ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/2 стр. 6-11
  • Еден поглед на алтернативните терапии

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Еден поглед на алтернативните терапии
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Билни лекови
  • Додатоци на исхраната
  • Хомеопатија
  • Хиропрактика
  • Масажа
  • Акупунктура
  • Изборот е голем
  • Билни лекарства — можат ли да Ви помогнат?
    Разбудете се! 2004
  • Подобро здравје — нов правец?
    Разбудете се! 2001
  • Алтернативни терапии — зошто многумина ги користат
    Разбудете се! 2001
  • Масажата добра за бебиња?
    Разбудете се! 2006
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/2 стр. 6-11

Еден поглед на алтернативните терапии

„Неопходен е стручен дијалог помеѓу лекарите и оние кои практикуваат алтернативна медицина за да се подобри здравствената нега на пациентите кои се одлучуваат за алтернативни терапии.“

ОВАА изјава излезе од печат во The Journal of the American Medical Association (JAMA), издание од 11 ноември 1998. Статијата наведе: „Може да се очекува оваа потреба [од дијалог] да стане уште поголема со примената на алтернативни терапии, особено ако во плановите за здравствено осигурување ваквите терапии се вклучени во паричниот надомест што го нудат“.

Сѐ повеќе пациенти користат алтернативни терапии додека истовремено користат и поконвенционални облици на лекување. Сепак, некои не го информираат својот лекар за тоа. Од таа причина, Tufts University Health & Nutrition Letter од април 2000 поттикна: „Треба да постапувате во свој најдобар интерес заедно со Вашиот лекар, а не на своја рака“. Понатаму стоеше: „Сеедно дали тој или таа ќе го одобри Вашиот пристап, во Ваша корист ќе биде да ги споделите тие информации“.

Ова е речено заради можните здравствени ризици кои постојат кога извесни билки се комбинираат со конвенционалните терапии. Увидувајќи дека некои од пациентите се одлучуваат за алтернативни терапии, многу стручни лица од областа на здравството настојуваат да не дозволат нивните лични мислења за здравствената нега да ги спречат да соработуваат со алтернативните терапевти во корист на пациентот.

За да им дадеме на нашите читатели една претстава за алтернативните терапии кои во денешно време ги користат сѐ повеќе луѓе во многу земји, даваме краток опис на некои од нив. Меѓутоа, Ве молиме задржете на ум дека Разбудете се! не се залага за некоја од нив ниту за кој и да е друг облик на лекување.

Билни лекови

Овие лекарства можеби се највообичаен облик на алтернативна медицина. И покрај тоа што во медицината со векови се користат лековити билки, научниците грижливо проучиле само релативно мал број растителни видови. Еден уште помал број растенија и нивните екстракти се проучени толку темелно за да можеме да имаме информации во врска со нивната сигурност и ефикасност. Повеќето информации за билките се засноваат на искуството што е стекнато од нивната употреба во текот на историјата.

Меѓутоа, во последниве години беа извршени повеќе научни истражувања кои ја покажаа користа од употребата на извесни билки во третирањето на такви заболувања како што се блага депресија, губење на памтењето поврзано со стареењето и симптоми на бенигно проширување на простатата. Една билка која е изучена е сенегата, која понекогаш е позната и како отровница. Индијанците го вареле коренот и го користеле при менструални тегоби и при породување. Според Harvard Women’s Health Watch од април 2000, најновите истражувања покажуваат дека стандардизираниот германски комерцијален екстракт од сенега може да биде ефикасен „во ублажување на симптомите на менопаузата“.

Изгледа дека голем дел од побарувачката на вакви природни лекови е резултат на сфаќањето дека тие се побезбедни од синтетичките лекови. Иако честопати ова се покажало точно, некои билки предизвикуваат извесни нуспојави, особено ако се користат во комбинација со други медикаменти. На пример, една популарна билка која се промовира како природно средство против конгестија и како средство за слабеење може да го зголеми крвниот притисок и да го забрза пулсот.

Има и билки кои можат да го зголемат крвавењето кај пациентот. Ако овие билки се користат во комбинација со лекарства кои ја „разредуваат крвта“, може да настанат сериозни проблеми. Луѓето со хронични болести, како што се дијабетесот или високиот крвен притисок или, пак, оние кои земаат други лекарства, треба да бидат внимателни во врска со користењето билни лекови. (Видете ја придружната рамка.)

Друга причина за загриженост во однос на билните лекови е тоа што нема цврста гаранција за квалитетот при нивното производство. Во последниве години имаше извештаи за производи затруени со тешки метали и други отровни материи. Освен тоа, откриено е дека некои билни производи содржат малку или воопшто не ги содржат состојките што се наведени на етикетата. Овие примери истакнуваат дека е потребно да се купуваат билни производи и други медицински производи од реномирани и сигурни набавувачи.

