Спасување од бурата-убиец!
Уништувањето што го предизвика ураганот Мич минатата година ги преплави насловните страници ширум светот. Но, не се посвети големо внимание на честопати херојските напори што ги правеа Јеховините сведоци за да им донесат помош на жртвите од оваа бура-убиец. Следниов извештај драматично покажува како можат да триумфираат вистинското христијанство и братство, дури и под најтешките околности.
НА 22 октомври 1998, водите на југозападните Кариби создадоа еден убиец. Тој се појави во облик на тропска депресија. За 24 часа прерасна во тропска бура и го доби името кое долго време ќе се памети со страв и болка — Мич. Засилувајќи се, Мич се упати кон север. На 26 октомври тој стана ураган од 5. категорија, создавајќи долготрајни ветрови од 290 километри на час со налети од преку 320 километри на час.
На почетокот изгледаше дека Мич се спрема да ја нападне Јамајка и Кајманските острови. Меѓутоа, убиецот се сврте кон запад и се упати право кон Белизе, на брегот на Централна Америка. Но, наместо да нападне, Мич заканувачки проструи кон северниот брег на Хондурас. И тогаш, ненадејно, убиецот стапи во акција. На 30 октомври, Мич навлезе во Хондурас, сеејќи смрт и уништување.
Мич го напаѓа Хондурас
Мич го најави своето присуство со поројни дождови. „Околу еден часот наутро, во саботата на 31 октомври“, се сеќава Виктор Авелар, полновремен евангелизатор кој живее во Тегусигалпа, „слушнавме бука како од силни грмотевици. Она што беше мало заливче, сега стана разбеснета река! Таа однесе две куќи, со нивните станари кои врескаа фатени во стапица внатре.“ Во еден друг дел од градот, 32 души загинаа во нанос од кал, вклучувајќи и 8 лица кои ја проучуваа Библијата со Сведоците. Но, не загина ниту еден крстен Сведок.
Службениците од Хондурас брзо одговорија на кризата, поставувајќи засолништа за бегалци. Исто така, во акција стапи еден меѓународен тим за помош од повеќе од десетина земји. И Јеховините сведоци почнаа да ги спроведуваат своите напори за помош, имајќи ги во мислите зборовите од Библијата: „Да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10). Затоа беа формирани одбори за итна помош. Увидувајќи колку е очајна ситуацијата во крајбрежните градови, Сведоците организираа спасувачка мисија.
Еден Сведок по име Едгардо Акоста се сеќава: „Во саботата на 31 октомври, набавивме мало бротче и отидовме во поплавеното подрачје. Иако успеавме да спасиме двајца браќаa‚ сфативме дека ќе ни треба поголем чамец за да ги извлечеме сите браќа. Затоа, набавивме рибарски брод и по втор пат отидовме рано утрото во неделата. На крајот, ги евакуиравме сите од собранието, како и некои соседи — вкупно 189 лица.
Хуан Алварадо помогна во спасувачките операции во близината на Ла Хунта. Тој се присетува: „Можевме да слушнеме како луѓето викаат ‚Помош! Спасете нѐ!‘ Тоа беше најстрашното искуство што сум го доживеал. Браќата беа целосно фатени во стапица. Многумина беа на крововите“. Преживеаната Марија Бониља објаснува: „Водите околу нас беа како океан. Сите плачевме“. Но, напорите за спасување беа успешни. Преживеаниот Умберто Алварадо вели: „Браќата не само што нѐ спасија туку ни дадоа и засолниште, храна и облека“. Понатаму, Умберто се сеќава: „Еден човек кој го гледаше спасувањето ни рече дека никој од неговата црква не се обидел да го извлече — тоа го сториле само Јеховините сведоци. Сега е убеден дека Јеховините сведоци ја имаат вистинската религија!“
Во градот Ла Лима, една група Сведоци биле фатени во стапица во една куќа. Бидејќи водата околу нив се кревала, тие направиле еден отвор на таванот и се искачиле на таванските греди. Габи, која е Сведок, раскажува: „Резервите храна што ги имавме беа доволни за неколку дена. Кога се потрошија, еден брат го ризикуваше животот со тоа што се пушти во водата за да собира кокосови ореви. За да си ја олесниме маката, пеевме песни на Царството“. Хуан, слуга помошник, се сеќава: „Мислевме дека нема да преживееме. Затоа, одлучивме да го проучуваме библиското списание Стражарска кула. Сите почнавме да плачеме, мислејќи дека тоа е последен пат да проучуваме заедно. Проучувањето нѐ зајакна да истраеме“. Тие издржале осум дена, сѐ додека на крајот не биле спасени од властите.
