ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/8 стр. 13-15
  • Зошто сум опседната со мојата тежина?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто сум опседната со мојата тежина?
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Гладување до смрт
  • Скриено зло
  • Опасност за здравјето
  • Дали имам нарушување во исхраната?
    Разбудете се! 2006
  • Што ако го мразам својот изглед?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Како можам да ја победам мојата опсесија со тежината?
    Разбудете се! 1999
  • Зошто сум толку слаб?
    Разбудете се! 2001
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/8 стр. 13-15

Младите прашуваат . . .

Зошто сум опседната со мојата тежина?

„Во мојата глава се води неконтролирана битка. Еден дел од мене сака да јаде, но другиот дел не сака затоа што се плашам дека премногу ќе се здебелам“ (Џеми).

ШТО најмногу те плаши? Без двоумење, многу девојки би одговориле: да не се здебелам. Всушност, една анкета открила дека денешните девојки повеќе се плашат од накачување килограми отколку од нуклеарна војна, рак, па дури и од тоа дека ќе ги изгубат родителите!

Понекогаш загриженоста за тежината почнува на изненадувачки рана возраст. Уште пред да дојдат во своите тинејџерски години, забележува д-р Катрин Стајнер-Адар, многу девојчиња се собираат на „муабет за дебелината“ — разговори во кои искажуваат заеднички презир кон своето тело. Очигледно, тоа е повеќе отколку само муабет. Во една анкета спроведена на 2.379 девојчиња, 40 проценти се обидувале да ослабат. А анкетираните имале само девет и десет години!

Со текот на времето, многу од овие млади може да се фатат во стапицата на помодни диети. Што е уште полошо, некои би можеле да завршат како 20-годишната Јена. Со висина од 160 сантиметри, оваа млада девојка тежи само 40 килограми! „Едноставно не сакам да јадам“, изјавува Јена. „Голема грижа ми е тоа што потрошив три години обидувајќи се да ослабам, а ако јадам, сѐ ќе се врати за еден месец.“

Можеби можеш да ги разбереш чувствата на Јена. Можеби и ти си сакала да ослабиш за да изгледаш најдобро што може. Се разбира, не е погрешно да водиш грижа за својот изглед. Меѓутоа, во случајот со Јена, желбата да биде слаба речиси ја чинела живот. Како тоа?

Гладување до смрт

Јена се бори со едно опасно нарушување во исхраната, наречено анорексија нервоса. Истото е случај и со Џеми, цитирана на почетокот. Некое време, овие девојки дословно се изгладнувале до смрт, но тие не се единствени. Се проценува дека секоја стота девојка страда од анорексија. Тоа значи дека се погодени милиони млади жени — можеби дури и некои што ги познаваш!a

Анорексијата може да почне сосема наивно. Една млада девојка може да започне со некоја навидум безопасна диета, можеби за да изгуби само неколку килограми. Но, кога ќе ја постигне својата цел, таа не е задоволна. „Сѐ уште сум премногу дебела!“ изјавува таа додека со неодобрување се гледа во огледалото. Затоа, одлучува да изгуби само уште неколку килограми. Потоа — само уште неколку. И уште неколку. Шемата е поставена и семето на анорексија е посеано.

Се разбира, не се анорексични сите оние кои држат диета. Некои се оправдано загрижени за тежината и за нив би било корисно да изгубат неколку килограми. Но, многу девојки имаат искривено гледиште за своето тело. FDA Consumer ја споредува искривената слика за сопственото тело со огледување во огледалата во забавен парк. „Се гледаш себеси подебела отколку што си“, вели тоа списание.

Значи, девојката која страда од анорексија има морбиден страв дека ќе се здебели — дури и ако веќе е слаба како прачка. Таа можеби принудно вежба за да не накачи килограми и неколку пати на ден проверува на вагата за да се увери дека не „назадува“. Кога јаде, зема само сосема мали порции храна. Или, пак, можеби и воопшто не јаде. „Секој ден одев на училиште со оброк што ми го подготвуваше мајка ми, и секој ден го фрлав“, вели Хедер. „Наскоро толку се навикнав да не јадам што дури и ако сакав да јадам, не можев. Не огладнував.“

На почетокот, оние кои страдаат од анорексија како Хедер се воодушевени кога ќе видат како исчезнуваат килограмите. Но, недостигот на правилна исхрана на крајот си го зема својот данок. Анорексичарот станува дремлив и летаргичен. Училишната работа почнува да страда. Менструациите може да престанат.b Со текот на времето, чукањето на срцето и крвниот притисок можат да станат опасно ниски. Сепак, анорексичарот не е свесен за никаква опасност. Всушност, единствената опасност што ја сфаќа е дека повторно ќе му се врати изгубената тежина — дури и ако е само еден килограм.

Но, анорексијата не е единственото пореметување во исхраната ниту, пак, е најраширена. Булимија нервоса е зло кое погодува три пати повеќе девојки отколку анорексијата. Потоа, тука е и компулзивното прејадување, кое е тесно поврзано со булимијата. Да ги погледнеме одблизу овие заболувања.

