Можеш да најдеш вистинска среќа!
ИЗГЛЕДА многу луѓе во светот мислат дека ако имаат скапа кола, многу пари, успешна кариера, голема куќа и најнови електронски апарати, и ако добро изгледаат, го нашле клучот за среќата. Но, дали среќата навистина зависи од материјалните поседи и од убавиот надворешен изглед?
Во еден специјален извештај што излезе во списанието Time се вели дека во последно време имало вистинска „експлозија на истражувања за среќата, оптимизмот, позитивните емоции и пожелните карактерни црти“. Но, мнозина биле изненадени од резултатите до кои се дошло. Доказите, кои просто зачудуваат со својата доследност, покажуваат дека луѓето што се убедени дека парите, славата или убавината ќе ги направат среќни, се лажат самите себе. Всушност, тие го градат својот живот врз лош темел и можат многу да му наштетат на своето душевно здравје, па дури и да паднат во депресија.
Во Соединетите Држави, многу луѓе се побогати од кога и да е порано. „Но, во основа, ова не нѐ прави и многу посреќни“, се вели во списанието Time. Се разбира, истово може да се каже и за луѓето што живеат во други земји. На пример, во Кина, каде што економијата доживува вистински процвет, бројот на несреќни луѓе е во драматичен пораст. Таму самоубиството станува „водечка причина за смртта на лица кои се на возраст од 15 до 34 години“, се вели во списанието Access Asia. Изгледа дека еден фактор што придонесува за ваквата состојба е притисокот што се врши врз младите да успеат во еден суров свет, чија главна цел е кариеризам и стекнување на материјално богатство.
Значи, јасно е дека материјалниот напредок не ги намалува грижите и стресот; напротив, ги зголемува. „Самиот начин на живот сега станува главна причина за нашата емотивна и душевна нестабилност“, гласи заклучокот од едно универзитетско истражување. Ван Вишард, аналитичар на општествените текови, изјавил дека „компаниите што им плаќаат здравствено осигурување на своите вработени мораат да даваат сѐ повеќе пари за проблеми поврзани со душевното здравје“.
Дури и децата се погодени од брзите промени што се случуваат во светот. Веќе има книги за осумгодишници во кои им се даваат совети „како да ги препознаат симптомите на стресот и како да се справат со него“, вели Вишард. Според една статистика за депресијата, во многу западни земји стапката на деца кај кои е дијагнозирана депресија расте за неверојатни 23 отсто годишно. Што е уште полошо, „најбрзо се зголемува бројот на дечиња на претшколска возраст што веќе мораат да примаат антидепресивни лекарства“.
Освен тоа, сѐ повеќе расте и стравот — и тоа не само од економска несигурност. Бидејќи и политичкиот и религиозниот фанатизам се во подем, многу луѓе се тресат од страв бидејќи не знаат што ги чека утре. Дали некаде може да се најде помош?
Пред околу две илјади години, Исус Христос поучувал за еден поинаков начин на живот што освежува и го намалува стресот. Темелот на неговото учење била една едноставна, но длабока вистина. „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“, рекол тој (Матеј 5:3). Да, Исус ги охрабрил оние што го слушале да размислат длабоко за најголемата потреба на човекот — потребата да ја дознаат духовната вистина за Творецот и за неговата намера со нас.
Во следните статии ќе видиме како таа вистина може да ни помогне да одредиме што е навистина важно, и како можеме да водиме еден посреќен и поисполнет живот. Оваа духовната вистина ни дава и светла надеж за иднината.
[Истакната мисла на страница 3]
Дали среќата зависи од материјалните поседи?