Иако останале живи и здрави, многу од оние кои ја преживеале поплавата морале да се соочат со горката реалност. Лилијан, која е Сведок, признава: „Многу е болно кога ќе се изгубат лични предмети како што е облеката, мебелот и семејните фотографии. Кога ја видов мојата куќа полна со кал, ѓубре, па дури и змии, тоа беше страшно!“ Сепак, уште еднаш христијанското братство се покажа непроценливо. „Браќата дојдоа да помогнат“, раскажува Лилијан. „Мојот сопруг, кој не е Сведок, праша: ‚Како да им се оддолжиме за целата нивна работа?‘ Една сестра ми одговори: ‚Не мораш да ми се заблагодаруваш. Јас сум ти сестра!‘“
Ел Салвадор го почувствува бесот на Мич
Додека ураганот Мич се пробиваше кон запад накај Ел Салвадор, изгуби од својата силина. Но, сѐ уште имаше сила да убива. Во тоа време, Јеховините сведоци во Ел Салвадор беа зафатени со планирање на Обласниот конгрес „Божјиот пат на живот“. Се очекуваше да присуствуваат повеќе од 40.000 лица. Како што се приближуваше Мич, шансите дека сите браќа ќе можат да присуствуваат на конгресот изгледаа мали. Реките се прелеваа, проголтувајќи насади, патишта и куќи. Ослабени поради сечењето на шумите, ридовите формираа огромни наноси од кал.
Нелсон Флорес беше претседавачки надгледник на собранието на Јеховините сведоци во градот Чилангуера. Саботата наутро, на 31 октомври, тој се разбудил и открил дека од другата страна на реката, каде што некогаш лежел Чилангуера, сега нема ништо! Петстотини куќи биле збришани! Стравувајќи за животите на своите духовни браќа и не размислувајќи многу за сопствената безбедност, Нелсон скокнал во надојдената река. „Кога стигнав на другата страна“, се сеќава Нелсон, „се исправив и се обидов да се снајдам каде се наоѓам. Сум минувал низ тоа подрачје секој ден проповедајќи од куќа до куќа, но не можев да најдам ниту еден познат знак!“
Таа ноќ во Чилангуера загинаа околу 150 луѓе. Меѓу нив беа неколкумина кои ја проучуваа Библијата со Јеховините сведоци. Меѓутоа, не загина ниту еден крстен Сведок.
Наскоро се започна со напори за спасување. Аристедес Естрада, кој помагаше во организирањето на овие операции, објаснува: „Не ни беше допуштено да одиме во Чилангуера. Нивото на водата сѐ уште се накачуваше! Никогаш нема да ја заборавам глетката на луѓето кои викаа за помош, напуштени од спасувачите кои биле присилени да бегаат за да си го спасат сопствениот живот“. Но, со текот на времето, сите браќа беа безбедно евакуирани. Салите на Царството служеа како центри за бегалци. Освен тоа, Сведоците беа поставени во болниците, училиштата и други локации каде што можеа да ги проверуваат списоците на повредени и бездомни луѓе за имињата на други Сведоци. Локалните собранија брзо ги обезбедија потребните намирници.
Но, не беше секогаш лесно да се однесат намирници до собирните центри. Браќата од гратчето Коринто тргнаа натоварени со производи од своите полиња, но наидоа на одрон кој им го блокираше патот. Решение? Копаа за да си го пробијат патот! На почетокот, набљудувачите скептично посматраа. Но, со текот на времето беа поттикнати да се зафатат со работа и да помогнат да се отвори патот. Браќата од Коринто стигнаа на својата дестинација покриени со кал, но среќни што дале свој придонес.
Канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society служеше како еден собирен центар. Хилберто, член на персоналот кој помогна во доставувањето на донациите, се сеќава: „Беше неверојатно! Пристигнаа толку многу возила што мораа да бидат назначени доброволци за да го насочуваат сообраќајот на паркиралиштето и на улицата пред подружницата“. Се направи проценка дека биле приложени 25 тони облека и 10 тони храна. Беа потребни 15 доброволци во текот на една седмица за да ги сортираат и да ги испорачаат алиштата.
Мич минува низ Никарагва
Мич помина доволно близу до границата на Никарагва за да истури уништувачки дожд и врз таа земја. Беа уништени илјадници домови, а патиштата беа однесени од водата. Во близина на градот Посолтега, еден нанос од кал затрупа цели села — и повеќе од 2.000 луѓе.
Кога Сведоците во Никарагва слушнаа за трагедијата, организираа огромна помош. Беа испратени доброволци на една исцрпувачка и опасна мисија на милост — да ги пронајдат своите браќа! Две екипи Сведоци, една од Леон (град јужно од Посолтега) и една од Чичигалпа (град на северот), заминаа за Посолтега, а секој брат носеше тежок пакет со намирници. Спасувачите предупредија дека патот дотаму е речиси непрооден, но браќата беа одлучни.
Рано утрото во понеделникот, на 2 ноември, браќата од Леон натоварија намирници во еден камион и возеа дури до однесениот мост. Откако го растоварија камионот, браќата формираа два тима велосипедисти: едниот да тргне во Посолтега, а другиот во поплавениот град Телика. Пред да тргнат, браќата се помолија. „После молитвата“, вели еден од спасувачите, „чувствувавме огромна сила“. А таа им требаше. Мораа да поминат низ широки ровови, понекогаш лизгајќи се низ калта, а понекогаш носејќи ги велосипедите на рамениците. Паднатите дрвја честопати им го блокираа патот. А мораше да ја издржат и морничавата глетка на мртви тела кои пливаа во барите со вода.
Зачудувачки, велосипедистите од Леон и Чичигалпа пристигнаа во Посолтега речиси во исто време! Нерио Лопез, член на спасувачката екипа, се сеќава: „На мојот велосипед му беа излижани гумите. Мислев дека ќе издржат километар или два“. Сепак, велосипедот некако издржал. Дури на враќање пукнале двете гуми. Како и да е, браќата беа првите спасувачи кои пристигнаа. Колкава само радост почувствуваа кога се сретнаа со група локални христијански браќа и сестри! „Толку многу сум му благодарна на Јехова и на нашите браќа за тоа што ни ја дадоа својата поддршка и помош“, рече една сестра. „Никогаш не помислувавме дека браќата ќе дојдат толку брзо за да ни помогнат“.
Тоа беше само првата од неколкуте експедиции со велосипеди кои беа испратени во поплавените градови, а во многу случаи браќата беа првите спасувачи кои пристигнале. Градот Ларинага беше сведок на една глетка од 16 браќа кои пристигнаа на велосипеди! Локалните браќа беа трогнати до солзи поради нивните напори. Понекогаш велосипедистите мораа да носат на грб повеќе од 20 килограми намирници. Двајца браќа пренесоа преку 100 килограми намирници до градот Ел Гуајабо! Пренесувајќи колку што можел повеќе на својот велосипед, еден велосипедист пронашол утеха во медитирањето за библискиот текст од Исаија 40:29: „[Јехова] му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот“.
Сведоците во градот Тонала испратија гласник за да ги извести одговорните браќа дека нивните резерви од храна се речиси потрошени. Кога гласникот пристигнал, се изненадил кога чул дека веќе биле испратени намирници за помош! А кога се вратил, во неговиот дом го чекала храна. Марлон Чавариа, кој помогнал да се однесат намирници за помош во поплавеното подрачје околу Чинандега, се сеќава: „Во еден град имаше 44 семејства на Сведоци. Меѓутоа, 80 семејства извлекоа корист затоа што браќата ја делеа храната со нив“.
