Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2002 „Ревносни објавители на Царството“
1 „Се зарадував кога ми рекоа: ‚Да одиме во Господовиот Дом!‘“ (Псал. 122:1). Додека разгледуваш како се изразил псалмистот, забележи ги 1) неговите чувства кога бил повикан да се придружи во обожавањето на Јехова, 2) доброто друштво што го имал, кое исто така било искрено заинтересирано за вистинското обожавање и 3) планирањето што мора да било потребно за да се рашири повикот, да се соберат и да отпатуваат во Божјиот дом.
2 Зарем зборовите на псалмистот не ги одразуваат нашите чувства кога ќе чуеме дека се прават планови за нашиот следен конгрес? Полни сме со исчекување кога ќе се сетиме на радоста од минатите конгреси и на изгледот повторно да бидеме на некој специјален собир со други што го љубат Јехова. Направени се подготовки за тридневен Обласен конгрес за 2002 „Ревносни објавители на Царството“. Сега е време да направиме план да присуствуваме и да извлечеме што поголема корист од духовната гозба што нѐ очекува.
3 „Верниот настојник, разборитиот“, започна да подготвува навремена духовна храна што ќе се служи на конгресот (Лука 12:42). Многу браќа почнаа да ги организираат различните конгресни оддели за ‚сѐ да се случува пристојно и уредно‘ (1. Кор. 14:40). Со толку многу работи што веќе се подготвени за наша корист и удобност, што можеме да сториме ние лично за да се подготвиме за конгресот?
4 Сега планирај да присуствуваш сите три дена: Дали ќе треба да побараш од твојот работодавач слободни денови за да присуствуваш на конгресот каде што си доделен? Јехова разбира дека на некои работодавачи е „тешко да им се угоди“ (1. Петр. 2:18). Но, нашите конгреси се многу важни и сакаме да вложиме искрени напори да присуствуваме на целата програма. Обрати му се на Јехова во молитва за тоа, барајќи од него водство за добар исход (Неем. 2:4).
5 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови за гостувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух што се покажува во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри ќе треба да сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Во изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за гостувачките делегати. Иако ова може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние што се во состојба да го сторат тоа, во молитва да го разгледаат ова барање.
6 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари што ќе можат да ги пополнат оние што сакаат да имаат гостувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ пополнувајте го формуларот. Исто така, доколку имате пополнето формулар, немојте да правите приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние што се запишани и молат за тоа.
7 Доколку имате потреба од вакво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари што ќе треба да ги пополните. Тие се само за објавителите што се на добар глас, вклучувајќи ги и оние што имаат деца познати по добро однесување, на кои им е одобрено од Собранискиот службен одбор. Ние ги поттикнуваме сите, како оние што нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги пополнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата што ќе ви биде доставена подоцна.
8 Се разбира дека треба да се однесуваме примерно и пристојно кога имаме приватното сместување. Како што беше спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба добро да се однесуваат во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во својот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат преголема слобода, што воопшто не е на место. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние што се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите што се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине од дома. Исто така, не би било израз на љубов некој да си го продолжи престојот по конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си врши лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се планира приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако по завршувањето на конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
9 Погледни во собранието: Ако знаеме дека на некој брат или сестра им е тешко да присуствуваат на конгресот заради некои физички или материјални проблеми, можеме ли да се ‚рашириме‘ во нашата љубов и да им помогнеме? (2. Кор. 6:12, 13; Втор. 15:7). На таков дух нѐ охрабрил Павле во 2. Коринќаните 8:14. Зошто не ги поканиш таквите да патуваат со тебе на конгресот? Ако се пионери, веројатно по патот ќе ти раскажат многу убави искуства. Ако се постари членови на собранието, можеби имаат прекрасна теократска историја што никогаш не си ја чул. Зарем дружењето со овие браќа и сестри нема да влијае добро врз тебе и врз твоето семејство? Тие ќе го ценат твојот дарежлив дух и ќе бидеш награден од Јехова (Посл. 28:27; Мат. 10:42).
10 Иако за оние што имаат посебни потреби првенствено се грижат нивните христијански роднини, старешините и другите во собранието што се свесни за тие потреби можат со љубов да помогнат во правењето подготовки (1. Тим. 5:4).
11 Спремно реагирај како доброволец: За време на конгресот, стотици доброволци помагаат за добро функционирање на сите оддели. Редарите во аудиториумот и на паркиралиштата даваат упатства за седење и ги надгледуваат нашите возила во текот на денот. Одделот за чистење има предност да ја одржи добрата репутација на чистота, оставајќи го нашето привремено место на обожавање почисто отколку што сме го нашле. Можеме ли да помогнеме во овие или во други оддели што можат да ја искористат нашата поддршка? Дали ќе бидеш доброволец да служиш „рамо до рамо“ со своите браќа? (Соф. 3:9, NW).
12 Дали луѓето навистина забележуваат што правиме? За време на еден обласен конгрес минатата година, во некој хотел работел еден човек што престанал да проучува со Јеховините сведоци пред повеќе од 20 години. Им рекол на некои Сведоци дека сега размислува повторно да започне со својата библиска студија и повторно да оди на состаноците. Зошто? Затоа што со него се постапувало со љубов во деновите додека Сведоците престојувале во хотелот.
13 Еден хотелиер го рекол следново за нашите браќа: „Вашата група е најдобра од сите што отседнуваат во нашите хотели. Вашите луѓе се многу стрпливи и учтиви“. Колку ли само се гордее нашиот небесен Татко додека нѐ гледа како ја следиме Исусовата опомена: „Нека свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да му дадат слава на вашиот Татко кој е на небесата“ (Мат. 5:16).
14 Да го одразуваме ставот на цар Давид, кој радосно очекувал да појде во Јеховиниот дом на обожавање. Нашите обласни конгреси се животоважен извор на духовна храна и неспоредлива прилика за дружење со љубов. Затоа, воодушевено те покануваме да почнеш да правиш подготовки да присуствуваш на сите сесии во текот на сите три дена од овогодишниот Обласен конгрес „Ревносни објавители на Царството“!
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
петок и сабота
9.30—17.00
недела
9.30—16.00