Надгледници кои преземаат водство — водители на Собраниската студија на книга
1 Извонредна предност е еден квалификуван старешина или слуга помошник да служи како водител на Собраниската студија на книга. Грижата за духовните потреби на оние кои се во неговата група е сериозна одговорност. Неговите должности се опфатени во три категории.
2 Вешто поучување: Потребна е темелна подготовка за водителот на Собраниската студија на книга да ѝ пренесе разбирање на групата секоја седмица. Тој настојува да го зголеми ценењето за материјалот што се проучува. Наместо самиот премногу да коментира за време на студијата, кога е потребно тој ќе постави соодветни дополнителни прашања за да ги извлече главните мисли од лекцијата. За него е предизвик да ја направи студијата интересна и поучна и да го вклучи секого во дискусијата. Неговата цел е да изгради духовно, да ја истакне практичната вредност на студијата и да направи материјалот да допре и до умот и до срцето (1. Сол. 2:13).
3 Корисно пастирење: Водителот на Собраниската студија на книга е „како заштита од ветар и засолниште за лошо време“ (Иса. 32:2). Тој навистина се грижи за сите во неговата група и води грижа да им се даде духовна помош кога некој од оние што се под негова надлежност е обесхрабрен (Езек. 34:15, 16; 1. Сол. 2:7, 8).
4 Ревносно евангелизирање: Водителот на Собраниската студија на книга е свесен дека треба да направи практични подготовки за сите во неговата група целосно да учествуваат во службата на теренот. Го презема водството во делото на евангелизирање, знаејќи дека редовноста, ревноста и воодушевеноста за службата што ги покажува тој ќе се одразат и кај другите од групата (Кол. 4:17; 2. Сол. 3:9). Со текот на времето, тој настојува да работи во службата со секој член од неговата група. Ако сакаме да ги изостриме нашите вештини за проповедање и поучување во службата, водителот на Собраниската студија на книга може да ни помогне да ја постигнеме таа цел (1. Тим. 4:16; 2. Тим. 4:5).
5 Навистина сме благословени со овие дарови во облик на луѓе кои се спремни да ни пружат духовна помош и поддршка полна со љубов (1. Сол. 5:14). Да го покажеме нашето ценење за оваа прекрасна подготовка од Јехова преку нашето редовно учество на студијата на книга и нашата верна поддршка на евангелизаторското дело (Евр. 10:25).