Додатоци на исхраната

Додатоците на исхраната, како што се витамините и минералите, наводно помагаат во спречувањето и лекувањето на повеќе здравствени проблеми, вклучувајќи ја анемијата и остеопорозата — па дури и во спречувањето на некои вродени маани. Официјално препорачаните дневни дози на витамини и минерали се сметаат за релативно безбедни и корисни.

Од друга страна, пак, мегадозите кои се препорачуваат за лекување на некои болести можат да бидат опасни за здравјето. Постои можност да ја попречат апсорпцијата или активноста на други хранливи состојки и да предизвикаат сериозни нуспојави. Оваа можност, како и недостигот на силни докази во корист на употребата на витамини во мегадози, не треба да се занемари.

Хомеопатија

Хомеопатијата се развила во 1700-тите како поблаг облик на лекување од оние кои биле популарни во тоа време. Хомеопатијата е заснована врз начелото „каква болест таков лек“ и врз теоријата за минимално дозирање. Хомеопатските лекови се подготвуваат со постојано разредување на лековитиот агенс — понекогаш до тој степен што не останува ниту еден молекул од првобитната супстанција.

Меѓутоа, во споредба со примената на плацебо препарати, констатирано е дека хомеопатските лекови даваат резултати во лекувањето на астма, алергии и дијареја кај децата. Хомеопатските производи се сметаат за сосема безопасни, бидејќи се во многу разредена состојба. Во една статија објавена во JAMA, издание од 4 март 1998, било забележано следново: „За многу пациенти кои имаат хронични проблеми без да им е поставена конкретна дијагноза, хомеопатијата може да биде важен и корисен избор на лекување. Ако се користи во рамките на нејзините граници, хомеопатијата би можела да ја надополни современата медицина како ‚уште една алатка во торбата‘“. Меѓутоа, во итни случаи, кога во прашање е животот, можеби ќе биде помудро да се применат некои поконвенционални начини на лекување.

Хиропрактика

Има неколку алтернативни терапии во кои се применува манипулација со телото. Хиропрактиката спаѓа во најкористените алтернативни терапии, особено во Соединетите Држави. Се заснова на концептот дека оздравувањето може да се забрза кога ќе се поправат изместувањата на ’рбетот. Затоа хиропрактичарите се специјалисти за манипулација со ’рбетот при местењето на прешлените кај пациентите.

Конвенционалната медицина не може секогаш да ги ублажи тегобите во половината. Од друга страна, пак, некои пациенти кои се лекуваат со хиропрактика велат дека се многу задоволни. Ретки се доказите кои одат во прилог на примената на хиропрактиката кај други заболувања освен за намалување на болките.

Значајно е тоа што ретко доаѓа до несакани последици кога хиропрактиката ја применува вешт лекар. Сепак, во исто време треба да се биде свесен дека манипулацијата со вратот носи ризик од сериозни компликации, вклучувајќи мозочен удар и парализа. За да се намали ризикот од компликации, некои стручњаци препорачуваат лицето претходно темелно да се прегледа за да се види дали извесни стилови на манипулација се безбедни за него.

Масажа

Користите од масажата долго време се признати речиси во сите култури. Дури и во Библијата се известува за нејзината примена (Естира 2:12, NW). „Техниките на масажа играат важна улога во традиционалната кинеска и индиска медицина“, забележал British Medical Journal (BMJ ) од 6 ноември 1999“. „Европската масажа е систематизирана на почетокот на 19 век од Пер Хенрик Линг, кој ја измислил денес познатата шведска масажа“.

Масажата ги опушта мускулите, ја подобрува циркулацијата на крвта и ги отстранува токсините кои се наталожиле во ткивата. Сега лекарите препорачуваат масажа за тегоби како што се болки во грбот, главоболки и проблеми со варењето. Повеќето луѓе кои одат на масажа коментираат колку добро се чувствуваат после неа. Според д-р Сандра Мекланахан, „осумдесет проценти од болестите се поврзани со стрес, а масажата го намалува стресот“.

„Повеќето техники на масажа не носат голем ризик од несакани последици“, извести BMJ. „Контраиндикациите на масажата се темелат главно на здравиот разум (на пример, да се избегнува триење на изгореници или масажа на екстремитет со тромбоза на внатрешните вени) . . . Нема докази дека масажата кај пациенти заболени од рак го забрзува ширењето на метастазите“.

„Додека масажата станува сѐ позастапена, оние што одат на масажа се загрижени за квалификациите на масерите, а и треба да бидат“, забележал Е. Хјустон Лебрен, поранешен претседател на Американското здружение за терапија со масажа. Според советот на BMJ, за да се избегне непрофесионалност, „пациентите треба да проверат дали масерите се регистрирани кај соодветно законодавно тело“. Еден извештај од минатата година забележа дека само во 28 држави во Соединетите Држави терапевтите имале дозвола за работа.

Акупунктура

Акупунктурата е техника на лекување која стана многу популарна во целиот свет. Иако терминот „акупунктура“ опфаќа неколку различни техники, најчесто вклучува користење на многу тенки игли кои се забодуваат во конкретни места на телото за да се постигне терапевтска реакција. Истражувањата што беа направени во изминативе неколку децении покажуваат дека акупунктурата во некои случаи може да дејствува на тој начин што ослободува неврохемикалии, како што се ендорфините, кои можат да помогнат во намалувањето на болката и на воспалението.

Некои истражувања покажуваат дека акупунктурата може да биде ефикасна во лекувањето на прилично многу заболувања и дека е безбедна алтернатива на користењето анестетици. Светската здравствена организација ја признава примената на акупунктура во лекувањето на 104 болести. И еден одбор што го избра Националниот здравствен институт на САД наведе докази дека акупунктурата е прифатлива терапија во лекувањето на постоперативни болки, болки во мускулите, менструални грчеви и гадење и повраќање предизвикано од хемиотерапија или бременост.

Иако акупунктурата ретко е придружена со сериозни нуспојави, некои луѓе може да почувствуваат болка, умртвеност или морници. Со исправно стерилизирање на иглите или со користење игли за еднократна употреба може да се намали ризикот од инфекција. Многумина од оние кои лечат со акупунктура немаат медицинска обука која е потребна за да постават исправна дијагноза или за да препорачаат други посоодветни терапии. Не би било мудро да се игнорира овој недостаток на медицинска стручност, особено ако се одлучувате за акупунктура како помош во ублажувањето на симптомите на некои хронични болести.

Изборот е голем

Досега споменатите терапии се само неколку од многуте кои денес на некои места обично се нарекуваат алтернативни. Во иднина, некои од нив, како и други кои не ги разгледавме сега, можеби ќе станат конвенционални, како што веќе е случај во некои делови од светот. Се разбира, други можеби ќе престанат да се користат, па дури и ќе дојдат на лош глас.

За жал, болките и болестите се дел од човечкото искуство, токму онака како што Библијата прецизно наведува: „Знаеме дека целото создание заедно воздивнува и заедно е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Нормално е да се очекува луѓето да бараат лек. Но, каде можат да се обратат? Ве молиме, разгледајте некои забележувања кои можат да Ви бидат од помош при изборот на лекување.

[Рамка/слика на страница 8]

Комбинирање билки со лекови — какви се ризиците?

Луѓето честопати се опоменувани да не земаат извесни лекови кои им се дадени на лекарски рецепт во комбинација или, пак, заедно со алкохолни пијалаци. Дали е опасно да се земаат и одделни билки заедно со препишани медикаменти? Колку е вообичаена оваа практика?

Една статија во The Journal of the American Medical Association зборувала за „истовременото користење на препишани медикаменти и билки“. Таму била дадена следнава забелешка: „Од 44% возрасни кои рекле дека редовно ги земаат лековите што им се препишани, речиси секој 5-ти (18,4%) известил дека истовремено користи барем еден производ на билна база, големи дози на некој витамин или и едното и другото“. Важно е да бидете информирани за можните опасности од оваа практика.

Оние кои земаат извесни производи на билна база треба да обрнат внимание на тоа и ако се подложуваат на некој медицински зафат за кој е потребна анестезија. Д-р Џон Нилд, претседател на Американското здружение на анестезиолозите, објаснил: „Има извештаи од лично искуство дека некои популарни билки, вклучувајќи ги гин-сенгот и кантарионот, можат да предизвикаат големо варирање на крвниот притисок. Тоа би можело да биде многу опасно за време на анестезијата“.

Овој лекар додал: „Други, како што се гинко, ѓумбир и попадиче, можат да сметаат во коагулацијата на крвта, што претставува посебна опасност додека трае епидуралната анестезија — ако настане крвавење во близината на ’рбетниот столб, може да дојде до парализа. Кантарионот може да го засили дејството на некои наркотици или анестетички лекови“.

Јасно, многу е важно да се знае кои се потенцијалните опасности од комбинираното земање одделни билки и лекови. Особено трудниците и доилките треба да бидат свесни за можните оштетувања на нивните деца како резултат на комбинацијата на извесни билки и лекови. Затоа, пациентите се охрабрени да разговараат со својот лекар кои лекови да ги земат, сеедно дали станува збор за алтернативни или за други лекови.

[Слики на страница 7]

Извесни билки се корисни во лекувањето здравствени проблеми

Сенега

Кантарион

[Извор на слика]

© Bill Johnson/Visuals Unlimited

[Слика на страница 7]

За да се постигнат најдобри резултати, пациентите и стручните здравствени лица треба да соработуваат

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели