Препознавање на симптомите и постапување според нив
КОГА ќе се појават симптоми на срцев удар, битно е веднаш да се побара медицинска помош затоа што ризикот за смрт е најголем во текот на првиот час после ударот. Брзата интервенција може да го спаси срцевиот мускул од непоправлива штета. Колку поголем дел од срцевиот мускул се поштедува, толку поделотворно ќе пумпа срцето после ударот.
Меѓутоа, некои срцеви удари се незабележливи, не покажуваат никакви надворешни симптоми. Во овие случаи лицето можеби не е свесно дека има коронарно артериско заболување (КАЗ). За жал, еден поголем удар може да биде за некои првото навестување за проблем со срцето. Кога ќе се случи кардиален арест (срцето престанува да пумпа), постои мала шанса за преживување освен ако итно не се викне брза помош и ако лицето што ќе се најде таму веднаш не примени кардиопулмонална реанимација (КПР).
Од мнозинството кои имаат симптоми на КАЗ, Harvard Health Letter известува дека околу половина од нив одложуваат да побараат итна медицинска помош. Зошто? „Обично затоа што не согледуваат што значат нивните симптоми или не ги сфаќаат сериозно.“
Џонa‚ жртва на срцев удар и Јеховин сведок, моли: „Кога ќе осетите дека нешто не е во ред, немојте да одложувате да побарате медицинска помош од страв да не изгледате мелодрамски. Само за малку ќе го изгубев животот затоа што не реагирав доволно брзо“.
Што се случило
Џон објаснува: „Година и пол пред мојот срцев удар, еден лекар ме предупреди дека имам висок холестерол, главен ризичен фактор за КАЗ. Но јас ја занемарив таа работа затоа што мислев дека сум млад — под 40 — и дека сум со добро здравје. Многу ми е жал што веднаш не презедов некакви мерки. Имав и други знаци на предупредување — недостиг на воздух при физичко напрегање, болки за кои мислев дека се стомачно растројство и, неколку месеци пред ударот, прекумерна исцрпеност. Поголемиот дел од овие работи ги припишував на премалку спиење и на преголем стрес на работа. Три дена пред срцевиот удар, добив нешто за кое мислев дека е мускулен спазам во градите. Тоа беше помал удар кој претходеше на големиот после три дена“.
Болката или притисокот во градите, наречена ангина, предупредува околу половина од оние кои доживуваат срцев удар. Некои, пак, како симптоми чувствуваат недостаток на воздух или исцрпеност и слабост, кои покажуваат дека срцето не добива доволно кислород поради некоја коронарна блокада. Овие знаци на предупредување треба да го натераат лицето да оди кај лекар за да го прегледа срцето. Д-р Питер Кон наведува: „Откако ќе се излечи ангината, нема гаранција дека со тоа ќе се спречи срцевиот удар, но барем се намалени можностите за непосреден удар“.
Ударот
Џон продолжува: „Тој ден требаше да играме бејзбол. Додека јадев хамбургер и пржени компири за ручек, не ја сфатив сериозно малата неудобност, гадењето и стегнатоста во горниот дел од телото. Но кога стигнавме до игралиштето и почнавме да играме, можев да видам дека нешто не е во ред. Во текот на попладнето, се чувствував сѐ полошо.
Повеќе пати лежев на клупите за играчи, со лицето свртено нагоре, обидувајќи се да си ги истегнам градните мускули, но стануваа сѐ позатегнати. Додека играв, си велев: ‚Можеби имам грип‘, бидејќи повремено се чувствував ладно и слабо. Кога трчав, прилично бев задишан. Повторно легнав на една клупа. Кога се исправив, немаше сомнение дека имам сериозен проблем. Извикав до мојот син Џејмс: ‚Морам да одам во болница, ВЕДНАШ!‘ Имав чувство дека градите ми колабирале. Болката беше толку голема што не можев да станам. Си помислив: ‚Зарем е можно ова да е срцев удар? Имам само 38 години!‘“
Синот на Џон, кој тогаш имал 15 години, раскажува: „Татко ми ја изгуби својата сила само за неколку минути и моравме да го однесеме до автомобилот. Мојот пријател го возеше автомобилот додека му поставуваше прашања на татко ми за да биде во тек со неговата состојба. На крајот, татко ми не одговараше. ‚Џон!‘ викаше мојот пријател. Но татко ми и понатаму не реагираше. Тогаш татко ми се стресе во седиштето, се грчеше и повраќаше. Повеќе пати извикував: ‚Тато! Те сакам! Те молам немој да умреш!‘ После ударот, целото негово тело млитаво падна на седиштето. Мислев дека умре“.
Во болница
„Втрчавме во болницата за да побараме помош. Поминаа две-три минути откако помислив дека татко ми умрел, но сепак се надевав дека може да се поврати. На мое изненадување, во чекалната имаше околу 20 други Јеховини сведоци кои исто така беа на игралиштето. Тие ме тешеа и ми влеваа чувство дека ме сакаат, што беше од голема помош во такво жалосно време. После околу 15 минути, еден лекар дојде и објасни: ‚Успеавме да го повратиме татко ти, но тој доживеа голем срцев удар. Не сме сигурни дали ќе преживее‘.
Потоа ми дозволи накратко да го видам татко ми. Ме трогнаа изразите на љубов што ги покажа татко ми спрема нашата фамилија. Во голема болка, тој рече: ‚Сине, те сакам. Секогаш помни дека Јехова е најважната личност во нашите животи. Никогаш немој да престанеш да му служиш и помагај ѝ на мајка ти и на твоите браќа никогаш да не престанат да му служат. Имаме цврста надеж во воскресението и, ако умрам, сакам сите вас да ве видам кога ќе се вратам‘. И двајцата роневме солзи на љубов, страв и надеж.“
Сопругата на Џон, Мери, пристигнала еден час подоцна. „Кога влегов во собата за итни случаи, докторот рече: ‚Вашиот сопруг доживеа тежок срцев удар‘. Бев зачудена. Ми објасни дека срцето на Џон го дефибрирале осум пати. Оваа итна мерка вклучува користење на електричен напон за да се запре хаотичното чукање на срцето и за да се поврати нормалниот ритам. Заедно со КПР, доставување на кислород и интравенозни лекови, дефибрилацијата е напредна метода за спасување на животот.
Кога го видов Џон, срцето ме здоболе. Беше многу блед и имаше многу цевчиња и жички кои го поврзуваа неговото тело за мониторите. Му се молев во себе на Јехова да ми даде сила да го издржам ова искушение поради нашите три сина, и се молев за водство да донесам мудри одлуки во врска со она што би можело да претстои. Додека се приближував кон креветот на Џон, си помислив: ‚Што му се вели на саканиот во вакво време? Дали сме навистина спремни за една ваква ситуација која го загрозува животот?‘
‚Мила‘, рече Џон, ‚знаеш дека можеби нема да го преживеам ова. Но важно е ти и момчињата да останете верни на Јехова бидејќи овој систем наскоро ќе заврши и нема повеќе да има болести и смрт. Сакам да се разбудам во тој нов систем и таму да те видам тебе и нашите момчиња.‘ Солзи ни течеа по лицето.“
Докторот дава објаснување
„Подоцна, докторот ме викна настрана и ми објасни дека испитувањата покажале оти срцевиот удар на Џон се должи на 100-процентна блокада во левата предна артерија што се спушта. Тој имал блокада и во друга артерија. Докторот ми рече дека морам да донесам одлука во врска со лекувањето на Џон. Две од расположливите алтернативи беа или лекови или ангиопластика. Тој мислеше дека втората ќе биде подобра и затоа се одлучивме за ангиопластика. Но лекарите не даваа никакви ветувања, затоа што повеќето не го преживуваат ваквиот вид срцев удар.“
Ангиопластика е хируршка техника при која во коронарната артерија се вметнува катетар кој има балон на врвот кој штом ќе се надуе, ја отвора блокадата. Процедурата има висока стапка на успех во обновувањето на протокот на крв. Кога неколку артерии се сериозно блокирани, обично се препорачува бајпас хирургија.
Мрачна прогноза
После ангиопластиката, животот на Џон во следните 72 часа сѐ уште висел на конец. На крајот, неговото срце почнало да се опоравува од траумата. Но срцето на Џон пумпало само со половина од својот поранешен капацитет и голем дел од срцето станало закржлавено ткиво, па затоа изгледот да стане срцев инвалид бил скоро неизбежен.
Гледајќи наназад, Џон советува: „Должни сме спрема нашиот Творец, спрема нашите семејства, спрема нашите духовни браќа и сестри и спрема себеси да обрнеме внимание на предупредувањата и да се грижиме за нашето здравје — особено ако сме во опасност. Во голема мера, ние лично можеме да бидеме причината за среќа или за жалост. Тоа зависи од самите нас“.
Случајот на Џон бил тежок и изискувал итно внимание. Но, нема потреба сега сите кои имаат неугодност во вид на печење во лажичката да трчаат кај лекар. Сепак, неговото искуство е предупредување, и оние кои мислат дека ги имаат симптомите, треба да одат на преглед.
Што може да се стори за да се намали ризикот од срцев удар? Следната статија ќе дискутира за тоа.
[Фуснота]
a Имињата во овие статии се изменети.
[Рамка на страница 6]
Симптоми на срцев удар
• Неудобно чувство на притисок, стегање или болка во градите што трае повеќе од неколку минути. Може погрешно да се протолкува како силно печење во лажичката
• Болка која може да се прошири спрема — или да биде присутна само во — вилицата, вратот, рамењата, рацете, лактите или левата рака
• Долготрајна болка во горниот абдомен
• Недостиг на воздух, вртоглавица, несвестица, потење или чувство на студенило при допир
• Исцрпеност — може да се чувствува со недели пред ударот
• Гадење или повраќање
• Чести напади на ангина пекторис кои не се предизвикани од некакво напрегање
Симптомите можат да варираат од благи до силни и не се јавуваат сите при секој срцев удар. Но ако се појави која и да е комбинација од овие симптоми, брзо побарајте помош. Меѓутоа, во некои случаи нема симптоми; тие се нарекуваат незабележливи срцеви удари.
[Рамка на страница 7]
Постапки за преживување
Ако Вие или некој што го познавате покажува симптоми на срцев удар:
• Препознајте ги симптомите.
• Прекинете со секоја работа и седнете или легнете.
• Ако симптомите траат повеќе од неколку минути, јавете се на локалниот телефонски број за итни случаи. Кажете му на диспечерот дека се сомневате на срцев удар и дајте му ги информациите кои се потребни за да Ве пронајде.
• Ако сами можете побргу да ја одвезете жртвата во просторијата за итни случаи во болница, направете го тоа. Ако мислите дека имате срцев удар, замолете некој да Ве одвезе таму.
Ако чекате брза помош:
• Олабавете ја тесната облека, вклучувајќи ремен или кравата. Направете на жртвата да ѝ биде удобно, потпирајќи ја со перници ако е неопходно.
• Останете смирени, без разлика дали сте жртвата или помошникот. Возбудувањето може да ја зголеми веројатноста од аритмија која го загрозува животот. Молитвата може да биде зајакнувачка помош за да се остане смирен.
Ако се чини дека жртвата престанува да дише:
• Гласно прашајте: „Дали ме слушаш?“ Ако нема одговор, ако нема пулс и ако жртвата не дише, почнете со кардиопулмонална реанимација (КПР).
• Запомнете ги трите основни чекори на КПР:
1. Подигнете ја брадата на жртвата за да се отвори воздушниот канал.
2. Со отворен воздушен канал, додека ги држите ноздрите на жртвата затворени, полека дувнете двапати во устата додека не се подигне градниот кош.
3. Притиснете 10 до 15 пати во средината на градите помеѓу брадавиците за да ја истиснете крвта од срцето и градниот кош. На секои 15 секунди, изведувајте две вдувувања проследени со 15 притискања сѐ додека пулсот и дишењето не се повратат или додека не пристигне екипата за брза помош.
КПР треба да ја изведе некој кој е обучен за тоа. Но кога нема таков, „подобра е некаква КПР отколку никаква“, вели д-р Р. Куминс, управник на одделот за итна срцева нега. Ако некој не ги започне овие чекори, шансите за преживување се многу мали. Со КПР се добива на време додека не пристигне помош.
[Слика на страница 5]
Брзата интервенција после срцевиот удар може да го спаси животот и да го намали оштетувањето на срцето