Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2006 „Избавувањето е близу“
1. Како покажувал Божјиот народ во минатото дека го цени вистинското обожавање и каква слична можност имаме и ние денес?
1 Царот Езекија од древна Јуда испраќал гласници кои пренесувале писма, со кои ги повикувал луѓето да се соберат заедно во Ерусалим (2. Лет. 30:6, 13). Од реакцијата на луѓето можело да се види каков став имаат кон вистинското обожавање (2. Лет. 30:10-12). Наскоро, денешните слуги на Јехова ќе имаат слична можност да го покажат своето искрено ценење за посебната прилика да се соберат заедно за да го обожаваат Јехова. До вашето собрание е испратено едно писмо, со кое сте поканети да присуствувате на Обласниот конгрес „Избавувањето е близу“. Како ќе реагирате на таа покана?
2. Што можеме да направиме за да извлечеме потполна корист од конгресот?
2 Подготви се сега: За да извлечеме потполна корист од духовната програма која со љубов е подготвена, треба да присуствуваме на целата програма. Мудро е сега да почнеш да ги правиш сите подготовки што се потребни, за да можете ти и твоето семејство да присуствувате сите три дена (Посл. 21:5). Можеби треба да побараш слободни денови од работа, да разговараш за твоите планови со брачниот партнер кој не е Сведок, да направиш планови за сместување и да им помогнеш на оние со кои проучуваш да присуствуваат секој ден. Не ги одложувај овие важни работи до последната минута. Наместо тоа, моли му се на Јехова во врска со тоа, со доверба дека „тој ќе води сѐ“ (Пс. 37:5).
3. Зошто треба да соработуваме со сите упатства што се направени за нашето сместување?
3 Јеховината организација многу работеше за да обезбеди доволно сместувања во конгресниот град. Ако го цениме самопожртвуваниот труд на трудољубивите браќа кои помагаа во овие подготовки, ако сме обѕирни кон другите делегати на конгресот и ако го почитуваме теократскиот ред, тогаш ќе сакаме потполно да соработуваме со упатствата од оваа статија (1. Кор. 13:5; 1. Сол. 5:12, 13; Евр. 13:17).
4. Како можеме навреме да се погрижиме за сместувањето? (Вклучи ја рамката на страна 4.)
4 Сместување: Пофално е што во минатото голем број објавители покажувале самопожртвуван дух прифаќајќи ги подготовките за сместување. На пример, сѐ поголем број браќа беа спремни да патуваат секој ден за да ноќеваат во своите домови. Некои собранија за таа цел организирале заеднички превоз. Други објавители ја искористија можноста да бидат сместени кај свои роднини или пријатели во конгресниот град. Исто така, многумина ја искористија подготовката за сместување во интернати или студентски домови. Во блиска иднина ќе има подетални информации во врска со сместувањето за оваа година. Сето тоа е голема помош за оние кои немаат такви можности за сместување. На тој начин, како во времето на царот Езекија, сите заедно ќе празнуваме со голема веселба славејќи го Господа (2. Лет. 30:21, 22).
5. Кои библиски начела можат да ни помогнат да собереме средства за патувањето до Обласниот конгрес?
5 Во земји каде што има економски тешкотии, навистина е предизвик да се присуствува на конгрес далеку од својот дом. Особено за семејства со мали приходи може да изгледа скоро невозможно сите да присуствуваат на таков настан. Што можат тие да направат за да го надминат тој проблем? Кои библиски начела можат да ги применат? Најнапред, заедно со семејството пресметајте ги трошоците за патувањето до и од конгресното место, трошоците за сместување и храна за тие денови (Лука 14:28). Освен тоа, сигурно сакаме да дадеме доброволен прилог за конгресот затоа што ја цениме ‚предноста да даваме‘ (2. Кор. 8:1-4). Ако го следиме советот што е даден во 1. Кор. 16:2, да ставаме нешто на страна „секој прв ден од седмицата“, ќе можеме да почнеме уште сега да штедиме за патот до конгресот. Со тоа што секој месец ќе оставаме по нешто на страна, ќе можеме да ги покриеме трошоците за да присуствуваме како семејство на Обласниот конгрес во 2006. Поради духовните благослови и освежувањето кое Јехова ги чува за нас на ова големо собирање, вреди да се вложат сите напори за да се биде таму.
6, 7. Како може да им се помогне на оние со посебни потреби?
6 Посебни потреби: Во Пословици 3:27 пишува: „Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа“. Како можеш да им правиш добро на другите во врска со конгресот? На постарите објавители, немоќните, оние во полновремена служба и на други, можеби им треба практична помош за превозот и сместувањето. За нивните потреби треба првенствено да се грижат роднините (1. Тим. 5:4). Ако тие не се во можност, тогаш можат да помогнат соверниците (Гал. 6:10). Старешините треба да разгледаат кои објавители имаат посебни потреби, за да бидат сигурни дека тие ги направиле сите планови доволно време пред конгресот.
7 Доколку имате потреба од вакво приватно сместување, ќе бидат обезбедени и формулари што ќе треба да ги пополните. Држејќи се за упатствата од формуларите, како и од писмото од 14 декември 2005 упатено до сите старешини, Службениот одбор во собранието треба да утврди дали објавителот ги исполнува потребните барања. Тие формулари можат да ги пополнат само оние објавители кои се на добар глас и чии деца се примерни.
8. Кој е еден начин на кој можеме да придонесеме за радоста на претстојниот конгрес?
8 Спремни доброволци: Нема сомневање дека сите оние што ќе присуствуваат на конгресот ќе почувствуваат голема радост и ќе им користи духовната храна и можноста за изградувачко дружење. Нашата радост ќе биде уште поголема ако доброволно помагаме во подготовките на конгресот (Дела 20:35). Локалниот Конгресен одбор наскоро ќе повика и други да помогнат во оваа работа. Можеш ли да се ставиш на располагање? (Пс. 110:3).
9. Што цениш ти во врска со обласниот конгрес и на што треба да бидеш одлучен?
9 Додека присуствувало на еден обласен конгрес, едно петгодишно дете рекло: „Обласниот конгрес ми е најомилен дел од обожавањето на Јехова“. Тој искрен коментар ни помага на сите да увидиме колку многу уживаме да присуствуваме на нашиот обласен конгрес. Тоа е исто како што пеел псалмистот: „Еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други“ (Пс. 84:10). Давид во песна ја изразил својата желба ‚да живее во Господовиот дом, во текот на сите дни на неговиот живот; да ужива во Господовата убавина, и да истражува во Неговиот Храм‘ (Пс. 27:4). Давид уживал да биде меѓу Јеховините обожаватели. Да го следиме неговиот пример во почитувањето на вистинското обожавање со тоа што ќе присуствуваме сите три дена на Обласниот конгрес „Избавувањето е близу“.
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
петок и сабота
9:30 - 17:05
недела
9:30 - 16:10
[Рамка на страница 4]
Како да одредиш начин на сместување:
1. Ако е можно врати се дома за ноќевање.
2. Ако имаш роднини или пријатели во конгресниот град обиди се да ноќеваш кај нив.
3. Искористи ја можноста да ноќеваш во интернат или студентски дом.
4. Ако имаш посебни потреби побарај приватно ноќевање.