ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/9 стр. 27-29
  • Точки пред очите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Точки пред очите?
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Од каде доаѓаат?
  • Кога се заканува опасност
  • Превртената мрежница
    Разбудете се! 2011
  • Бескрајната разновидност на Земјата — како дошла овде?
    Разбудете се! 1997
  • И покрај болеста, задржете смисла за хумор
    Разбудете се! 2005
  • Дизајнер на роботи зборува за својата вера
    Разбудете се! 2013
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/9 стр. 27-29

Точки пред очите?

Веројатно сте ги виделе — мали сиви дамки кои бегаат од фокусот и се појавуваат како да пливаат пред очите. Можеби ќе ги забележите додека читате или кога ќе погледнете во светло обоен ѕид или во ведро небо.

АКО некогаш сте се обиделе да се сконцентрирате на некоја од овие дамки, веќе знаете дека не можете. Дури и со најмалото движење на очите се разбегуваат, па и тогаш кога некоја од нив ќе Ви се појави на видикот, сѐ уште не ќе можете да одредите што е тоа.

Што се овие дамки? Дали се на површината на очното јаболко или, пак, внатре? Трепнете со очните капаци без да ги движите очите. Ако точките го променат правецот или исчезнат, тогаш тие се наоѓаат на површината и не се тема на оваа статија.

Но, ако нема речиси никаква промена, тогаш тие се внатре, пливаат во стаклестото тело, течност која ја исполнува внатрешната комора на очното јаболко. Бидејќи се наоѓаат зад леќата на окото, тие остануваат замаглени. А бидејќи стаклестото тело е желатинозна маса која не е многу погуста од водата, тие можат да пливаат, отскокнувајќи настрана кога ќе се обидете директно да погледнете во некоја од нив. Оттука го добиле своето медицинско име — muscae volitantes, што значи „муви кои летаат“.

Од каде доаѓаат?

Но, од каде доаѓаат овие точки? Некои од нив се остатоци од извесни процеси кои се одвивале уште пред да се родите. На почетокот на развојот на бебето, внатрешноста на окото е прилично влакнеста. При раѓањето, овие влакненца и некои други клетки претрпуваат промени и стануваат стаклесто тело. Меѓутоа, некои клетки и ситни парченца од влакната можат да останат и слободно да пливаат. Исто така, кај неродените бебиња има еден канал кој поаѓа од очниот нерв кон леќата, а во него е сместена една артерија преку која се храни леќата. Оваа артерија атрофира и се апсорбира, обично пред раѓањето, но од неа можат да останат некои ситни делчиња.

Но, постојат и други причини. Дури и кај возрасниот човек, стаклестото тело не содржи само желатин. Тоа е обвиткано со нежна хијалоидна мембрана. Таа е припиена за мрежницата, која претставува обвивка од ткиво осетливо на светлина. Со неа е обложен поголемиот дел од внатрешноста на окото и таа го „лови“ она што го гледате. Хијалоидната мембрана е прицврстена за мрежницата по должината на целиот преден раб. Оттука радијално се протегаат ситни влакненца низ целото стаклесто тело.

Како што старееме, овие влакненца почнуваат да се собираат. Заради тоа, некои од нив се откинуваат. Стаклестото тело станува потечно, па така откинатите парчиња од влакната можат послободно да пливаат во него. И самото стаклесто тело се собира малку по малку и почнува да се одвојува од мрежницата, при што можеби ќе остави зад себе и други клеточни остатоци. Затоа, како што минуваат годините ќе гледате повеќе вакви „муви кои летаат“ како отпловуваат и се вртат во Вашето видно поле.

Друг извор на мали точки што пливаат можат да бидат крвните садови во мрежницата. Еден удар во главата или некој друг прејак притисок врз очното јаболко може да предизвика некој мал крвен сад да испушти низа од црвени крвни зрнца. Овие крвни зрнца се лепливи и затоа се напластуваат или формираат синџир. Поединечни клетки или пластови можат да преминат во стаклестото тело и ако останат во близината на мрежницата, можат да се видат. Организмот може да ги реапсорбира црвените крвни зрнца и затоа со текот на времето тие исчезнуваат. Меѓутоа, тие не можат да го добијат стручниот назив muscae volitantes бидејќи настанале од некоја мала повреда.

