Што ни е на прво место
1. Како Исус покажал дека службата на проповедање му е важна?
1 На Исус, службата на проповедање му била на прво место во животот. Ја извршувал без да се штеди себеси, пешачејќи стотици километри низ Палестина за да им проповеда на колку што е можно повеќе луѓе. Живеел едноставно за да може да посвети повеќе време и внимание на службата (Мат. 8:20). Кога луѓето сакале да го задржат кај себе за да ги лекува болните, тој рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43).
2. Зошто службата му била толку важна на Исус?
2 Зошто службата му била толку важна на Исус? Негова првенствена цел била да се свети Јеховиното име (Мат. 6:9). Тој го сакал својот небесен Татко и затоа имал желба да ја врши Неговата волја и да ѝ биде послушен на секоја Негова заповед (Јован 14:31). Освен тоа, бил искрено заинтересиран за луѓето и сакал да им помогне (Мат. 9:36, 37).
3. Како можеме да покажеме дека службата на проповедање ни е најважна?
3 Угледај се на Исус: Не е секогаш лесно да имаме ист став за службата како Исус, бидејќи светот прави сѐ за да ни го одземе времето и да ни го одвлече вниманието (Мат. 24:37-39; Лука 21:34). Затоа, мора да процениме што е најважно и добро да си го планираме времето за да можеме редовно да се подготвуваме и да учествуваме во проповедничкото дело (Фил. 1:10). Да се трудиме да живееме едноставно и да не го користиме светот во потполност (1. Кор. 7:31).
4. Зошто е пресудно да си ги подредиме работите по важност?
4 Кога има ограничено време, еден мудар човек си ги подредува работите по важност. На пример, ако дознае дека се приближува голема бура, тогаш времето и силата ќе ги користи за да го заштити своето семејство и да ги предупреди соседите. Помалку важните активности ќе почекаат. Преостанува уште малку време до една поинаква бура — Армагедон (Соф. 1:14-16; 1. Кор. 7:29). За да се спасиме себеси и оние што нѐ слушаат, мора добро да внимаваме како живееме и како поучуваме, и во собранието и надвор од него (1. Тим. 4:16). Ќе преживееме само ако службата на проповедање ни е на прво место во животот!