Значајна конференција за бескрвна хирургија во Москва
АЛТЕРНАТИВИ ЗА ТРАНСФУЗИЈА ВО ХИРУРГИЈАТА беше називот на меѓународната медицинска конференција одржана во Москва (Русија), на 6 октомври 1998. На симпозиумот кој се одржа во склоп на Шестиот општоруски конгрес на анестезиолозите и специјалистите за интензивна нега, во Хируршкиот институт Вишневски, присуствуваа повеќе од 800 лекари.
Професор Андреј Иванович Воробјев, кој служи како главен хематолог при Руската медицинска академија во Москва, им изрази добредојде на лекарите на она што тој го нарече „симпозиум посветен на изнаоѓање алтернативи за трансфузија на крв“.
Зборувајќи за тоа зошто таа конференција е многу важна, Воробјев наведе „тешки несреќи предизвикани со трансфузиите на крв“. Тврдеше дека, како резултат на трансфузиите на крв, повеќето деца со хемофилија во земјите како што се Соединетите Држави, Јапонија и Германија, се заразиле од СИДА. Потоа, откако наведе статистички податоци за ширењето на хепатит преку трансфузија на крв, тој се пожали: „Статистиките се апсолутно зачудувачки. Практично сите пациенти со хемофилија се инфицирани со хепатит“.
Медицинското мислење, истакна Воробјев, беше дека ако некое лице „изгуби еден литар крв, тогаш таа треба да се замени со литар крв“. Но, „тоа е грешка!“, изјави тој. Во заклучокот на своите уводни забелешки, тој рече: „Се залагавме за трансфузија на крв, но сега заедно ќе се ослободиме од старите гледишта“.
Многумина од медицинските експерти кои учествуваа во програмата беа од Русија, но имаше говорници и од Франција, Шведска, Белгија и Соединетите Држави. Покрај тоа што го опишаа развојот на настаните во справувањето со губитокот на крв со помош на алтернативи за трансфузијата на крв, лекарите ги забележаа и опасностите од трансфузијата на крв, вклучувајќи го и ризикот од неповолни имунолошки реакции.
Вест на телевизијата
Руската државна телевизија, која ја гледаат 235 милиони луѓе, изнесе добар извештај кој ги следеше настаните во врска со конференцијата. Водителката на емисијата, Јелена Малишева, објасни: ‚Прочуени и меѓународно признати хирурзи, анестезиолози и хематолози се собраа во Москва за да одговорат на едно прашање: ‚Може ли да се изврши хируршки зафат без да се даде крв?‘
Јелена ги информираше ТВ гледачите за болестите кои можат да се пренесат преку крвта и објасни: „Тоа ги натера лекарите да бараат излез. И тој беше пронајден. Беше наречен бескрвна хирургија. Секој што ќе се подложи на операција, може да дискутира за методите на бескрвна хирургија со својот лекар“.
Во телевизиската емисија Андреј Воробјев рече: ‚Крвта од дарителот содржи протеини кои му се туѓи на телото и можат да предизвикаат непредвидлива и неизбежна реакција. Освен тоа, сеедно колку се трудиме, дарителот може да го инфицира пациентот со вирусите што ги носи а не можеме да ги откриеме‘. Затоа, тој заклучи: ‚Треба да ја намалиме трансфузијата на крв од дарителите на пациентите‘.
На програмата се појави и Жан-Франсоа Барон, шеф на одделот за анестезиологија и интензивна нега во болницата Брусе, во Париз (Франција). Тој објасни: „На институтот изработивме посебни течности кои можат да го пренесуваат кислородот. Сите тие имаат особености на крв, но не содржат никакви крвни протеини [кои можат да пренесат болести]. Во блиска иднина“, предвиде тој, „овие раствори ќе се користат во секојдневната пракса“.
Ова ја наведе водителката на програмата да каже нешто за рускиот професор Феликс Ф. Белојарцев, кој пред 20-тина години како замена за крв воведе една течност која го пренесува кислородот. Таа забележа дека во тоа време, откритието на Белојарцев не било радосно дочекано од страна на медицинските лица и дека тој „изврши самоубиство поради бескрајното измачување предизвикано од ова откритие“.
Извештај во медицинските списанија
И медицинскиот весник Meditsinskaya Gazeta извести за оваа конференција. „Главниот заклучок на симпозиумот“, се вели во него, „може да се формулира на следниов начин: Потребно е да се користат алтернативи за трансфузијата на крв во сите можни ситуации и да се донесе одлука за употреба на крв само откако внимателно ќе се одмери степенот на ризик за секој поединечен пациент и само во околности во кои е загрозен животот.“
Весникот се осврна и на неспремноста на некои лекари да го прифатат одбивањето на пациентот да прими крв. На пример, Јеховините сведоци не прифаќаат трансфузија на крв поради библиското упатство ‚да се воздржуваат од крв‘ (Дела 15:28, 29). Меѓутоа, во врска со ова, беше цитиран Мишел де Гијеншмит, професор по право од Франција, кој рекол:
‚Треба да им бидеме благодарни на Јеховините сведоци затоа што, со тоа што го покренаа ова спорно прашање, тие не само што го свртеа вниманието кон нивните права туку им помогнаа на сите медицински лица да ги разберат опасностите од трансфузијата на крв. Ова, пак, ги охрабрува научниците да бараат пософистицирани методи за бескрвна хирургија.‘
Една од статиите во Meditsinskaya Gazeta започна вака: „Речено е дека трансфузијата на крв е слична на бракот: Никој не знае што ќе следи понатаму“. Потоа, откако забележал дека ‚човечката крв е како отисок од прст — не постојат два идентични отисоци‘, весникот праша: „Дали денес може целосно да се гарантира дека пациентот нема да добие некоја инфекција како резултат на трансфузијата?“ Тој одговори: „Дури и во земјите во кои се постигнати впечатливи резултати во областа на медицината, не постои ефективен систем за контрола на крвните производи“.
‚Затоа, судејќи според преполнетиот аудиториум и јасниот интерес на делегатите во врска со проблемите за кои се дискутира‘, заклучи статијата, ‚настанува промена во размислувањето на лекарите.‘
Вршење услуга
Надвор од салата за конференции, Јеховините сведоци поставија штанд на кој им поделија на лекарите пакет статии од медицински списанија во врска со употребата на алтернативни методи при губење крв. Стотици лекари со задоволство ги зедоа.
Јасно е дека информираните медицински професионалци одат кон ограничување на употребата на крв во медицината.
[Слики на страница 29]
Јеховините сведоци им поделија на стотици лекари статии за најновите истражувања за крвта