Скриено зло

„Една пријателка неодамна ми призна дека скришно зема храна и јаде во тајност. Потоа се присилува да поврати. Вели дека го прави тоа веќе две години.“ Со овие зборови, една младинка која пишала до рубриката за совети во едно списание, ги опишува симптомите кои се типични за пореметувањето во исхраната познато како булимија.

Девојката која има булимија неконтролирано ќе изеде големо количество храна за кратко време. Потоа ќе се ослободи од храната што ја изела, честопати со повраќање кое ќе го предизвика самата.c Точно е дека помислата за празнење на желудникот на овој начин можеби изгледа одвратна. Сепак, социјалниот работник Ненси Џ. Колодни пишува: „Колку повеќе неконтролирано јадеш и се прочистуваш, толку полесно ти станува. Почетните чувства на одбивност, па дури и страв, брзо се заменуваат со нагонот да се повторат овие шаблони на булимија“.

Анорексијата и булимијата се наречени „различни страни на истата паричка“. Иако предизвикуваат спротивни симптоми, обете нарушувања потекнуваат од опседнатоста со храна.d Но, за разлика од анорексијата, булимијата полесно се држи во тајност бидејќи, со тоа што се прејадува, заболениот не губи килограми, а со тоа што се прочистува, спречува да добие тежина. Значи, оној кој има булимија веројатно не е ниту дебел ниту слаб, а на другите навиките на исхрана можеби им изгледаат сосема нормални. „Во текот на девет години“, вели една жена по име Линзи, „јадев и повраќав по четири-пет пати на ден . . . Никој не знаеше дека имам булимија бидејќи безбедно ја чував скриена зад една фасада на задоволство, среќа и просечна телесна тежина.“

Меѓутоа, нешто поинаку е со лицето кое страда од компулзивно прејадување. Како булимичарот, ова лице ќе изеде огромни количества храна одеднаш. The New Teenage Body Book забележува: „Бидејќи јадењето се одвива без прочистување, тежината на оној кој компулзивно се прејадува може да варира од малку до значително зголемена тежина или здебеленост“.

Опасност за здравјето

Сите три пореметувања во исхраната можат да претставуваат сериозна закана за здравјето. Анорексијата може да предизвика сериозна неисхранетост, а во многу случаи — некои проценуваат дури и 15 проценти — може да биде фатална. Прејадувањето, без оглед на тоа дали после него следи чистење или не, е опасно по здравјето. Со текот на времето, дебелината може да води до кардиоваскуларни заболувања кои се опасни по живот, дијабетес, па дури и до некои облици на рак. Самопредизвиканото повраќање може да направи дупка во хранопроводот, а злоупотребата на лаксативи и диуретици може во екстремни случаи да води до прекин на работата на срцето.

Меѓутоа, треба да се разгледа уште еден аспект на пореметувањата во исхраната. Оние кои страдаат од анорексија, булимија и компулзивно прејадување, обично се несреќни. Тие имаат ниска самопочит и сосема веројатно страдаат од анксиозност и депресија. Без сомнение, ним им е потребна помош. Но, како може да им се помогне на оние кои имаат пореметување во исхраната да се ослободат од нивната опсесија со тежината? На ова прашање ќе му посветиме внимание во некоја идна статија од оваа серија.

[Фусноти]

a Анорексијата ги погодува и машките. Меѓутоа, бидејќи повеќето од оние кои боледуваат од анорексија се од женски пол, на заболените ќе се осврнуваме во женски род.

b Клинички, кај жената се дијагнозира анорексија кога нејзината тежина ќе падне барем 15 проценти под нормалата и кога нема менструација три или повеќе месеци.

c Други методи на прочистување вклучуваат употреба на лаксативи или диуретици.

d Извесен број заболени варираат помеѓу анорексични и булимични однесувања во исхраната.

[Рамка на страница 14]

Извртена слика за сопственото тело

Повеќето девојки кои се загрижени за својата тежина немаат причина за тоа. Во едно истражување, 58 проценти од девојчињата на возраст помеѓу 5 и 17 години сметале дека имаат преголема тежина, а всушност, тоа било случај само со 17 проценти. Според едно друго истражување, 45 проценти од жените кои имале премала тежина мислеле дека се претешки! Една анкета спроведена во Канада открила дека 70 проценти од жените во оваа земја се преокупирани со својата тежина, а 40 проценти држат јојо-диета — губење и повторно добивање килограми.

Без сомнение, извртената слика за сопственото тело може да наведе некои девојки премногу да се грижат за нешто што, всушност, не е проблем. „Имам една пријателка која зема големи количества диетални апчиња и познавам неколку девојки кои имаат анорексија“, вели 16-годишната Кристин. Таа додава: „Ни на крај памет не ми паднало дека некоја од нив е дебела“.

Со добра причина, списанието FDA Consumer препорачува: „Наместо да бидеш на диета затоа што ‚секој‘ го прави тоа или затоа што не си толку слаба колку што сакаш да бидеш, најнапред дознај од некој лекар или нутриционист дали имаш преголема тежина или премногу телесни маснотии за твојата возраст и за твојата висина“.

[Слика на страница 15]

Многумина од оние кои се загрижени за тежината немаат причина за тоа

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели