ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 8/07 стр. 12-14
  • Како да ги прекинам оговарањата?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како да ги прекинам оговарањата?
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Оговарање на мрежа
  • Корисно оговарање?
  • Внимателно насочувај го разговорот!
  • Кога ти си предмет на оговарање
  • Најдобрата одбрана
  • Што има толку лошо во оговарањето?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Што има толку лошо во оговарањето?
    Разбудете се! 1999
  • Што ако другите ме озборуваат?
    Младите прашуваат
  • Како да ги понудиш списанијата
    Нашата служба за Царството 2007
Разбудете се! 2007
g 8/07 стр. 12-14

Младите прашуваат...

Како да ги прекинам оговарањата?

„Еднаш отидов на една забава, и следниот ден беше пуштен глас дека сум спиела со еден од дечките што беа на забавата. Нема врска!“ (Лидија).a

„Понекогаш ќе си чујам муабети дека одам со некоја девојка — и тоа со девојка што, всушност, не ја ни познавам! Многу луѓе што оговараат не се ни трудат да проверат дали она што го кажуваат е вистина“ (Михаел).

ОГОВАРАЊЕТО може да внесе во твојот живот повеќе сплетки отколку што има во еден филм. Деветнаесетгодишната Анита добро го знае тоа. „Јас сум дежурна жртва“, вели таа. „Имаше муабети дека сум била бремена, дека сум абортирала, дека сум продавала дрога, дека сум купувала дрога и дека сум се дрогирала. Зошто луѓето кажуваат вакви работи за мене? Право да ви кажам, немам поим!“

Оговарање на мрежа

Кога твоите родители биле тинејџери, најновиот трач најчесто се ширел од уста на уста. Но, денес оговарањето премина на висока технологија. Опремен со Интернет и пораки што се испраќаат за дел од секундата, некој што има злобни намери може да те оцрни без да изрече макар и збор. Сѐ што треба е да стисне неколку копчиња, и злобниот трач веќе е на пат до десетици љубопитни очи.

Некои велат дека Интернетот брзо го заменува телефонот како омилено средство за оговарање. Во некои случаи се отвора цела веб-страница само за некој да биде понижен. Но, најчесто се користат блогови — веб-страници што содржат лични дневници — кои изобилуваат со трачеви што никој не би се осмелил да ти ги каже в лице. Во една анкета, 58 отсто од младите рекоа дека за нив се ширеле подли муабети на Интернет.

Но, дали секогаш е лошо да зборуваш за другите? И има ли воопшто...

Корисно оговарање?

Дали оваа изјава е точна или не?

Оговарањето секогаш е лошо. ◻ Да ◻ Не

Кој е точниот одговор? Па, зависи од тоа што подразбираш под „оговарање“. Ако овој збор едноставно значи лежерен, неформален разговор, тогаш понекогаш може да биде и во ред. На крајот на краиштата, и Библијата ни вели да „се интересираме за животот на другите“ (Филипјаните 2:4, New Century Version). Но, тоа не значи дека треба да се мешаме таму каде што не ни е местото (1. Петрово 4:15). Меѓутоа, од неформалните разговори честопати се дознаваат корисни информации како, на пример, кој ќе се мажи или жени, кој ќе има бебе и на кого му треба некаква помош. Да бидеме искрени — не можеме да кажеме дека се грижиме за другите ако никогаш не зборуваме за нив.

Сепак, неформалните разговори лесно можат да преминат во штетно оговарање. На пример, една наивна забелешка како „Тони и Сара би биле добар пар“, може да се прераскаже како „Тони и Сара се добар пар“ — иако Тони и Сара немаат поим за нивната наводна врска. Можеби ќе речеш: ‚Ништо страшно!‘  — но само ако ти не си Тони или Сара!

Јулија (18) била жртва на такво оговарање, и била многу повредена. „Бев многу лута“, вели таа, „и почнав да се прашувам дали вреди да имам доверба во другите.“ Џејн (19) била во слична ситуација. „На крајот почнав да го избегнувам дечкото со кого, според муабетите, одев“, вели таа и додава: „Сето тоа не беше фер зашто ние бевме пријатели и мислам дека имав право да зборувам со него без да се шират разни трачеви“.

Очигледно, штетното оговарање има далекосежни лоши последици. Сепак, мнозина што биле повредени од такви оговарања веднаш ќе признаат дека и самите оговарале. Факт е дека, кога се кажуваат некои навредливи работи за некого, големо е искушението да се вклучиш во разговорот. Зошто? Филип (18) вели: „Тоа е еден вид бегство. Луѓето повеќе сакаат да се занимаваат со туѓите проблеми отколку со своите“. Но, што можеш да направиш ако еден наивен муабет премине во штетно оговарање?

Внимателно насочувај го разговорот!

Помисли колку треба да си вешт за да возиш на еден прометен автопат. Можеби ќе се случи нешто неочекувано и ќе мораш да преминеш во друга лента, да подзабавиш или да застанеш. Ако си внимателен и свесен, ќе предвидиш што може да се случи и ќе реагираш исправно.

