Како една повреда ми го промени животот
РАСКАЖАЛ СТЕНЛИ ОМБЕВА
Во 1982 ме удри кола што возеше многу брзо. Кратко по лекувањето се вратив на мојата рутина на секојдневни активности, иако повремено имав болки поради тоа што ми беше изместен диск помеѓу вратот и градниот кош. Меѓутоа, по 15 години се соочив со едно искуство што беше најголем предизвик за мојата вера во целиот мој живот.
ПРЕД и, донекаде, по несреќата, бев полн со енергија. Имав добра рутина на вежбање што вклучуваше џогирање од 10 до 13 километри во текот на викендите, играње сквош и вршење на тешка физичка работа. Помагав во градбата на Сали на Царството на Јеховините сведоци, како и на една голема Собирна сала во Најроби (Кенија), каде што живееме.
Потоа, во 1997, болките што ги чувствував во градниот кош станаа редовни и посилни. Со лекарски преглед се утврди дека еден меѓупрешленски диск се изместил и го притиска ’рбетниот мозок. Се утврди дека ова е поврзано со сообраќајната несреќа што ја спомнав во почетокот.
Пред да ми се влоши здравјето, најдов работа како продавач. Со неа имав и здравствено осигурување за целото семејство. Имав добри изгледи да се пробијам во светот на бизнисот. Но, кон средината на 1998, постепено потполно ми отрпна телото од градите до стапалата. Од ден на ден здравјето ми се влошуваше.
Кратко потоа ја изгубив работата, вклучувајќи ги и сите погодности. Во тоа време нашата ќерка Силвија имаше 13 години, а Вилхелмина имаше 10 години. Кога останав без работа, моравме да се потпираме на она што на крајот на месецот ќе го донесеше дома мојата сопруга, Џојс. Соочени со новите околности, направивме измени во животот одрекувајќи се од сѐ што не ни беше неопходно. Успевавме да врземе крај со крај.
Негативни чувства
Морам да признаам дека, додека реалноста на мојата состојба стануваше сѐ поочигледна, јас станав негативен, себичен и раздразлив. Понекогаш бев лут и огорчен, па се расправав и за најмала ситница. Секогаш бев на работ на депресија. Никој од семејството не беше поштеден од стресот. Мојата сопруга и нашите ќерки беа соочени со една нова ситуација која не им беше многу позната.
Во тоа време мислев дека моите чувства се оправдани. Нагло се здебелив. Имав сериозни проблеми со празнењето на цревата и со контролата на уринирањето. Честопати се наоѓав во многу непријатни ситуации. Не беше необично да ме најдат сам во некој агол, со очите полни со солзи. На моменти бев толку лут што тоа беше речиси смешно. Знаев дека не реагирам добро на мојата ситуација.
Како старешина во христијанското собрание на Јеховините сведоци, честопати ги советував сохристијаните никогаш да не го обвинуваат Јехова за какво и да е страдање. Сепак, јас самиот се фатив како се прашувам — и тоа не само еднаш — ‚Зошто Јехова дозволи вакво нешто да ми се случи мене?‘ Иако користев стихови како што е 1. Коринќаните 10:13 за да ги зајакнам и охрабрам другите, сметав дека она низ што минував јас едноставно не можам да го поднесам!
Медицински предизвик
Беше предизвик да се добие добро лекување. Во ист ден одев кај специјалист за физикална терапија, за хиропрактика и за акупунктура. Ако и воопшто имаше некакво олеснување, тоа беше само привремено. Се консултирав со многу лекари, вклучувајќи и ортопедски хирург и неврохирург. Сите се согласија во една работа: Беше неопходна хируршка интервенција за да ми се намали болката и да се отстрани изместениот диск. Поради моите библиски верувања, јасно им образложив на тие експерти од областа на медицината дека не сакам да ми се даде крв под никакви околности (Дела 15:28, 29).
Првиот хирург рече дека ќе ме оперира на тој начин што ќе ми го отвори грбот. Ми објасни дека таа постапка би можела да биде прилично ризична. Сепак, овој хирург не можеше да гарантира дека нема да се употреби крв. Веќе не отидов кај него.
Вториот хирург рече дека ќе дојде до ’рбетот преку вратот. Таквата постапка звучеше ужасно. Иако не направи проблем што одбив крв, тој сакаше операцијата да се изврши веднаш и не ми кажа многу детали. Не се вратив ни кај него.
Меѓутоа, со помош на Јеховините сведоци што служеа во нашиот локален Одбор за контактирање со болниците, успеав да најдам лекар што сакаше да соработува. Постапката што ја препорача третиот хирург беше слична на онаа што ја предложи вториот; стануваше збор за правење рез низ вратот. Објасни дека ризиците ќе бидат минимални.
Ме фати ужас кога лекарот многу живописно и детално ми прикажа како ќе тече операцијата. Најмногу ме плашеше тоа што таквата операција требаше да се извршува околу толку деликатни органи како што се срцето и белите дробови. Дали ќе останам жив? Се разбира, таквите негативни мисли не ги смирија моите стравови.
На 25 ноември 1998 се подложив на успешна четиричасовна операција во една болница во Најроби. Операцијата вклучуваше и отстранување на едно парче од карличната коска. На тоа парче му беше сменета формата и потоа беше пресадено на проблематичното место со помош на една метална плочка и шрафови. Ова ми помогна, но не ги отстрани сите мои проблеми. Чувствував болки при одењето. Сѐ уште чувствувам отрпнатост од градите до стапалата.
Позитивен став
Како што спомнав претходно, многу време се јадосував и негодував поради мојата лоша состојба. Иронично е тоа што мнозина од вработените во болницата ме пофалуваа за мојата смиреност и оптимизам. Зошто сметаа дека е така? Можеа да видат дека, иако трпев големи болки, сепак им зборував за мојата вера во Бог.
Иако понекогаш бев лут и огорчен поради тоа што го трпев, сепак се потпирав на Јехова. Тој секогаш ме поддржуваше во сѐ што поднесував — толку многу што понекогаш се срамев од себеси. Цврсто решив да читам и да медитирам за стиховите што знаев дека се утешни во мојата ситуација. Еве некои од нив:
Откровение 21:4: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“. Навистина, многу се утешував кога размислував за библиското ветување за еден нов свет каде што засекогаш ќе бидат отстранети солзите и болката.
Евреите 6:10: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“. Иако имав ограничувања во физички поглед, знаев дека Јехова ќе ги цени моите напори во неговата служба.
Јаков 1:13: „Никој, кога е во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“. Колку само вистинито е ова! Иако Јехова го допушти моето страдање, тој воопшто не го предизвика.
Филипјаните 4:6, 7: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“. Молитвата ми помогна да го стекнам душевниот мир што многу ми беше потребен, овозможувајќи ми поразумно да се справам со мојата ситуација.
Овие стихови ги користев за да ги охрабрам другите кога беа во неволја — и тие навистина им помагаа! Но, сфатив дека во тоа време не сум ја сфаќал потполно нивната вредност. Морав да се разболам во оваа мера за да сфатам што е понизност и да научам потполно да се потпирам на Јехова.
Друга зајакнувачка помош
Многу зборуваат за христијанското братство како за столб и потпора во тешки времиња. Сепак, колку само е лесно да ги земеме нашите христијански браќа како нешто само по себе разбирливо! Точно е дека можеби имаат ограничувања во она што можат да го сторат за да помогнат, но секогаш ни стојат на располагање. Така беше и во мојот случај. Не беше необично да ги најдам покрај мојот кревет во болница, понекогаш уште рано наутро. Се понудија да ми помогнат дури и во плаќањето на трошоците за лекувањето. Од сѐ срце сум им благодарен на сите оние што беа трогнати од мојата неволја и што ми помогнаа.
Во нашето локално собрание, Сведоците знаат дека сега сум ограничен во она што можам да го правам. Моментално служам како претседавачки нагледник и соработувам со едно старешинско тело што ми дава голема поддршка. Никогаш не сум бил нередовен во проповедничкото дело. Кога ми беше најтешко, им помогнав на двајца луѓе да напредуваат и да му го предадат својот живот на Јехова. Едниот од нив моментално служи како слуга помошник во едно собрание на Јеховините сведоци во Најроби.
Сѐ уште не можам да најдам зборови за да ѝ се заблагодарам на мојата сопруга, која ме поддржуваше низ целото мое тешко искуство. Таа го трпеше мојот гнев, промените во моето расположение, мојата неразумност и моите фрустрации. Секогаш кога бев во солзи и во болка, таа ме успокојуваше и ме тешеше. И понатаму ме восхитува нејзината сила и издржливост наспроти тешкотиите. Таа се покажа како ‚вистински пријател . . . во секое време‘ (Пословици 17:17, NW).
Нашите ќерки научија да се справуваат со мојата ситуација. Прават сѐ што можат за да ми помогнат. Ги разбираат моите потреби и веднаш реагираат, грижејќи се да ми биде добро кога не е тука мајка им. Силвија ми е „бастун“ — ми помага да одам низ дома секогаш кога се чувствувам слаб.
А Мина, помладата? Па, се сеќавам како еднаш не можев да станам откако паднав во куќата. Само таа беше дома. Собирајќи ги сите свои сили, ме подигна и полека ме одведе до мојата соба. Сѐ уште не знае како успеа во тоа. Таа храбра постапка е неизбришливо врежана во моите мисли.
Справувањето со оваа повреда е најтешката битка што сум ја водел во животот. Тоа е битка што сѐ уште ја водам. Ништо друго не претставувало толкав предизвик во мојот живот и во мојата вера. Научив многу за понизноста, разумноста и сочувството. Целосната доверба во Јехова и тоа што се потпирав на него ми помогнаа успешно да се соочам со овој проблем.
Сфатив колку се вистинити зборовите на апостол Павле: „Ова благо го имаме во земјени садови, за силата која ја надминува нормалната да биде од Бог, а не од нас“ (2. Коринќаните 4:7). Наоѓам огромна утеха во Божјето ветување за „нови небеса и нова земја“ (2. Петрово 3:13). Го молам Јехова и понатаму да ме поддржува сѐ до новиот свет, бидејќи сѐ уште сум слаб и не можам да направам многу со своја сопствена сила.
[Слики на страница 20]
Христијанската активност со моето семејство ми помогна да истраам