Кога вашето бебе не престанува да плаче
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
ДОКТОРОТ ги потврдил сомневањата на мајката. Нејзиното бебе имало типичен случај на грчеви во стомачето. Овој синдром се јавува кај „секое четврто дете“, стои во канадското списание Globe and Mail. Оваа појава се препознава по тоа што детето плаче по неколку часа најмалку три дена во неделата. Тогаш што би можел да направи загрижениот родител? Педијатрите велат дека во многу случаи родителите и детето едноставно ќе мораат да почекаат тоа да помине. Но, колку долго?
Едно поново канадско истражување на мајки чии бебиња имаат грчеви открива дека повеќе од 85 проценти од случаите постепено се смируваат откако бебињата ќе наполнат три месеци. Ова истражување, кое го спровела Д-р Тами Клифорд, директор на одделот за епидемиологија при Детската болница на истражувачкиот институт во источно Онтарио, исто така открило дека плачењето на бебињата што имаат грчеви не остава трајни последици врз душевното здравје на мајките. „Шест месеци по породувањето тие се исти како и мајките чии бебиња немаат грчеви“, вели д-р Клифорд. „Тоа е речиси исто како да настапува амнезија откако ќе престане плачењето“.
Ова ново истражување што го објави д-р Клифорд и нејзините колеги, стои во Globe, „открива некои важни детали на научното спознание за стомачните грчеви затоа што покажува дека постојат три различни категории на бебиња со грчеви: бебиња кај кои тоа се јавува и поминува во период од околу три месеци; бебиња кои постојано имаат грчеви што траат неколку месеци без престан; и мала група бебиња кои добиваат грчеви релативно доцна, неколку месеци откако ќе се родат“. Во тек е уште едно истражување со кое се следи развојот на овие деца додека растат, а посебно внимание привлекува третата група.
Се смета дека непрекинатото плачење е причина за случаите на „синдром на бебиња што ги тресат“. Како што било известено во Globe, „на детето нема да му наштети самото плачење. Силното тресење, дури и ако е краткотрајно, може да предизвика трајни невролошки оштетувања, па дури и смрт“.
Од друга страна, пак, може да има и добра страна во тоа што доенчето плаче, па дури и ако е тоа без престан. „Истражувањето покажа дека бебињата што многу плачат добиваат многу поголемо внимание од оние што се грижат за нив“, стои во Globe, а тоа значи „повеќе допири, повеќе насмевки, повеќе зборување и повеќе гушкање“.