ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/1 стр. 27-30
  • Значењето зад маската

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Значењето зад маската
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Значењето на маската во Африка
  • Дејството на маската
  • Значењето на маската за колекционерот
  • Значењето на маската за христијаните
  • Дали Ѓаволот е вистинска личност?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Ќе му дојде ли крај на лицемерството?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Природност
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Заштити се од злите духови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/1 стр. 27-30

Значењето зад маската

ШУМАРОТ СЕ ПРОБИВА ДО ЕДНО ДРВО ВО ЕДНА ШУМА ВО ЦЕНТРАЛНА АФРИКА, НОСЕЈЌИ СЕКИРА В РАКА. НЕГОВАТА МИСИЈА Е РЕЛИГИОЗНА КОЈА БЕЗБРОЈ ПАТИ БИЛА ИЗВРШУВАНА ВО ТЕКОТ НА МИЛЕНИУМИТЕ ВО АФРИКА.

ШУМАРОТ верувал дека во дрвото живее дух кој заслужува длабоко почитување. Со цел да се заштити од гневот на духот, тој се консултирал со еден гаталец пред да оди во шумата. Потоа, се подложил на церемонија на прочистување и му принел жртва на духот на дрвото.

Го погодува дрвото со еден удар на секирата. Ставајќи ги усните на засеченето место, тој цица малку од растителниот сок за да постигне сродство со дрвото. Откако дрвото е пресечено, го остава неколку дена на земја за да му даде на духот доволно време да си најде дом на друго место. Тој верува дека дрвото има своја моќ и покрај тоа што духот го напуштил. Силата на дрвото е толку јака што оние кои работат со него мораат внимателно да следат пропишани традиционални ритуали за заштита.

Во вештите раце на резбарот, дрвото станува маска. Додека маската добива облик, се верува дека дрвото добива сѐ поголема сила. Резбарот нема слобода да прави каков и да било облик, туку мора да се придржува за традиционалните слики од својата етничка група. Ако не се придржува за нив, се изложува на прекорот на својата средина и на гневот на духовната сила на маската.

Кога маската ќе биде завршена, гаталецот извршува една церемонија на посветување во која става магични состојки на маската. Сега се мисли дека маската добила голема натприродна сила и дека станала живеалиште на духот на кого му е предадена. Така маската е спремна да се користи во религиозни церемонии.

Значењето на маската во Африка

Маските се користат во обожавањето во голем дел од африканскиот континент. Книгата Masks—Their Meaning and Function (Маските — нивното значење и функција) наведува: „Маската може да има две функции: може да се користи како фетиш, како што е минијатурната маска, или може да се носи при што нејзината улога е да повикува претци, духови или други натприродни суштества“.

Давајќи едно подетално објаснување, стручњакот Џефри Париндер, во својата книга Religion in Africa (Религијата во Африка) наведува: „[Африканските дрвени маски] се религиозни, сеедно дали се натуралистички, формалистички или апстрактни. Тие ги претставуваат мртвите или присутните духови во нивните ритуали, или ‚тајните друштва‘ поврзани со мртвите или, пак, служат за да ја спречат магијата. Рамнодушни или застрашувачки, искривени или апстрактни, маските моќно го демонстрираат стравот од мртвите како и уверувањето дека смртта не е крај. Тие се направени за да ги носат луѓе кои ги имитираат мртвите, обично покривајќи ги телата со наметки под маските и за нив не смее да се зборува како за човечки суштества, туку како за духови“.

Освен нивната употреба во погребните обреди и во заштита од магија, маските играат централна улога во церемониите за примање нови членови, во фестивалите, судските работи, ритуалите на плодноста и во „комуницирањето со мртвите“. Понекогаш маските се застапени дури и во прославите и церемониите на христијанството. Во Сиера Леоне, на пример, кога има свадби маскираните „ѓаволи“ играат во предворјето на една црква за да го оддадат своето почитување. Во сите тие употреби, маските го имаат истото основно значење. Книгата African Masks вели дека тие се „реликвијари на божествена моќ, без разлика дали нивната функција треба да биде длабока, или лекоумна и забавна“.

Од преку 1.000 етнички групи во Африка, околу 100 прават маски. Маските многу варираат во нивниот облик од една група до друга, а се разликуваат и според намената за која служат. Сепак, и покрај оваа разновидност, постојат утврдени модели кои ги разбираат народите низ пространите подрачја на Африка. На пример, маските кои прикажуваат духови на претци обично имаат спокоен изглед, додека маските кои претставуваат нечовечки духови, често се бизарни по изглед. Високото куполовидно чело одразува мудрост и длабока духовност. Ококорени очи или замрзнат израз на лицето покажува состојба на опседнатост со дух. Белата пигментација укажува на духови на мртвите и на ‚вонземска‘ особина. Маските кои прикажуваат животни со рогови, особено африкански бивол и антилопа, се однесуваат на церемонии за истерување на духови, за преселување на духот и за магија.

Дејството на маската

Во Африка, маските не се закачуваат само на ѕид туку се користат и во обреди и игри. Тие можат да го покриваат лицето или целата глава на оној кој ја носи. Останатиот дел од телото е накитено со долги наметки или со ленти од рафија палма или, пак, од влакно на дрвенесто растение.

Се смета дека носителот е во директна врска со силата на духот на маската. The New Encyclopædia Britannica опишува што се случува: „Откако ќе ја стави маската, носителот понекогаш претрпува психичка промена и како во транс го поприма духовниот лик што го одразува маската. Меѓутоа, обично носителот на вешт начин станува ‚партнер‘ на ликот кој го претставува . . . Но би се рекло дека носителот честопати станува потполно психички приврзан за ликот за кој помага да се создаде. Го губи својот идентитет и станува како автомат, без своја сопствена волја, која станала подложна на волјата на личноста на маската“.

