да побараш слободни денови од твојот работодавач? Можеш ли да им помогнеш на оние со кои ја проучуваш Библијата или на роднините што не се Сведоци да присуствуваат на конгресот со тебе? Има ли други во собранието на кои им треба помош за да присуствуваат? Следните информации ќе ти помогнат да се подготвиш.
3. а) Како денес се исполнува Исаија 25:6? б) Што е забележано во врска со бројот на присутни на конгресите во петок, и што треба ние лично да направиме?
3 Присуствувај сите три дена: Јехова му дава изобилство духовна храна на својот народ (Иса. 25:6). Во ова е вклучена и духовната гозба што ја добиваме на нашите годишни конгреси. Забележано е дека во петок има значително помал број на присутни во споредба со другите денови. Постави си цел да бидеш присутен сите три дена на конгресот што Јеховината организација го подготвила за духовно да нѐ освежи! Ако треба да побараш слободни денови од твојот работодавач, моли се за тоа. Потоа ‚собери смелост‘ да зборуваш со него веднаш штом ќе биде објавен датумот на конгресот (1. Сол. 2:2; Неем. 2:4, 5). Можеби ќе биде добро да му објасниш дека сакаш да одиш на нашиот годишен конгрес од почит кон Бог. Ако го направиш ова доволно рано, на твојот работодавач ќе му биде полесно да ги направи потребните промени за да го исполни твоето барање.
4. Како да ги подготвиме за конгресот оние со кои проучуваме и роднините што не се Сведоци?
4 Подготви ги оние со кои проучуваш и роднините: Колку би било убаво оние со кои проучуваш да бидат со тебе на конгресот, и од прва рака да ја почувствуваат топлината на нашето христијанско братство „во големото насобрано мноштво“! (Пс. 22:25). Извести ги доволно однапред за да можат да испланираат да присуствуваат. Кажи им зошто ти лично сакаш да одиш на конгресите. За да знаат што да очекуваат таму, можеш да ги подготвиш со тоа што ќе ги гледаш со нив нашите видеокасети на кои има сцени од некои поранешни конгреси. Извести ги и твоите роднини што не се Сведоци дека планираш да присуствуваш на конгресот. Можеби и тие ќе можат да дојдат со тебе за да ја видат драмата или да присуствуваат барем еден ден на конгресот.
5, 6. а) Како можеме да ја покажеме дарежливоста за која се зборува во 1. Тимотеј 6:18? б) Што е направено за да им се помогне на некои што имаат потреба за сместување?
5 Помогни им на браќата и сестрите: Апостол Павле ги советувал христијаните што биле материјално богати „да прават добро, да се богатат со добри дела, да бидат дарежливи, спремни да го делат со другите она што го имаат“ (1. Тим. 6:17, 18). Дарежливоста за која се залагал Павле може да ја покажеме така што ќе размислиме за постарите и немоќните, за оние што се во полновремена служба, за семејствата на самохраните родители и за други во собранието на кои можеби им треба помош за да присуствуваат на конгресот. За потребите на таквите лица првенствено треба да се грижат роднините што се во вистината, но старешините и другите можат да покажат способност за забележување и да понудат некаква помош доколку е потребна (Гал. 6:10; 1. Тим. 5:4).
6 Ако на некој во собранието му треба помош во врска со сместувањето, Одборот на собранието треба да одлучи дали објавителот ги исполнува условите да поднесе Барање за приватно сместување. Пред да му се даде овој формулар на конгресниот Оддел за сместување, треба да се разгледаат упатствата што се наоѓаат на формуларот, како и во писмото од 14 декември 2006 година, упатено до сите старешинства.
7. Како можеме навреме да се погрижиме за сместувањето? (Вклучи ја рамката.)