Слично е и со разговорите. Обично можеш да осетиш кога некој разговор преминува во штетно оговарање. Кога ќе се случи тоа, можеш ли, така да се каже, вешто да преминеш во друга лента? Ако не го направиш тоа, биди свесен дека оговарањето може да нанесе штета. „Еднаш кажав нешто лошо за една девојка — дека е луда по машки — и тоа стигнало до нејзини уши“, вели Михаел. „Никогаш нема да го заборавам нејзиниот глас кога дојде кај мене. Толку беше повредена од моите непромислени зборови. Подоцна ги средивме работите меѓу нас, но не ми беше мило што така ја повредив.“

Точно е дека е потребна храброст за да ставиш кочници на некој разговор што преминал во оговарање. Сепак, како што вели Каролина (17): „Мораш да пазиш што ќе кажеш. Ако не си чул од проверени извори, може да се случи да шириш лаги“.

За да не се вплеткаш во штетно оговарање, послушај ги советите од овие библиски стихови:

„Многуте зборови не остануваат без грев, а кој си ги зауздува усните, постапува разборито“ (Изреки 10:19). Колку повеќе зборуваш толку поголема е веројатноста да кажеш нешто за кое подоцна ќе се каеш. А и подобро е да бидеш познат како тивок човек што знае да слуша отколку како некој што не знае да затвори уста.

„Срцето на праведникот промислува што ќе одговори, а од устата на злите луѓе извира зло“ (Изреки 15:28). Размисли пред да кажеш нешто!

„Зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (Ефешаните 4:25). Пред да пренесеш некоја информација, увери се дека е точна.

„Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31). Пред да пренесеш макар и точна информација за некого, запрашај се: ‚Како би се чувствувал да бев јас на негово место и некој за мене да го кажеше тоа?‘

„Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Римјаните 14:19). Дури и точните информации може да бидат штетни ако не се кажани за да се изградуваме.

„Да се трудите мирно да живеете, да си ја гледате својата работа и да работите со своите раце“ (1. Солуњаните 4:11). Не се преокупирај со туѓи работи. Има подобар начин да го искористиш времето.

Кога ти си предмет на оговарање

Точно дека треба да си го контролираме јазикот и да не ги оговараме другите. Но, кога ти си предмет на оговарање, можеби уште посериозно ќе ја сфатиш работата. „Си мислев дека никогаш повторно нема да имам пријатели“, вели Ана (16), која била жртва на злобно оговарање. „Имаше ноќи кога заспивав плачејќи. Се чувствував како да е уништено сѐ што било добро кај мене!“

Што можеш да направиш ако станеш жртва на неосновани муабети?

◼ Обиди се да сфатиш што стои зад зборовите. Обиди се да сфатиш што ги поттикнува другите да оговараат. Некои го прават тоа за да станат популарни, да изгледа дека знаат сѐ што се случува. „Тие сакаат луѓето да мислат за нив дека се ‚кул‘ само затоа што зборуваат за другите“, вели Кристина (14). Поради недоволната самодоверба, некои млади зборуваат лошо за другите само за тие самите да се чувствуваат подобро. Рената (17) кажува уште една причина зошто некои оговараат. „Досадно им е“, вели таа. „Сакаат да се забавуваат и да си го направат животот поинтересен со тоа што ќе пуштат некои муабети.“

◼ Контролирај си ги чувствата. Кога некој е повреден од нечие оговарање и не ги контролира срамот и огорченоста, може да направи нешто за кое подоцна ќе се кае. „Кој се гневи брзо, прави глупости“, пишува во Изреки 14:17. Иако е полесно да се каже отколку да се направи, сепак во таков момент треба да се покаже повеќе од вообичаено самосовладување. Така нема да паднеш во истата замка во која се нашле оние што те оговарале.

◼ Обиди се да ја видиш вистинската намера. Запрашај се: ‚Дали сум сигурен дека она што го чув навистина било кажано за мене? Дали е трач или само сериозно недоразбирање? Да не сум претерано осетлив?‘ Се разбира, за штетното оговарање нема оправдание. Но, со тоа што ќе реагираш претерано може да си направиш само поголема штета. Добро е да размислуваш како Рената, која вели: „Обично ме боли кога некој ќе рече нешто лошо за мене, но се трудам да не го сфатам тоа премногу сериозно. И онака следната седмица веројатно ќе зборуваат за некој друг.“b

Најдобрата одбрана

Библијата отворено кажува дека „сите ние честопати грешиме“ и додава: „Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото тело“ (Јаков 3:2). Затоа, не е мудро сериозно да го сфатиме секој збор што ќе биде кажан за нас. Во Проповедник 7:22 пишува: „Срцето твое добро знае дека и ти многу пати си ги колнел другите“.

Кога ќе станеш предмет на злобно оговарање, најдобрата одбрана ќе ти биде доброто однесување. Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Затоа, труди се да бидеш пријатен и љубезен. Можеби ќе се изненадиш колку брзо ќе ги прекинеш оговарањата — или барем полесно ќе ги поднесеш последиците.

[Фусноти]

a Имињата во оваа статија се сменети.

b Во некои случаи можеби ќе биде подобро отворено, но тактично да разговараш со оној што те оговарал. Но, најчесто тоа нема да биде потребно затоа што „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Што ќе те спречи да шириш муабети за другите?

◼ Како ќе реагираш ако некој те оговара?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели