Трагедијата на смрт кај младите
„Едноставно имам чувство дека нашата генерација изумира“ (Џоана, 18-годишен бруцош, Конектикат, САД).
ЕДНА страшна глетка ги затекна милиционерите на една фарма во непосредната околина на Хобарт, главниот град на Тасманија, островска држава на Австралија. Во куќата имаше четири девојчиња на возраст од 10 до 18 години. Сите беа мртви, убиени од нивниот татко, кој лежеше во близина со рана од смртоносен истрел во главата. Десната рака си ја отсекол со секира. Ова убиство и самоубиство го разбрануваа целото население на Тасманија. А оставија и едно збунувачко прашање во мислите на луѓето — зошто? Зошто тие четири недолжни девојчиња?
Белгија сѐ уште е вознемирена поради сексуалната злоупотреба на шест девојчиња и убиството на четири од нив од страна на еден силеџија кој бил условно пуштен од затвор. И повторно истото прашање — зошто? Во Аргентина некои мајки веруваат дека 30.000 луѓе, од кои многумина биле нивни синови и ќерки, исчезнале во она што сега е познато како валкана војна.a Некои од тие несреќници биле малтретирани, дрогирани, а потоа однесени на отворено море и фрлени од авион во океанот. Многумина од нив биле исфрлени додека сѐ уште биле живи. Зошто морале да умрат? Нивните мајки сѐ уште чекаат одговор.
Во 1955 Светскиот конгрес на мајките јавно ја прекори бескорисноста на војната и објави дека конгресот е „пред сѐ еден голем повик, повик на предупредување од сите жени кои се борат да ги заштитат своите деца, големи и мали, од злата што ги донесува војната и подготовките за војна“. Иронично е тоа што од тој конгрес наваму бројот на младите ширум светот кои умреле во крвави конфликти продолжува да се зголемува — една огромна загуба на генетски потенцијал на човештвото.
Долга историја на умирање меѓу младите
Страниците на историјата се презаситени со крвта на млади луѓе. Дури и во нашиов таканаречен просветлен 20-ти век, расните и племенските конфликти ги направиле младите главна мета на крвопролевање. Изгледа дека младите треба да платат со своите животи за грешките и амбициите на постарите.
Во една африканска земја, една група религиозни војници тинејџери кои се нарекуваат Господова армија на отпорот биле задоени да веруваат дека се имуни на куршуми, известува списанието The New Republic. Не е чудно тоа што статијата носи наслов „Пустелија на тинејџерите!“ Затоа семејствата кои ги изгубиле синовите и ќерките — кои воопшто не биле отпорни на куршуми — со право прашуваат: Зошто нашите млади мораа да умрат? Каква беше смислата на сето тоа?
Кон целата оваа беда и страдање се придружува и смртниот данок на самоубиства меѓу младите.
[Фуснота]
a Таканаречената валкана војна се водеше за време на владеењето на воената хунта (1976—1983), во која беа убиени илјадници луѓе осомничени за преврат. Други проценки за бројот на жртвите даваат цифри од 10.000 до 15.000.