Дали јазиците потекнуваат од „Вавилонската кула“?
„Јехова ги распрсна одонде по целата земја, па на крајот престанаа да го ѕидаат градот. Затоа тој град беше наречен Вавел, зашто таму Јехова го беше побркал јазикот на целата земја“ (1. Мојсеева 11:8, 9).
ДАЛИ навистина се случил овој настан за кој пишува во Библијата? Дали луѓето одеднаш почнале да зборуваат на различни јазици? На некои им звучи смешно библискиот извештај за тоа како се појавиле и се рашириле човечките јазици. Еден писател тврди: „Митот за Вавилонската кула дефинитивно е една од најбесмислените приказни што некогаш сум ја чул“. Дури и еден еврејски рабин го нарекол овој извештај „наивен обид да се објасни потеклото на народите“.
Зошто луѓето не веруваат во извештајот за „Вавилонската кула“? Едноставно кажано, тој не е во согласност со некои теории за потеклото на јазиците. На пример, некои изучувачи велат дека јазичните групи не се појавиле одеднаш, туку дека се развивале од еден „мајчин јазик“ во текот на подолг временски период. Други сметаат дека во почетокот настанале неколку јазици независно еден од друг. Отпрвин тие биле само неартикулирани звуци, но со текот на времето се развиле во сложен говор. Заради ваквите противречни теории многумина се согласуваат со професорот В. Т. Фич, кој во својата книга напишал: „Сѐ уште немаме доволно уверлив одговор по ова прашање“ (The Evolution of Language).
До какви откритија дошле археолозите и истражувачите во врска со потеклото и развојот на јазиците? Дали нивните сознанија ги потврдуваат теориите што постојат? Или, пак, го потврдуваат извештајот за „Вавилонската кула“? Најнапред да видиме што ни кажува библискиот извештај.
КАДЕ И КОГА ЗАПОЧНАЛО СЀ
Во Библијата пишува дека луѓето се раселиле низ целиот свет откако им бил помешан јазикот „во земјата Сенар“ — подоцна наречена Вавилонија (1. Мојсеева 11:2). Кога се случило тоа? Библијата кажува дека ‚земјата [„човештвото“, фуснота] била разделена‘ во деновите на Фалек, кој се родил околу 250 години пред Авраам. Ова покажува дека настаните во Вавилон очигледно се одиграле пред околу 4.200 години (1. Мојсеева 10:25; 11:18-26).
Некои изучувачи велат дека денешните јазици потекнуваат од еден првобитен јазик, таканаречен мајчин јазик, на кој зборувале луѓето пред речиси 100.000 години.a Други, пак, тврдат дека денешните јазици се поврзани со неколку изворни јазици кои се користеле пред најмалку 6.000 години. Но, дали лингвистите можат да дојдат до факти за развојот на изумрените јазици? „Е, тоа е малку потешко. За разлика од биолозите, лингвистите немаат фосили кои можат да им дадат слика за она што се случувало во минатото“, пишува во списанието Economist. Во истата статија стои дека лингвистите кои го застапуваат тврдењето дека јазиците еволуирале доаѓаат до своите заклучоци на темел на „математички изведени претпоставки“.
Сепак, „јазични фосили“ постојат. Какви се тие фосили и што ни откриваат за потеклото на јазиците? Во една енциклопедија пишува: „Најстарите пишани текстови, единствените јазични фосили кои ни се достапни, не се постари од 4.000 до 5.000 години“ (The New Encyclopædia Britannica). Каде археолозите ги пронашле овие „јазични фосили“, односно „пишани текстови“? Во долна Месопотамија — местото каде што во минатото се наоѓала земјата Сенар.b Според тоа, пронајдените докази се во склад со фактите изнесени во Библијата.
РАЗЛИЧЕН ЈАЗИК — РАЗЛИЧЕН НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
Библискиот извештај ни открива дека на луѓето во Вавилон, Бог ‚им го побркал јазикот за да не се разбираат еден со друг‘ (1. Мојсеева 11:7). Поради тоа, тие престанале „да го ѕидаат градот“ и се распрснале „по целата земја“ (1. Мојсеева 11:8, 9). Значи, Библијата не вели дека денешните јазици водат потекло од еден заеднички „мајчин јазик“. Напротив, таа покажува дека одеднаш настанале неколку нови, потполно развиени јазици. Со секој од нив можеле да се изразат најразлични чувства и мисли и секој од нив бил поинаков од другите.
