Артритис — осакатувачка болест
„НЕ МОЖЕТЕ НИ ДА СИ ЈА ЗАМИСЛИТЕ БОЛКАТА СЀ ДОДЕКА НЕ ЈА ДОЖИВЕЕТЕ. СИ МИСЛЕВ ДЕКА ЕДИНСТВЕН НАЧИН ДА НАЈДАМ ОЛЕСНУВАЊЕ Е ДА УМРАМ“ (СЕЦУКО, ЈАПОНИЈА).
„БИДЕЈЌИ ОВАА БОЛЕСТ ЈА ИМАМ УШТЕ ОД МОЈАТА 16-ТА ГОДИНА, ИМАМ ЧУВСТВО ДЕКА МИ ЈА УКРАДЕ МЛАДОСТА“ (ДАРЕН, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА).
„ИЗГУБИВ ДВЕ ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ БИДЕЈЌИ БЕВ ВРЗАНА ЗА ПОСТЕЛА“ (КАТЈА, ИТАЛИЈА).
„ШТОМ ПОЧНАА ДА МЕ БОЛАТ СИТЕ ЗГЛОБОВИ, ЦЕЛИОТ МОЈ ЖИВОТ СЕ ПРЕТВОРИ ВО БОЛКА“ (ЏОЈС, ЈУЖНА АФРИКА).
ОВА се жалосни изјави на жртви на болеста позната како артритис. Секоја година милиони болни од артритис одат на лекар за да најдат олеснување од болката, неподвижноста и деформитетите што може да ги предизвика.
Само во Соединетите Држави има повеќе од 42 милиона болни од артритис, при што секое 6. лице станува инвалид. Всушност, артритисот е главна причина за инвалидност во таа земја. Оваа болест влијае врз економијата „приближно исто како една просечна рецесија“, наведува Националниот центар за контрола и превенција на болестите, бидејќи годишно ги чини Американците повеќе од 64 милијарди долари во лекарски трошоци и изгубена продуктивност. Според Светската здравствена организација, истражувањата во неразвиените земји, како што се Бразил, Индија, Индонезија, Кина, Малезија, Мексико, Пакистан, Тајланд, Филипините и Чиле, покажаа дека проблемот со артритисот и со другите ревматски заболувања во тие земји е речиси „еднаков на проблемот во индустријализираниот свет“.
Заблуда е дека артритисот е болест само на старите луѓе. Точно, болеста станува потешка кај луѓето што стареат. Но, еден од најчестите облици, ревматоидниот артритис, обично ги погодува лицата на возраст од 25 до 50 години. Во Соединетите Држави, речиси 3 од секои 5 лица со артритис се помлади од 65 години. И во Велика Британија, 1,2 милиона од вкупно 8 милиони болни се помлади од 45 години. Повеќе од 14.500 од нив се деца.
Секоја година, бројот на болни од артритис рапидно расте. Во Канада, во текот на следната деценија, бројот на луѓе што ќе имаат артритис ќе порасне за еден милион. Иако појавата на артритис е поголема во Европа отколку во Африка и Азија, оваа болест сѐ почесто се јавува и на вториве два континента. Сѐ почестата појава на артритис ја наведе Светската здравствена организација да ја прогласи 2000—2010 за Деценија на коските и зглобовите. Во овој период лекарите и здравствените специјалисти во светот ќе соработуваат во обидот да го подобрат квалитетот на животот за оние што страдаат од мускулоскелетни заболувања како што е артритисот.
Што знаеме за оваа тешка болест? Кај кого постои ризик да заболи? Како можат оние што боледуваат од артритис да се справат со неговите осакатувачки последици? Дали во иднина ќе се најде лек? Следните статии ќе дискутираат на овие теми.
[Извор на слика на страница 3]
Рендгенска снимка: Со љубезна дозвола на Кампањата за истражување на артритисот, Велика Британија (www.arc.org.uk)