Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 2003 „Оддајте му слава на Бог“
1 Преку својот верен пророк Исаија, Јехова заповедал: „Слушај ме внимателно, народе Мој, Послушајте ме народи“ (Иса. 51:4). Во ова сѐ покритично време на крајот, зарем не се согласуваме дека повеќе од кога и да било порано е важно да обрнуваме внимание на Јеховините заповеди? Еден начин да го ‚слушаме‘ Јехова е така што ќе ја пазиме неговата заповед да се состануваме за обожавање. Колку само радосно ја очекуваме посебната прилика што ни ја дава нашиот обласен конгрес! Водечкото тело на Јеховините сведоци повторно направи подготовки во 2003 година да се одржат повеќе обласни конгреси ширум светот.
2 Како што беше изнесено во Стражарска кула од 1 јули 2002, ќе се одржат и меѓународни конгреси во избрани градови, на кои ќе присуствуваат делегати од целиот свет. Бидејќи домаќини на меѓународните конгреси ќе бидат ограничен број градови, ќе можат да присуствуваат само оние собранија што се доделени на тие конгреси. Но, меѓународната атмосфера ќе се чувствува на сите обласни конгреси. На конгресите на многу локации ќе бидат присутни мисионери, а ќе има можност да се чујат и некои нивни искуства. Што можеме да направиме за да извлечеме целосна корист од подготовките што сега се прават за нашите летни конгреси?
3 Присуствувај секој ден: За да извлечеме целосна корист од упатствата дадени преку класата на верниот и разборит роб, сакаме да се погрижиме да бидеме таму во текот на целата програма (Мат. 24:45). Треба ли да го замолиш твојот работодавец да ти даде слободни денови за да присуствуваш на конгресот секој ден? Пред да го замоли царот Артаксеркс за дозвола да оди повторно да ги изгради ѕидините на Ерусалим, Неемија ‚му се помолил на небесниот Бог‘ (Неем. 2:4, NW). На сличен начин, и ти треба да му се молиш на Јехова да ти даде храброст да го замолиш твојот работодавец за слободни денови со цел да присуствуваш на конгресот сите три дена. Што ако твојот работодавец се двоуми дали да ти даде слободни денови? Можеби тоа што ќе му објасниш дека упатствата што ги добиваме на нашите конгреси ни помагаат да бидеме чесни, марливи и доверливи работници, ќе му помогне поволно да одговори. Освен тоа, ќе покажеме обѕир доколку, што е можно поскоро, ги известиме членовите на нашето семејство што не се верници за нашите планови во врска со конгресот.
4 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови за гостувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух што се покажува во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри ќе сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за гостувачките делегати. Иако ова може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние што се во состојба да го сторат тоа, во молитва да го разгледаат ова барање.
5 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари кои ќе можат да ги пополнат оние што сакаат да имаат гостувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ пополнувајте го формуларот. Исто така, доколку имате пополнето формулар, немојте да правите приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние што се запишани и молат за тоа.
6 Доколку имате потреба од вакво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари што ќе треба да ги пополните. Тие се само за објавителите што се на добар глас, вклучувајќи ги и оние што имаат деца познати по добро однесување, на кои им е одобрено од Службениот одбор на собранието. Ние ги поттикнуваме сите, како оние што нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги пополнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата што ќе ви биде доставена подоцна.
7 Се разбира, треба да се однесуваме примерно и пристојно кога имаме приватно сместување. Како што беше спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба добро да се однесуваат во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во својот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат преголема слобода, што воопшто не е на место. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние што се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите што се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине од дома. Исто така, не би било израз на љубов некој да си го продолжи престојот по конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си врши лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се планира приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако по завршувањето на конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
8 Ние сме театарски спектакл: Дали луѓето ја забележуваат разликата помеѓу Јеховините сведоци и оние од овој свет? Апсолутно! Забележи некои коментари на менаџерите на хотели во еден град: „Ние секогаш сме биле ангажирани со конгреси, но вие сте најљубезни и најспремни да соработувате“. „Минатата недела кај нас имавме една друга религиозна група. Разликата помеѓу вас и нив е очигледна.“ „Знаеме дека секогаш можеме да сметаме на вашата помош и соработка.“ Зарем ваквите коментари не ни помагаат да сфатиме колку позитивно влијание има врз нас „мудроста одозгора“? (Јак. 3:17). Затоа што сме „театарски спектакл за светот“, нека нашето однесување во секое време го одразува достоинството и величината на нашиот Бог, Јехова (1. Кор. 4:9).
9 Бидејќи „се менува сцената на овој свет“, нашите обласни конгреси ни се потребни за да ни помогнат да останеме духовно сосредоточени (1. Кор. 7:31). За да се направат подготовки да се присуствува секој ден ќе биде потребен напор, но ќе се исплати. Овогодишниот обласен конгрес „Оддајте му слава на Бог“ е подготвен да ни помогне да останеме цврсти додека го чекаме извршувањето на Јеховиниот суд врз Сатановиот свет. Да не дозволиме ништо да нѐ спречи да ги добиеме упатствата што Јехова ги подготвил за нас (Иса. 51:4, 5).
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
петок и сабота
9.30—17.00
недела
9.30—16.05