Дали сте знаеле?
Дали Римјаните би дозволиле некој што бил погубен на столб, како што било случај со Исус, да биде погребан на достоинствен начин?
НА МНОГУМИНА им е познат библискиот извештај во кој пишува дека Исус умрел прикован на столб меѓу двајца злосторници (Мат. 27:35-38). Сепак, некои го доведуваат во прашање она што го кажува Библијата за тоа дека подоцна телото на Исус било подготвено за погреб и положено во гробница (Мар. 15:42-46).
Некои критичари на евангелијата се сомневаат дека било дозволено оние што биле погубени да се погребуваат на достоинствен начин, односно во гробница. Наместо тоа, овие критичари сметаат дека поголема е веројатноста со телата на погубените злосторници да се постапувало на поинаков начин. Во едно списание, новинарот Ариел Сабар објаснува од каде потекнува ваквото гледиште: „Распнувањето било казна која им следувала на најлошите луѓе во општеството. Некои експерти велат дека е смешно да мислиме дека Римјаните би им укажале чест на таквите луѓе со тоа што би дозволиле да имаат достоинствен погреб“ (Smithsonian). Римјаните сакале да ги понижат осудените злосторници и затоа нивните тела честопати ги оставале на столбот за да ги јадат животните. Остатоците од телата потоа биле фрлани во масовна гробница.
Меѓутоа, археолошките пронајдоци ни откриваат нешто друго, барем за остатоците на некои Евреи кои биле погубени. Во 1968 год., биле пронајдени остатоци од скелет од еден маж кој бил погубен во првиот век. Тие биле откриени во една еврејска семејна гробница во близина на Ерусалим која била карактеристична за тоа време. Остатоците биле пронајдени во една кутија за коски. Меѓу остатоците имало и петна коска. Таа била прикована за една дрвена табла со железен клин, долг 11,5 сантиметри. Сабар вели: „Петицата која била од еден човек по име Јехоханан, помогнала да се реши една долга и жестока расправија околу веродостојноста на извештаите од евангелијата според кои Исус бил погребан во гробница. Значајно е тоа што петицата на Јехоханан е доказ дека Римјаните дозволиле еден распнат маж од времето на Исус да има еврејски погреб“.
Врз основа на оваа петна коска која била пронајдена сѐ уште има различни мислења за тоа во која положба висело телото на Исус на столбот. Но, сосема е јасно дека некои злосторници кои биле погубени не биле фрлени во масовна гробница, туку биле погребани. Според тоа, можеме да бидеме уверени дека телото на Исус навистина било положено во гробница, токму како што пишува во Библијата. Доказите потврдуваат дека она што го вели Библијата е веродостојно.
Што е уште поважно, Јехова прорекол дека телото на Исус ќе биде положено во гробницата на еден богат човек, и никој не може да спречи да се исполни она што го кажал Бог (Иса. 53:9; 55:11).