Глинена плочка со клинесто писмо, што датира од третиот милениум пр.н.е., пронајдена во Месопотамија
Тогаш, од каде потекнуваат јазичните групи кои постојат денес? Дали во основа се слични или се различни? Психологот Лера Бородитски напишала: „Кога лингвистите подлабоко ги истражиле јазиците што се зборуваат низ целиот свет (анализирани се само дел од околу 7.000 јазици), на површина излегле безброј неочекувани разлики“. Иако јазиците и дијалектите од една фамилија може да бидат слични, како што се кантонскиот и хака во јужна Кина, тие од корен се разликуваат од јазиците кои припаѓаат на друга фамилија, како што се македонскиот и српскиот.
Јазикот игра улога во начинот на кој луѓето го сфаќаат и го опишуваат светот околу себе — боите, количината, местоположбата и правецот. На пример, на еден јазик се вели: „Имаш бубачка на десната рака“. А на друг јазик за истото се вели: „Имаш бубачка на југозападната рака“. Ако ништо друго, таквите разлики збунуваат. Не е чудно што луѓето во Вавилон не можеле да продолжат да градат.
НЕАРТИКУЛИРАНИ ЗВУЦИ ИЛИ СЛОЖЕН ГОВОР?
Каков бил првобитниот јазик на луѓето? Од Библијата дознаваме дека првиот човек, Адам, можел да образува нови зборови кога им давал имиња на животните (1. Мојсеева 2:20). Исто така, Адам на поетски начин ги изразил чувствата кон својата жена, а таа јасно можела да објасни каква заповед дал Бог и какви ќе биле последиците ако не послуша (1. Мојсеева 2:23; 3:1-3). Значи, првиот јазик им овозможил на луѓето добро да комуницираат и креативно да се изразуваат.
Откако им се помешале јазиците кај „Вавилонската кула“, луѓето веќе не можеле да се разберат за да градат со здружени сили. Сепак, и нивните нови јазици биле сложени, исто како и првобитниот јазик на кој зборувале. За само неколку века, луѓето изградиле големи градови, создале силни војски и развиле меѓународна трговија (1. Мојсеева 13:12; 14:1-11; 37:25). Дали ќе успееле да постигнат толкав напредок ако немале богат фонд на зборови и граматика? Според библискиот извештај, новите јазици кои се појавиле во Вавилон не биле примитивен начин на комуникација со звуци и со крици, туку сложен говор како што бил и првобитниот јазик на луѓето.
Денешните истражувања одат во прилог на овој заклучок. Во една енциклопедија пишува: „Секој народ кој бил вклучен во истражувањата, колку и да бил примитивен во поглед на културата, имал целосно развиен јазик кој бил исто толку сложен колку и оние што ги зборуваат таканаречените ‚цивилизирани‘ народи“ (The Cambridge Encyclopedia of Language). Слично на тоа, Стивен Пинкер, професор на Универзитетот Харвард, во својата книга напишал: „Не постои такво нешто како јазик од камено доба“ (The Language Instinct).
ИДНИНАТА НА ЈАЗИЦИТЕ
Откако дознавме колку се стари и каде се пронајдени јазичните „фосили“, колку огромни разлики има меѓу јазичните групи и колку сложени се древните јазици, до каков логичен заклучок доаѓаме? За многумина сето ова е доказ дека библискиот извештај за „Вавилонската кула“ е веродостоен.
Библијата ни открива дека Јехова Бог им ги помешал јазиците на луѓето во Вавилон затоа што се побуниле против него (1. Мојсеева 11:4-7). Меѓутоа, тој ветил дека ‚ќе им го промени јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно‘ (Софонија 3:9). Овој „чист јазик“, односно вистината од Божјата Реч, обединува луѓе од сите страни на светот. Логично е да заклучиме дека во иднина Бог ќе го обедини целото човештво со тоа што ќе му даде еден заеднички јазик и ќе ги избрише последиците што настанале со збрката во Вавилон.
a Теориите за јазиците обично тргнуваат од претпоставката дека луѓето еволуирале од човеколики мајмуни. Нешто повеќе за теоријата за еволуција можеш да прочиташ на страници 18-23 од брошурата Дали животот е Божје дело?, издадена од Јеховините сведоци.
b Во близината на Сенар, археолозите пронашле неколку храмови во облик на скалести пирамиди. Во Библијата пишува дека градителите на „Вавилонската кула“ користеле тули наместо камења и битумен како малтер (1. Мојсеева 11:3, 4, фуснота). Во една енциклопедија пишува дека во Месопотамија многу ретко можеле да се најдат камења, а битумен имало во изобилство (The New Encyclopædia Britannica).