За набљудувачите на кои им е дозволено да присуствуваат — скоро секогаш само мажи — маската не претставува само натприродна личност. Тие веруваат дека жива натприродна личност се отелотворува во маската. Според тоа, самата маска е света така што секакво кршење на правилата строго се казнува од заедницата, понекогаш и со смрт. За своја заштита, носителот, како и шумарот и резбарот, мора да следат признати процедури.

Значењето на маската за колекционерот

Посебно во изминатите 100 години, низ целиот свет африканските маски се собирале со ентузијазам. За колекционерот, маската значи нешто сосема различно од она што значи за оние луѓе кои практицираат традиционална религија во Африка.

Наместо да гледаат на неа како на свет, религиозен предмет, колекционерите ја сметаат маската за уметничко дело кое ја одразува африканската култура. Наместо да ја проценуваат според нејзината функција во општеството, тие ја судат маската според нејзината јасност, виталност и емоционална длабочина. Колекционерите се прашуваат: До кој степен резбарот има чувство за самото дрво, за неговиот год и за неговиот структурен образец? Колку вешто тој користи креативност и инвентивност, а сепак останува во рамките на стилот кој го наметнува културната традиција?

Се разбира, колекционерот не ја превидува улогата на религијата во квалитетот на делото. Обично, поради разликите во мотивите на резбарот, постои голема разлика меѓу маските што се користат во обожавањето и копиите изрезбани за туристичката индустрија. Книгата Masks of Black Africa (Маски на црна Африка) наведува: „Резбарот . . . ги извлекол инспирирачките елементи од својата длабока увереност, од длабоко почитување за својата мисија да му даде облик на едно семоќно духовно суштество, и во тоа својство да ја исполни својата посебна општествена одговорност. Штом таа религиозна вера . . . се изопачила, неговото дело станало безживотно и со послаб артистички квалитет и покрај очигледните технички достигнувања“.

Оние луѓе кои собираат маски за музеи, обично, ѝ обрнуваат поголемо внимание на улогата што ја имала маската во општеството од кое дошла отколку уметничките колекционери. Меѓутоа, честопати таквите посебни информации недостигаат поради начинот на кој повеќето маски се добивани во изминатите години. Некои биле собрани како сувенири, други биле дел од пленот на воени експедиции, а трети пак, биле собрани во големи броеви за комерцијалниот пазар. Поради тоа, првобитното значење и употребата на поединечните маски честопати е непозната.

Значењето на маската за христијаните

Според тоа, маските имаат едно значење за оние кои практицираат традиционална религија, а друго значење за оние кои ги собираат како уметнички и културни дела. Но, за христијаните, тие значат нешто сосема друго.

Библијата е јасна кога вели дека нема натприродна сила која е составен дел од маската или од дрвото од кое доаѓа. Пророкот Исаија ја опишува бесмисленоста на еден човек кој користи дел од дрвото за да си зготви храна и да се згрее, а потоа од остатокот резба бог од кого бара помош (Исаија 44:9-20). Истото начело важи и за религиозните маски.

Сепак, христијаните признаваат дека постојат ‚поднебесни духови на злобата‘ (Ефесјаните 6:12). Под моќта на Сатана, тие ги заведуваат луѓето преку лажната религија (Откровение 12:9).

Христијаните исто така признаваат дека демоните користат материјални предмети за да комуницираат со луѓето. Според тоа, Божјите слуги не чуваат ништо што има некаква врска со спиритистичка религија, без разлика дали се тоа амајлии, амулети, волшебни прстени или маски. Во тој поглед, тие го следат образецот на раните христијани од Ефес. Во врска со нив, Библијата вели: „Мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници“ (Дела 19:19).

Оние кои сакаат да му служат на Јехова ниту употребуваат ниту чуваат маски или нешто друго што е поврзано со лажното обожавање. Типичен е коментарот на Пиуј, христијански старешина од Нигерија: „Маските го одразуваат религиозното мислење на оние кои ги користат. Маските имаат имиња и луѓето ги почитуваат или се плашат од нив во зависност од богот кого го претставуваат. Никогаш не би ставил маска во мојот дом затоа што тоа би го налутило Јехова и затоа што посетителите би можеле да претпостават дека јас се сложувам со религиозните верувања што таа ги претставува“.

Правите христијани знаат дека јасно наведениот Божји закон, даден на Израел, гласи: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [Бог кој бара исклучителна оддаденост, НС]“ (2. Мојсеева 20:4, 5).

[Рамка на страница 29]

Маски во многу култури

Што значи за вас зборот „маска“? Во некои култури терминот е стилска фигура која означува дека нешто е прикриено. Ако ве интересира спортот, можеби ќе помислите на маска која го заштитува лицето од повреда, како на пример во безбол или во мечување. Можеби помислувате на гас маска, на хируршка маска или на маска која се користи за забави.

Но за многу луѓе денес, маските претставуваат религија. The New Encyclopædia Britannica наведува: „Маските кои претставуваат добротворни или злокобни сакрални или свети сили во религиозните игри — особено во будистичките манастири во Непал, Тибет и Јапонија и во поголемиот дел од примитивните општества — сочинуваат [една] категорија од сакрални фигуративни предмети. Обично се обожаваат онака како што се обожаваат и статуи“.

Религиозните маски се наоѓаат во сите култури и датираат од најрана доба. Веројатно играле важна улога во религиозниот и општествениот живот на нашите претци. Книгата Masks—Their Meaning and Function наведува: „Првобитно, секоја маска имала свое значење, а самата маска или човекот кој ја носел претставувале некоја мистериозна сила или дух“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели