Поглед во светот
◼ На улиците на Мексико Сити, во период од 15 месеци биле најдени 82 напуштени новороденчиња, од кои 27 биле мртви (EL UNIVERSAL, МЕКСИКО).
◼ При проучувањето на пештерите во два национални парка во Калифорнија (САД), биле откриени 27 нови видови животни. „Ова само потврдува колку малку знаеме за светот околу нас“, вели Џоел Диспејн, специјалист за пештери при Службата за национални паркови (SMITHSONIAN, САД).
◼ Дваесет отсто од светското население нема вода за пиење. Четириесет отсто немаат водовод и канализација (MILENIO, МЕКСИКО).
◼ Само во националниот парк Серенгети, крадците на животни убиваат од 20.000 до 30.000 животни годишно (THE DAILY NEWS, ТАНЗАНИЈА).
◼ Анкетите што беа спроведени во Барселона (Шпанија), открија дека секој трет ученик на возраст од 16 години редовно пуши марихуана (LA VANGUARDIA, ШПАНИЈА).
Бактерии во канцеларија
Микробиолозите од Универзитетот Аризона го мереле количеството бактерии во канцелариите во неколку градови во САД. Тие откриле дека „петте места на кои има најмногу бактерии се (по редослед) телефоните, бироата, чешмите, рачките на микробрановите печки и тастатурите“, се вели во весникот Globe and Mail. Според овој извештај, „на едно биро има 100 пати повеќе бактерии отколку на кујнската маса и 400 пати повеќе бактерии отколку на капакот од една ВЦ-шолја“.
„Христијани само на збор“
За Филипините се вели дека се единствената „христијанска“ земја во Азија. Но, бискупот Ефраин Тендеро од Филипинскиот концил на евангелските цркви изјавил: „Повеќето од нас се христијани само на збор, но не и на дело“. Во весникот Manila Bulletin се вели дека за ова делумно се виновни и црковните водачи, кои не „го поучиле народот за она што стои во Библијата и не развиле кај нив ценење за неа“. Се вели дека во некои црковни проповеди главно се зборува за политика, а не за Библијата.
Луѓето и животните се борат за опстанок
„Сѐ почесто се слуша дека бабуните и хиените ги напаѓаат луѓето во Сомалија, која е погодена од суша“, стои во весникот The East African од Најроби. Во една битка за вода загинале неколку бабуни, а некои сточари биле повредени. Се известува дека мајмуните чекаат во групи на „стратешки крстосници или на мостови“ и ги напаѓаат камионите што носат производи на локалните пазари. „Често можат да се видат животни како бегаат со гроздови банани или [големи] лубеници“, се додава во весникот.
Поморскиот сообраќај влијае врз крајбрежната клима
Густиот поморски сообраќај може да влијае врз климата на крајбрежјето, се известува во германскиот весник Kölner Stadt-Anzeiger. Истражувачите при Институтот за метеорологија Макс Планк, во Хамбург, ги анализирале облачните маси над Ла Манш. Увиделе дека облаците над крајбрежјето станале поретки, а оние над поморските патишта станале погусти. Се смета дека ова е последица од издувните гасови од бродовите. Се претпоставува дека честичките од чадот што излегува од бродовите служат како јадра за кондензација, и на тој начин се формираат повеќе капки. Весникот вели дека денес „потрошувачката на гориво на бродовите е четири пати поголема отколку пред 50 години“.