7 Сместување: Пофално е тоа што во минатото голем број објавители покажаа самопожртвуван дух прифаќајќи ги подготовките за сместување. На пример, сѐ поголем број браќа беа спремни да патуваат секој ден за да ноќеваат во своите домови. Некои собранија за таа цел организираа заеднички превоз. Други објавители ноќеваа кај свои роднини или пријатели во конгресниот град. Исто така, многумина ја искористија можноста за сместување во интернати или студентски домови. Во блиска иднина ќе има подетални информации во врска со сместувањето за оваа година. Сето тоа е голема помош за оние што немаат такви можности за сместување. На тој начин, како во времето на Мојсеј, ќе можеме и ние сите заедно да се собереме како Божји народ — и мажите и жените и децата (5. Мој. 31:12).
8. Кои библиски начела можат да ни помогнат да собереме средства за патувањето до Обласниот конгрес?
8 Во земји каде што има економски тешкотии, навистина не е лесно да се присуствува на конгрес далеку од својот дом. Особено за семејства со мали приходи може да изгледа скоро невозможно сите да присуствуваат на таков настан. Што можат тие да направат за да го надминат тој проблем? Кои библиски начела можат да ги применат? Најнапред, заедно со семејството пресметајте ги трошоците за патувањето до и од конгресното место, и трошоците за сместување и храна за тие денови (Лука 14:28). Освен тоа, сигурно сакаме да дадеме доброволен прилог за конгресот затоа што ја цениме ‚можноста да приложиме дар‘ (2. Кор. 8:1-4). Ако го следиме советот што е даден во 1. Коринќаните 16:2, да ставаме нешто на страна „секој прв ден од седмицата“, ќе можеме да почнеме уште сега да штедиме за патувањето до конгресот. Така ќе можеме да ги покриеме трошоците за да присуствуваме како семејство на Обласниот конгрес во 2007 година. Заради духовните благослови и освежувањето кои Јехова ги подготвува за нас на овој голем собир, вреди да се вложат сите напори за да се биде таму.
9, 10. а) Што е подготвено за нас пред да пристигнеме на конгресното место? б) Како можеме да покажеме ценење и благодарност за сѐ што е направено во наша корист? (Прочитај Евреите 13:17).
9 Соработувај со организаторите: Кога ќе пристигнеме на конгресното место, ќе забележиме дека е вложен голем труд за да можеме да бидеме таму. Љубезни браќа што служат како редари нѐ пречекуваат, ни даваат програма за конгресот и ни помагаат да се сместиме. Браќата и сестрите го исчистиле објектот и подготвиле прекрасна бина. Многу труд бил вложен и околу работи кои не се очигледни, како што е подготовката на точките од програмата и за многуте детали.
10 За секој конгрес, многу поединци работат со месеци околу потребните подготовки, а и нивните семејства многу придонесуваат со тоа што им овозможуваат да го користат времето за да се погрижат за тие важни работи. Зарем не ги цениме жртвите што се направени во наша корист? Нашата благодарност можеме да ја покажеме ако ги следиме информациите од оваа статија и сите други упатства што можеби ќе ги добиеме пред конгресот (Евр. 13:17). Кога сите спремно соработуваме, ние придонесуваме сѐ да „биде пристојно и така како што е редот“ (1. Кор. 14:40).
11 Додека ‚гледаме дека се приближува денот‘, собирите на Божјиот народ имаат сѐ поголема важност (Евр. 10:25). На нашите христијански конгреси, верниот и разборит роб ни дава информации што ни помагаат ‚совесно да ги држиме сите зборови‘ што Јехова сака да ги примениме (5. Мој. 31:12). Започни уште сега да планираш да присуствуваш сите три дена на Обласниот конгрес „Следи го Христос!“ и со тоа да ги доживееш благословите од сите духовни поуки и од прекрасното дружење!
11. а) Зошто собирите на Јеховиниот народ се толку важни во нашево време? б) Што може секој од нас да направи уште сега?
[Рамка на страница 3]
Програмски термини:
Петок и Сабота
9:20 - 17:05
Недела
9:20 - 16:10
[Рамка на страница 4]
Како да одредиш начин на сместување:
1. Ако е можно, врати се дома за ноќевање.
2. Ако имаш роднини или пријатели во конгресниот град, прашај ги дали можеш да ноќеваш кај нив.
3. Искористи ја можноста да ноќеваш во интернат или студентски дом.
4. Ако имаш посебни потреби, побарај приватно сместување.