Борбата на Касиодоро де Реина за шпанска Библија
ВО ШЕСНАЕСЕТТИОТ век, Шпанија била опасно место за читање на Библијата. Католичката црква ѝ наредила на инквизицијата да ја угасне и најмалата искра на неортодоксност. Но, во јужна Шпанија имало еден млад човек, кој не само што го читал Светото писмо туку и се заветил дека ќе го преведе на мајчин јазик за да може секој Шпанец да го чита. Неговото име било Касиодоро де Реина.
Интересот на Реина за Библијата бил побуден во текот на годините што ги поминал во манастирот Сан Исидро дел Кампо, на периферијата од Севилја (Шпанија). Во текот на 1550-тите години, повеќето од калуѓерите во овој необичен манастир поминувале повеќе часови во читање на Светото писмо отколку во присуствувањето на нивните канонски должности. А библиската порака го променила нивното мислење. Тие ја отфрлиле католичката доктрина во врска со употребата на ликови и верувањето во чистилиште. Неизбежно, нивните гледишта станале познати во подрачјето и, од страв да не бидат уапсени од шпанската инквизиција, одлучиле да побегнат во странство. Реина бил еден од 12-те кои успеале да побегнат во Женева (Швајцарија).
Откако побегнал за влакно, патувал од еден европски град до друг и некако успевал да биде еден чекор пред своите прогонители. Во 1562 година, фрустрираните инквизитори запалиле кукла со неговиот лик во Севилја, но дури и таа брутална закана не го натерала Реина да отстапи од својата задача да го преведе Светото писмо. И покрај тоа што по него била распишана потерница и живеел во постојан страв од апсење, тој непрестајно работел на својот шпански превод. „Освен кога бев болен или додека патував, . . . никогаш не го испуштав перото од рака“, објаснил тој.
За десет години, Реина ја завршил работата. Во 1569 година, во Базел (Швајцарија) бил издаден неговиот превод на целата Библија. Ова истакнато дело бил првиот комплетен шпански превод направен од оригиналните јазици. Со векови, на располагање биле латинските Библии, но латинскиот бил јазик на елитата. Реина верувал дека Библијата би требало да ја разбере секој, па го жртвувал својот живот во унапредувањето на таа цел.
Во воведот кон својот превод, тој ги објаснил своите причини. „Да се забранува Светото писмо на обичниот јазик, неизбежно му нанесува крајна навреда на Бог и штета на доброто на луѓето. Ова е јасно дело на Сатана и на оние кои тој ги контролира. . . . Со оглед на фактот дека Бог им ја дал својата Реч на луѓето, посакувајќи да ја разберат и да ја применуваат сите, оној кој би ја забранувал на кој и да е јазик не може да има добри мотиви.“
Ова било храбра изјава, бидејќи била објавена само 18 години откако Индексот на шпанската инквизиција особено ја забранил Библијата „на кастилјански романски [на шпански] или на кој и да е друг народен јазик“. Очигледно, Реина не дозволил стравот од луѓето да ја совлада неговата љубов кон вистината.
Освен што имал силна желба да им ја направи Библијата достапна на сите луѓе кои говорат шпански, Реина исто така сакал да создаде колку што е можно најточен превод. Во својот вовед ги изложил предностите на директното преведување од оригиналните јазици. Реина објаснил дека во латинскиот текст на Вулгата се имале вовлечено некои грешки. Една од највидливите била отстранувањето на божественото име.
Божественото име во шпанските преводи
Реина увидел дека Божјето име, Јехова, би требало да се појавува во секој совесен превод на Библијата, како во оригиналниот текст. Тој одбил да го следи обичајот да го заменува божественото име со такви титули како што се „Бог“ или „Господ“. Во предговорот кон својот превод, тој ги објаснил своите причини со карактеристична отвореност.
„Ние го зачувавме името (Iehoua) бидејќи ги имавме најсилните причини. Како прво, затоа што секаде каде што може да се најде во нашата верзија, тоа исто така се наоѓа и во хебрејскиот текст, а ние мислиме дека не би можеле да го изоставиме или промениме без да направиме неверство и светогрдие спрема Божјиот закон, кој заповеда ништо да не се изостава или додава. . . . Обичајот [за изоставање на името], измислен од Ѓаволот, потекнал од едно празноверие на денешните рабини кои, иако тврдат дека го почитуваат, всушност го погребале Неговото свето име, правејќи Божјиот народ да го заборави тоа име со кое тој сакал да се разликува од сите други . . . богови.“
Пофалната желба на Реина да го велича Божјето име имало далекосежни последици. Сѐ до ден-денес, огромното мнозинство шпански преведувачи — и католички и протестантски — го следеле овој преседан, користејќи го божественото име насекаде. Благодарение главно на Реина, читателите на скоро секој шпански превод на Библијата можат лесно да увидат дека Бог има лично име кое го разликува од сите други богови.
Значаен е фактот што Јеховиното име на хебрејски јасно се гледа на насловната страница од Библијата на Реина. Реина го посветил својот живот за благородното дело на сочувување на Божјата Реч, правејќи ја достапна на еден јазик што можат да го читаат милиони лица.