„Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“
„Да им правиме добро на сите“
ПРОПОВЕДАЊЕТО и поучувањето за добрата вест за Божјето Царство била главната активност на Исус (Марко 1:14; Лука 8:1). Бидејќи сакаат да бидат како него, Христовите следбеници го сметаат поучувањето за библиската порака за Божјето Царство како своја првенствена активност во животот (Лука 6:40). Јеховините сведоци навистина ги радува кога гледаат како пораката за Царството им донесува трајно освежување на оние што ја прифаќаат — исто како што донесувала трајно освежување кога Исус бил на Земјата (Матеј 11:28—30).
Освен што поучувал за Божјата реч, Исус правел и други добри дела како лекување болни и хранење гладни (Матеј 14:14—21). На сличен начин, Јеховините сведоци го надополнуваат своето дело на поучување за Библијата со дела што им се од помош на луѓето кои имаат потреба. Всушност, Писмото ги опремува христијаните „за секое добро дело“ и ги поттикнува да ‚им прават добро на сите‘ (2. Тимотеј 3:16, 17; Галатите 6:10).
„Нашите браќа беа тука“
Во септември 1999, Тајван беше потресен од разорувачки земјотрес. Неколку месеци подоцна поројните дождови и лавини доведоа до една од најтешките природни несреќи во историјата на Венецуела. Не толку одамна, силни поплави го разорија Мозамбик. Во сите три случаи, Јеховините сведоци брзо пристигнаа на местото на настанот со резерви од храна, вода, лекови, облека, шатори и прибор за готвење за жртвите. Медицински оспособените доброволци подигнаа импровизирани болници за да ги лекуваат повредените, а доброволните градежни работници правеа нови домови за оние што останаа без кров над главата.
Жртвите беа трогнати од навремената помош што ја добија. „Кога бевме најочајни, нашите браќа беа тука“, вели Малјори чиј дом беше збришан од лавина во Венецуела. Откако доброволците изградија сосем нов дом за нејзиното семејство, Малјори рече: „Не можеме доволно да му се заблагодариме на Јехова за она што го стори за нас!“ Кога, пак, жртвите на поплавите во Мозамбик ги примија клучевите од нивните новоизградени домови, целата група спонтано ја запеа песната на Царството „Јехова е наш заклон“.a
Помагањето на оние во оскудица беше освежувачко и за доброволците. „Се чувствував добро што можев да им бидам од корист на браќата кои претрпеа толку многу“, рече Марсело, кој служеше како медицинско лице во еден камп за бегалци во Мозамбик. Хуанг, доброволец во Тајван, рече: „Претставуваше голема радост да се учествува во доставувањето храна и шатори до браќата што беа во оскудица. Тоа ни ја зајакна верата“.
Програма на доброволци што има резултати
Доброволната работа им донела духовно освежување и на десетици илјади затвореници во светот. Како? Во изминативе години, Јеховините сведоци им дале библиска литература на повеќе од 30.000 поединци затворени во околу 4.000 затвори само во САД. Освен тоа, каде што е можно, Сведоците лично ги посетуваат затворите за да ја проучуваат Библијата со затворениците и да ги водат христијанските состаноци. Дали затворениците извлекуваат корист?
Некои затвореници што ја проучуваат Библијата почнуваат да ги делат освежувачките учења од Божјата реч со другите затвореници. Како резултат на тоа, во повеќе затвори низ светот сега има групи затвореници што заедно го обожаваат Јехова. „Нашата група цвета“, известил во 2001 еден затвореник во Орегон, САД. „Имаме 7 објавители на Царството и водиме 38 библиски студии. Повеќе од 25 присуствуваат на јавното предавање и студијата на Стражарска кула, а на Меморијалот (за Христовата смрт) имавме 39 присутни. Наскоро ќе се крстат уште тројца!“
Користи и радост
Службените лица во затворите забележале дека оваа програма со доброволци има резултати. Она што најмногу ги воодушевува службените лица е долгорочната корист од оваа програма со доброволци. Еден извештај забележува: „За десет години, колку што оваа програма постои, ниту еден ослободен затвореник што во затворот се крстил како Јеховин сведок не се вратил в затвор — наспроти стапката од 50 до 60 проценти што се враќаат од другите групи“. Поттикнат од резултатите што Сведоците доброволци ги постигнале, еден затворски капелан во Ајдахо во едно писмо до главното седиште на Јеховините сведоци рекол: „Иако лично не се согласувам со вашата теологија, многу сум импресиониран од вашата организација“.
Помагањето на оние што се в затвор се покажува наградувачко и за доброволците. Откако водел состанок со една група затвореници што за првпат пееле песна на Царството, еден доброволец рекол: „Беше охрабрувачки да се видат 28 мажи како се придружуваат во пеењето фалби на Јехова. И пееја гласно! Каква само предност е да се биде присутен во таква прилика!“ Еден доброволец што прави посети на затворите во Аризона рекол: „Колкав само благослов е да се има удел во ова специјално дело!“
Сведоците доброволци низ светот спремно се согласуваат со Исус, кој рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Исто така, потврдуваат дека следењето на библискиот совет да им правиме добро на сите, навистина освежува (Пословици 11:25).
[Фуснота]
a Види ја песната број 85 во песнарката Пејте му фалби на Јехова, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 8]
Венецуела
[Слика на страница 8]
Тајван
[Слика на страница 8]
Мозамбик