Дали појавата на точки пред очите покажува дека нешто не е во ред? Обично не. Луѓе со нормален вид, па дури и млади луѓе, ги гледаат и постепено учат да не им обрнуваат внимание. Но, извесни состојби можат да укажуваат на опасност.

Кога се заканува опасност

Ако одеднаш забележите многу повеќе дамки за разлика од порано, тоа би можело да значи дека се случува нешто што не е нормално. Ова е случај особено ако гледате и мали секавици во внатрешноста на очите. Овие појави доаѓаат од мрежницата, каде што светлината се претвора во нервни импулси. Дождот од точки и секавици обично е последица на нешто што се откачило од мрежницата. Како доаѓа до ова?

Мрежницата има цврстина и густина како влажно хартиено шамивче и исто толку е нежна. Слојот кој е осетлив на светлина е прицврстен за слојот што се наоѓа зад него и за стаклестото тело само по должината на предниот раб, потоа за очниот нерв, и со полабава врска за фокусниот центар. Стаклестото тело помага останатиот дел од мрежницата да остане на своето место. Окото е толку издржливо што дури ни ударите обично не ја раскинуваат мрежницата и не ја одвојуваат од нејзиното лежиште.

Меѓутоа, ударот може да предизвика оштетување кое ја ослабнува мрежницата во извесен нејзин дел или предизвикува мала гребнатинка или дупка. Таква дупка може да настане и затоа што стаклестото тело и мрежницата се прилепени — едно ненадејно движење или повреда предизвикува стаклестото тело да се вовлече во мрежницата и да дојде до мала гребнатинка. Тогаш течноста од стаклестата комора може да истече зад мрежницата и да ја измести од нејзиното лежиште. Ваквото нарушување доведува до зажарување на нервните клетки кои се осетливи на светлина, и ова се доживува како светкање.

Понекогаш ваквото отцепување е придружено со мали или големи крвавења бидејќи внатрешната површина на мрежницата има сопствена мрежа од крвни садови. Крвните клетки бегаат во стаклестото тело и нив ги гледаме како ненадеен налет на точки кои пливаат. Кратко потоа, кога ќе се откачи мрежницата, во видното поле се појавува еден превез, односно перде на слепило.

Значи, ако некогаш забележите нагло зголемување на бројот на дамки, особено ако се придружени со секавици, веднаш појдете кај офтамолог или во болница! Можеби се откачила мрежницата. Ако се откачи многу голем дел од мрежницата, можеби ќе биде невозможно да се преземат корективни мерки.

Дали веќе неколку години гледате точки пред очите, но без секавици? Веројатно нема причина за загриженост. Речиси сите гледаат вакви точки. Ако не им обрнувате внимание, тие нема да исчезнат, но мозокот ќе научи да ги потиснува сликите додека ги извршувате секојдневните активности. Фактот што можат да постојат без вистински да го оштетат видот е сведоштво за издржливата конструкција на окото и за приспособливоста на мозокот.

Сепак, пред да може со сигурност да се каже дека нема потреба од загриженост, луѓето на кои им се појавуваат точки кои пливаат треба да појдат на преглед кај офтамолог или кај оптичар.

[Рамка/слика на страница 29]

Потеклото на современата рефрактивна корекција

Ако на препорака на лекарот носите очила или контактни леќи, на некој начин за тоа се заслужни точките пред очите. Љубопитноста што ја предизвикале кај Франс Корнелс Дондерс, познат холандски лекар од 19 век, го навела да започне научно истражување на полето на физиологија и патологија на окото. Освен тоа што идентификувал некои причини за точки пред очите, тој открил дека далекувидоста се должи на скусувањето на очното јаболко и дека замаглениот вид при астигматизмот е предизвикан од нерамните површини на рожницата и леќата. Неговите истражувања го овозможиле развојот на препишувањето очила на лекарски рецепт.

[Слика]

Дондерс

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на National Library of Medicine

[Графикон на страница 28]

(Види во публикацијата)

Гребнатинка на мрежницата

Црвени крвни зрнца

Откачена мрежница

Очен нерв кој води до мозокот

Хијалоидна мембрана

Леќа

Зеница

Стаклесто тело

Крвни садови

Шареница

Цилијарно тело

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели