ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/12 стр. 15-16
  • Тие забавни мали ловци

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тие забавни мали ловци
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Соработка
  • Вреди да се набљудуваат
  • Мајчината поврзаност со нејзините бебиња
    Разбудете се! 1997
  • Да се подига бебе во дивината
    Разбудете се! 2001
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Кога ќе рикне лавот
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/12 стр. 15-16

Тие забавни мали ловци

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА

СТОЕШЕ на задните нозе на жешкото сонце, цврсто држејќи се за тенките гранки додека со опашката одржуваше рамнотежа како да е некој триножник. Со огромна концентрација, тој ги разгледуваше небото и земјата за да забележи некаков знак за опасност. Со своите периодични кратки звуци бррр ги уверуваше своите другари дека сѐ е во ред додека бараат храна во близината. Тој ќе остане на должност сѐ додека не го замени некој од неговите пријатели — дури и ако помине уште цел час!

Кое е ова суштество? Тоа е сурикатот. Долго околу 40 сантиметри од носот до врвот на опашката, ова минијатурно месојадно животно е многу дружељубиво и живее во тесно поврзани колонии од 10 до 30 единки.

Секое утро кога сурикатите ќе излезат од дувлото, целата група ќе се построи на задните нозе и ќе застане свртена кон изгрејсонцето за да се стопли по ноќниот студ. Таму нежно се чистат еден со друг, додека во исто време пријателски квичат. Овие љубезни постапки можат да траат половина час, па и повеќе. Но, наскоро сите се растрчуваат поаѓајќи во дневниот лов.

Организираниот пристап на сурикатите кон ловот осигурува постојана снабденост со инсекти и мали влекачи. А колкав е само нивниот апетит! За да го задоволат треба да вложат толкав труд што напладне повеќето од нив ќе дремат во сенката на некоја грмушка или дрво, при што некои ќе ископаат куп студен песок и ќе се испружат врз него.

Но, зошто им е потребен стражар? Затоа што и овие ловци се привлечен плен. Додека сурикатот енергично копа низ тврдата почва — повремено пренесувајќи товар неколку пати поголем од неговата тежина само за да најде една ларва — тој е примамлива мета за будните чакали или мршојадци.

Што ако стражарот почувствува опасност? Неговиот ненадеен придушен извик предизвикува моментална реакција — луда трка кон најблиската дупка. Меѓутоа, ако предупредувачките извици на стражарот сигнализираат дека се приближува некоја соперничка колонија од сурикати, домашната група нема да избега. Наместо тоа, тие ќе останат заедно, со свиткани грбови и накострешени, а опашките ќе ги подигнат како антени. Групата ќе квичи додека се приближува кон натрапниците, некои ќе скокаат горе-долу со вкочанети нозе како да играат воен танц. Овој обединет фронт честопати е доволен за да ги растера соперниците.

Соработка

Сурикатите честопати соработуваат меѓусебно. Ова е особено очигледно во начинот на кој се грижат за своите мелечки. Првите неколку седмици откако ќе се родат, овие новодојденчиња се во центарот на вниманието. Другите сурикати од групата постојано ја посетуваат мајката и младенчињата. А колкаво само добредојде им се изразува кога таа за првпат ќе ги изнесе од дувлото! Целата колонија доаѓа за нежно да ја грицне за вратот, радосно квичејќи, и нежно да ги почешаат новодојденчињата.

Во текот на неколку седмици, целата група ќе помага во грижата за малечките. Повеќето нестрпливо ќе се менуваат да ги чуваат додека другите одат на лов. Некои женки што немаат свои малечки спонтано лачат млеко за да учествуваат во исхраната — со што се намалува стресот врз мајката. Целата оваа трудољубивост не ѝ остава многу време на дадилката да бара храна. Затоа, некои изгубиле и 10 проценти од тежината додека помагале во грижата за некое новороденче!

Кога малечките ќе пораснат доволно за да излезат од дувлото и да се придружат во секојдневниот лов, спремните возрасни единки трпеливо се менуваат поучувајќи го секое младенче во вештините на ловење. Честопати најдобриот улов им се дава на малечките, дури и ако тоа значи дека возрасните ќе останат малку погладни тој ден. Ако предупредувачкиот извик на стражарот им сигнализира на сурикатите да се разбегаат во своите дупки, барем еден од нив ќе се погрижи и младенчињата безбедно да стигнат таму.

Вреди да се набљудуваат

Сурикатите брзо се припитомуваат и многу се нежни. „Општо земено“, забележува Maberly’s Mammals of Southern Africa, „овие интересни животинчиња сигурно спаѓаат во најпривлечните, најшармантните и најмилите цицачи во јужна Африка и секогаш вреди да се одвои време за да се набљудуваат.“

Ален, кој со години снимал сурикати, се согласува со тоа. Тој се сеќава на една прилика кога женката излегла од дувлото носејќи го во устата своето бебе старо четири дена и, квичејќи кон него, му го оставила крај нозете. Ален мислел дека е мртво. „Но, кога нежно го подигнав“, вели тој, „сфатив дека е живо и дека таа само сакаше да ми го покаже прво мене, пред да нагрнат другите сурикати за да ѝ честитаат. Бев толку вчудовиден што не ни помислив да го фотографирам.“

Силви, која исто така со години набљудува сурикати во дивината, со наклоност се сеќава на едно рано утро кога лежела на земја покрај дувлото кога се појавиле сурикатите. Се построиле на својот вообичаен начин неколку сантиметри оддалечени од неа и го започнале ритуалот на чистење и галење. Кога им прозборела, тие ѝ одговориле со квичење. Силви нежно го испружила прстот кон првиот, една женка, и почнала да ја гали — веднаш до увото. Женката запретала од задоволство и почнала да го гали следниот во редот. „Ме прифатија во својата церемонија на милување“, извикна Силви. „Каква предност!“

Оние што поминале многу време со сурикатите имаат да раскажат многу анегдоти. Навистина, тие се забавни мали ловци!

[Слики на страница 15]

Стражар на должност

Загревање пред да почне дневниот лов

Растерување на непријателот

[Извор на слика]

Сите фотографии: © Nigel J. Dennis

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели