Како може да се намали ризикот?
КОРОНАРНОТО артериско заболување (КАЗ) е поврзано со извесен број генетски фактори и фактори поврзани со средината и со начинот на живот. КАЗ и срцевиот удар можат да произлезат од ризици кои со години, ако не и децении, се поврзани со еден или повеќе од овие фактори.
Возраст, пол и наследство
Со стареењето се зголемува и ризикот од срцев удар. Околу 55 проценти срцеви удари се појавуваат кај луѓе на над 65-годишна возраст. Околу 80 проценти од оние кои умираат од срцев удар имаат 65 години или повеќе.
Мажите под 50 години се наоѓаат во поголема опасност отколку жените од истата старосна група. После менопаузата, ризикот на жената се зголемува поради брзото намалување на заштитниот хормон естроген. Според некои пресметувања, терапијата на замена на естрогенот може да го намали ризикот од срцево заболување кај жените за 40 проценти или повеќе, иако би можело, пак, да го зголеми ризикот од некои видови рак.
Наследството може да игра клучна улога. Оние чии родители имале удар пред 50-годишна возраст имаат зголемен ризик од срцев удар. Дури и ако родителите имале удар после 50-годишна возраст, постои зголемен ризик. Кога постои историја на срцеви проблеми во семејството, постои поголема веројатност да се појават слични проблеми и кај потомците.
Холестеролот како фактор
Холестеролот, еден вид липид, е неопходен за животот. Го произведува црниот дроб, додека крвта го носи до клетките во молекули наречени липопротеини. Постојат два вида — липопротеини со мала густина (ЛМГ холестерол) и липопротеини со голема густина (ЛГГ холестерол). Холестеролот станува ризичен фактор за КАЗ кога во крвта ќе се концентрира премногу ЛМГ холестерол.
Се смета дека ЛГГ играат заштитна улога со тоа што го отстрануваат холестеролот од ткивата и го носат назад до црниот дроб, каде што се менува и се елиминира од телото. Ако резултатите од испитувањата на ЛМГ се високи, а на ЛГГ ниски, ризикот од срцево заболување е голем. Намалувањето на нивото на ЛМГ може да доведе до значително намалување и на ризикот. Диеталните мерки се клучни во лекувањето, а корисно може да биде и вежбањето. Резултати можат да дадат и разновидните лекови, но некои имаат несакани нуспојави.a
Се препорачува диета сиромашна со холестерол и заситени масти. Заменувањето на храната богата со заситени масти, како што е путерот, со храна која е посиромашна со заситени масти, како што е канола маслото или маслиновото масло, може да го намали присуството на ЛМГ а да го зачува на ЛГГ. Од друга страна, American Journal of Public Health забележува дека хидрираните или делумно хидрираните растителни масла кои се наоѓаат во повеќето маргарини и растителни масни производи можат да го зголемат присуството на ЛМГ а да го намалат на ЛГГ. Исто така, се препорачува да се намали количината на меса богати со масти а да се замени со меса сиромашни со масти, како што е кокошката или мисирката.
Проучувањата покажале дека витаминот Е, бета каротинот и витаминот Ц можат да ја забават атеросклерозата кај животните. Една студија дошла до заклучок дека тие можеби ги намалуваат појавите на срцев удар и кај луѓето. Дневното конзумирање на зеленчук и овошје — богати со бета каротин, други каротеноиди и витамин Ц, како што се доматите, зеленчукот со темно зелени лисја, пиперките, морковите, слатките компири и дињите — можат до извесен степен да заштитат од КАЗ.
Исто така, се вели дека корисни се и витаминот Б6 и магнезиумот. Полните житарици, како што се јачменот, овесот, гравот, леќата, некои семиња и оревите можат да бидат исто така корисни. Покрај тоа, се смета дека, ако барем двапати неделно се јаде риба како што е лососот, скушата, харингата или туната, може да се намали ризикот од КАЗ, затоа што тие се богати со омега-3 поли незаситени масни киселини.
Седечки начин на живот
Луѓето кои многу седат имаат поголем ризик од срцев удар. Поголемиот дел од денот го минуваат во физичка неактивност и не вежбаат редовно. Честопати, срцевиот удар кај овие луѓе се појавува после тешки активности, како што е напорно работење во градината, џогирање, дигање големи тежини или ринење снег. Но ризикот се намалува кај оние кои редовно вежбаат.
Брзото одење од 20 до 30 минути три или четири пати во неделата може да го намали ризикот од удар. Редовното вежбање ја подобрува способноста на срцето да пумпа, помага за слабеење и може да го намали нивото на холестерол и да го симне високиот крвен притисок.
Хипертензија, прекумерна тежина и дијабетес
Високиот крвен притисок (хипертензија) може да ги оштети артериските ѕидови и да овозможи ЛМГ холестеролот да влезе во артериската облога и да го потпомогне создавањето на задебелување. Како што се зголемуваат наслагите на задебелувањето, постои поголем отпор спрема протокот на крв и поради тоа доаѓа до покачување на крвниот притисок.
Крвниот притисок треба редовно да се проверува, затоа што можеби нема надворешен знак за некаков проблем. Со намалувањето за секоја единица на дијастолниот притисок (нискиот), ризикот од срцев удар може да се намали за 2 до 3 проценти. Лековите за намалување на крвниот притисок можат да бидат делотворни. Исхраната, а во некои случаи и ограничувањето на внесената количина сол, заедно со редовното вежбање заради намалување на тежината, може да помогне да се контролира високиот крвен притисок.
Прекумерната тежина го поддржува високиот крвен притисок и липидните неправилности. Основен начин да се спречи дијабетесот е да се избегнува или да се лекува згоеноста. Дијабетесот го забрзува КАЗ и го зголемува ризикот од срцев удар.
Пушење
Пушењето е силен фактор во развојот на КАЗ. Во Соединетите Држави, тоа е директно одговорно за околу 20 проценти од сите смртни случаи од срцеви заболувања и за скоро 50 проценти од срцевите удари кај жените под 55-годишна возраст. Пушењето цигари го зголемува крвниот притисок и во крвотокот внесува токсични хемиски материи, како што се никотинот и јаглерод моноксидот. Овие хемиски материи, пак, ги оштетуваат артериите.
Пушачите, исто така, ги ставаат во опасност и оние кои се изложени на нивниот дим. Проучувањата откриваат дека непушачите кои живеат со пушачи имаат зголемен ризик од срцев удар. Според тоа, со тоа што се откажува од пушењето, лицето може да го намали сопствениот ризик а да ги спаси дури и животите на своите сакани кои не пушат.
Стрес
Кога се под силен емоционален или умствен стрес, оние кои имаат КАЗ се соочуваат со многу поголем ризик од срцев удар и ненадејна кардијална смрт отколку луѓето кои имаат здрави артерии. Според едно проучување, стресот може да предизвика артериите кои се обложени со задебелување да се стеснат, со што се намалува протокот на крв дури за 27 проценти. Значително стеснување било забележано дури и кај малку заболените артерии. Едно друго проучување укажало дека силниот стрес може да создаде услови за пробушување на задебелувањето во артериските ѕидови, предизвикувајќи притоа срцев удар.
Consumer Reports on Health наведува: „Изгледа дека некои луѓе го минуваат животот со лош став. Тие се цинични, гневни и лесно се провоцираат. Додека повеќето луѓе не прават голема работа од ситните надразнувања, непријателски настроените луѓе реагираат со петта брзина во емоционален поглед“. Хроничниот гнев и непријателската настроеност го покачуваат крвниот притисок, го забрзуваат пулсот на срцето и го стимулираат црниот дроб да исфрли холестерол во крвотокот. Тоа ги оштетува коронарните артерии и придонесува за КАЗ. Се смета дека гневот двојно го зголемува ризикот од срцев удар и најмалку два часа останува како непосредна опасност. Што може да помогне?
Според The New York Times, д-р Мари Митлмен рекол дека луѓето кои би се обиделе да останат смирени во емоционалните конфликти би можеле да го намалат и ризикот од срцев удар. Тоа многу звучи како зборовите забележани во Библијата пред многу векови: „Кроткото срце е живот за телото“ (Изреки 14:30).
Апостол Павле знаел како е да се биде под стрес. Тој зборувал за грижи кои секој ден го обземале (2. Коринтјаните 11:24—28). Но тој доживеал помош од Бог и напишал: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7).
Иако постојат и други фактори поврзани со срцевите проблеми, факторите кои овде беа дискутирани можат да помогнат да се идентификува ризикот за да може лицето да преземе соодветна постапка. Но, некои се прашувале како им е на оние кои мораат да живеат со последиците од срцев удар. До која мерка можат да се опорават?
[Фуснота]
a Разбудете се! не застапува некое медицинско или диетално лекување, ниту лекувањето со вежбање, туку изнесува добро истражени информации. Секое лице мора лично да одлучи што ќе прави.
[Слики на страница 9]
Пушењето, лесното разлутување, јадењето масна храна и водењето седечки живот го зголемува ризикот од срцев удар