Уникатен град од хартија
ГРАД од хартија? Да, но не вистински град, туку макета. Станува збор за Прага, главниот град на Република Чешка, чија макета се чува во Националниот музеј на Прага. Таа е дело на Антонин Лангвејл кој работел на неа 11 години, од 1826 до 1837, годината кога починал. Што го поттикнало Лангвејл да се зафати со ваков голем потфат?
Лангвејл е роден во 1791 год. во градот Постолопрти, во денешна Република Чешка. По завршувањето на студиите по литографија на Ликовната академија во Виена, ја отворил првата литографска работилница во Прага. Но, бидејќи не се снаоѓал добро со управувањето на работилницата, по некое време морал да ја затвори. Во 1826 год., на една изложба во Прага видел гипсена макета на градот Париз. Така дошол на идеја да направи макета на Прага, главно од картон со додатоци од дрво.
Но, пред да почне со проектот, Лангвејл неколку години внимателно ги набљудувал деталите на градот. Ја поминал секоја улица, правејќи скици и забележувајќи ја точната локација на секоја градба, секоја клупа, секоја шупа, секој споменик и секое дрвце. На скиците ги вклучил дури и бурињата што ги видел на земјата, скршените прозорци, една скала потпрена на ѕид и куп дрва за огрев! Откако ги завршил скиците, почнал да работи на макетата во размер од 1:480. За да заработи повеќе, тој правел и макети на куќите на благородниците.
Во 1837 год., Лангвејл се разболел од туберкулоза и починал во јуни истата година, оставајќи зад себе жена и пет ќерки. Три години подоцна, неговата макета станала сопственост на институцијата што денес е позната како Народен музеј. Како стигнала таму? Во 1840 год., вдовицата на Лангвејл му ја понудила на царот Фердинанд I кој ја купил и потоа ја донирал на музејот. Макетата била пренесена во девет сандаци. Подоцна, претставник на Музејот на град Прага, каде што сега се наоѓа макетата, изјавил: „Во 19 век, макетата на Лангвејл била изложувана само повремено. Во 1891 год., таа била еден од експонатите на изложбата по повод националниот јубилеј. За таа прилика, на неа биле направени некои поправки за кои трошоците биле прилично големи... Од 1905 год., макетата е дел од постојаната изложба во лапидариумот на Националниот музеј“.
Магнет за историчарите
Хартиената макета на Лангвејл е многу популарна. Таа е со димензии 5,76 на 3,24 метри. Сместена е во една стаклена кутија со голем број мали светилки што ја осветлуваат. „Градот“ изгледа толку реално што речиси забораваш дека пред тебе стои само макета! Всушност, Лангвејл ги изработил со неверојатна прецизност сите минијатурни градби на макетата, кои ги има повеќе од 2.000.
На пример, секоја градба на макетата си има и број. Освен тоа, Лангвејл ги поставил и уличните фенери, одводните канали и калдрмите. Многу верно ги прикажал и црквите со нивните витражни прозорци — толку верно што може да се видат дури и искршените прозорци и празните прозорски окна. На куќите на кои на места им отпаднал малтерот се гледаат циглите што се наоѓале под него. На макетата ја има и реката Влтава која се извива низ Прага.
Денес, макетата на Лангвејл не е само интересен музејски артефакт туку и магнет за љубителите на уметноста и за историчарите кои сакаат да видат како низ годините се менувал ликот на Прага. Се разбира, некои делови од градот, особено еврејскиот кварт и делот наречен Стар град, изгледаат доста поинаку поради извршените реконструкции и реновации. Благодарение на современата технологија, макетата на Лангвејл ја има и во дигитална форма, па така, со помош на компјутерска програма, посетителите можат да „прошетаат“ низ улиците на Прага од 1837 год.
Во април 1837 год., Лангвејл, кој веќе бил болен, побарал неговата макета да биде ставена во тогашниот музеј. Но, музејот не бил заинтересиран за неговото дело. Лангвејл сигурно бил многу разочаран. Но, замисли си да може денес да го посети музејот или да застане пред компјутерскиот екран и да „шета“ низ неговата стара Прага. Сигурно ќе му биде многу мило што неговиот макотрпен труд не бил залуден!
[Слика на страница 10]
Антонин Лангвејл
[Слика на страница 10]
Хартиената макета на Прага од Лангвејл
[Слика на страници 10 и 11]
Макетата на Лангвејл одблизу
[Извори на слики на страница 10]
Страница 10, Лангвејл: S laskavým svolením Národního muzea v Praze; страници 10 и 11, слики од макетата: S laskavým svolením Muzea hlavního mesta Prahy