Бидете извршители — не само слушачи
1 Вистинските христијани денес го земаат при срце библискиот совет да бидат извршители на речта, а не само слушачи (Јак. 1:22). Ова ги става во остра спротивност со оние кои, иако изјавуваат дека се христијани, на Бог му служат само со уста (Иса. 29:13). Исус јасно навел дека само оние кои ја вршат Божјата волја ќе бидат спасени (Мат. 7:21).
2 Обожавањето без божествени дела е бесмислено (Јак. 2:26). Затоа може да се запрашаме: ‚На кој начин моите дела потврдуваат дека мојата вера е вистинска? Што покажува дека навистина живеам во склад со она во кое верувам? Како можам да го имитирам Исус попотполно?‘ Искрените одговори на овие прашања ќе ни помогнат да увидиме колкав напредок сме направиле или сѐ уште треба да правиме во вршењето на Божјата волја.
3 Како следбеници на Исус, мора да ја имаме истата примарна цел во животот како онаа што ја изразил псалмистот: „Со Бога ќе се фалиме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме“ (Псал. 43:8). Христијанството е начин на живот што секојдневно се манифестира во сѐ што правиме. Колкаво само задоволство наоѓаме додека во сите наши дејности ја покажуваме нашата искрена желба да го фалиме Јехова! (Фил. 1:11).
4 Давањето фалба на Јехова вклучува повеќе отколку само да се живее еден чесен живот: Ако доброто однесување е сѐ што бара Бог, тогаш би можеле едноставно да се концентрираме на подобрување на нашата личност. Меѓутоа, нашето обожавање вклучува и да објавуваме насекаде за Јеховините извонредности и да даваме јавна изјава за неговото име! (Евр. 13:15; 1. Петр. 2:9).
5 Јавното проповедање на добрата вест е едно од најважните дела што ги спроведуваме. Исус се посветил на ова дело бидејќи знаел дека тоа ќе значи вечен живот за оние кои ќе слушаат (Јован 17:3). И денес, ‚службата на словото‘ не е помалку важна; тоа е единственото средство преку кое луѓето можат да бидат спасени (Дела 6:4; Рим. 10:13). Согледувајќи ги далекосежните предности, можеме да сфатиме зошто Павле нѐ предупредил да го ‚проповедаме словото‘ и ‚итно да се држиме за него‘ (2. Тим. 4:2).
6 До кој обем би требало фалењето на Јехова да го опфати нашиот живот? Псалмистот рекол дека тоа било во неговиот ум по цел ден. Зарем ние не чувствуваме така? Да, и на секој контакт со некое друго лице ќе гледаме како на потенцијална можност да зборуваме за Јеховиното име. Ќе бараме соодветни прилики да го насочиме нашиот разговор кон духовните работи. Исто така, ќе настојуваме редовно да учествуваме во активностите за служба на подрачјето кои ги организира собранието. Оние чии околности го дозволуваат тоа, можат сериозно да размислуваат за пионерската служба, бидејќи таа ни помага делото на проповедање да го ставиме на прво место во нашиот секојдневен живот. Божјата Реч ни гарантира дека ако бидеме истрајни извршители на Божјата волја, ние ќе бидеме среќни (Јак. 1:25).