Научниците објавуваат предупредување
„ЧОВЕЧКИТЕ суштества и светот на природата се разидуваат. . . . Остануваат уште само неколку децении пред да пропадне шансата да се отстранат заканувањата [на околината].“
Ова предупредување, кое го издало UCS (Union of Concerned Scientists — Сојуз на загрижени научници), било објавено во Annals, едно канадско медицинско списание. Ако продолжи човекот со своите постапки да го загрозува животот, додава извештајот, тој „може толку да го измени светот што ќе биде невозможно да се поддржува животот онака како што досега ни е познато“.
Меѓу проблемите на кои мора итно да се обрне внимание се наведени и намалувањето на озонот; загадувањето на водата и ископачувањето на шумите; губењето на продуктивноста на почвата и изумирање на видовите, што до 2100-тата година може да опфаќа една третина од сите видови кои сега живеат. „Нашето плеткање во меѓузависната мрежа на животот“, вели UCS, „би можело да предизвика раширени последици, вклучувајќи го и распаѓањето на биолошките системи чии динамики не ги разбираме во потполност.“
Загриженоста на UCS беше потврдена од преку 1.600 научници од целиот свет, вклучувајќи и 104 Нобеловци. Според UCS, „овие постари членови на светската научна заедница го предупредуваат целото човештво дека е потребна промена во нашето управување со Земјата ако сакаме да избегнеме неопишана човечка беда“.
Библијата се согласува со тоа дека чове- кот навистина ‚ја уништува Земјата‘ (Откровение 11:18, НС). Таа дури признава дека е потребна промена во управувањето со светот (Јеремија 10:23; Даниил 2:44). Библијата всушност ветува дека ќе се случи таква промена, но не преку човечки напори, туку преку Божјето Царство — небесната влада за која Исус ги учел своите следбеници да се молат (Псалм 144:16; Исаија 11:1-9; Матеј 6:9, 10).
[Извор на слика на страница 31]
Фотографија: Godo-Foto