Овие напори да се пружи помош го привлекоа вниманието на властите. Градоначалникот на градот Вамблан им напишал на Сведоците, велејќи: „Ви пишуваме за можноста да добиеме помош . . . Видовме како им помагате на Вашите браќа и сестри овде во Вамблан и сакаме да знаеме дали е можно да направите нешто и за нас“. Јеховините сведоци одговориле испраќајќи храна, лекови и облека.
Беснеење во Гватемала
Веднаш откако Мич го напушти Хондурас и Ел Салвадор, ја нападна и Гватемала. Сара Агустин, Сведок која живее јужно од Гватемала Сити, се разбудила од звукот на разбеснетите води. Клисурата во која живеела била претворена во разбеснета река. Таа честопати тропала на вратите на соседите за да им ја пренесе библиската вистина. Сега одела од врата до врата очајнички обидувајќи се да ги разбуди! Подоцна наишол нанос од кал кој со огромна брзина се движел низ ридот, проголтувајќи многу од куќите на нејзините соседи. Земајќи лопата, Сара почнала да им помага на преживеаните, откопувајќи од калта седум мали деца. Акушерка по професија, Сара помогнала да дојде на свет едно од тие деца. За жал, тинејџерката Вилма била меѓу загинатите. Неодамна Сара ѝ оставила библиска литература.
Иако Мич изгубил многу од својата жестина, постојаниот дожд нанел значителна штета на насадите, мостовите и домовите. Во локалната канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци во Гватемала била испратена голема количина намирници, и било одлучено некои од овие намирници да се користат за да им се помогне на браќата во Хондурас. Бидејќи многу мостови биле уништени а аеродромот бил поплавен, намирниците требало да се испратат по вода. Фред Брун, од канцеларијата на подружницата, раскажува: „Изнајмивме плексиглас бродче од осум метри и тргнавме со еден тон лекови и храна. После едно страшно патување по разбрануваното море, конечно стигнавме до пристаништето Омоа, накиснати до кожа“.
Мич — после него
Изгледаше дека Мич е спремен да стивне над југоисточен Мексико. Меѓутоа, со последниот здив, Мич се упати кон североисток и удри на јужна Флорида (САД). Но, наскоро ја изгуби силата. Се повлече во Атлантикот и брзо почна да слабее. На 5 ноември, сите предупредувања за тропска бура беа прекинати.
Некои експерти го нарекоа Мич „најсмртоносниот ураган кој ја погодил западната хемисфера во последниве два века!“ Конечниот данок во смрт можеби е 11.000; илјадници луѓе сѐ уште се исчезнати. Повеќе од три милиони останаа без дом или, пак, беа сериозно погодени. Претседателот на Хондурас, Карлос Флорес Факусе, се пожалил: „Го изгубивме она што го градевме малку по малку во текот на 50 години“.
Многу Јеховини сведоци ги изгубија своите домови од Мич. За жал, во голем број случаи, повеќе не постојат парцелите земја на кои се наоѓаа нивните домови! Сепак, Јеховините сведоци направија подготовки да им помогнат на многумина да ги поправат или повторно да ги изградат своите домови.
Трагичните катастрофи како што е ураганот Мич се мрачен потсетник дека живееме во „времиња тешки“ (2. Тимотеј 3:1—5). Вистинска заштита од таквите катастрофи ќе дојде само тогаш кога Божјето Царство ќе го преземе управувањето со оваа планета (Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4). Сепак, Јеховините сведоци се благодарни што ниту еден од нивните браќа не го изгуби животот како директна последица на Мич.b Послушноста на локалните прописи за евакуација, како и добрата организација од страна на локалните собранија, им помогнаа на многумина да ја избегнат неволјата.
Во текот на изминативе неколку месеци, Јеховините сведоци во погодените земји напорно работеа за да се вратат во својата рутина на духовни активности. На пример, во Ел Салвадор беа направени подготовки да им се помогне на жртвите од бурата да присуствуваат на обласниот конгрес кој се одржа само неколку дена откако помина Мич. Беа изнајмени автобуси за да се обезбеди превоз и беше организирано сместување. Се направија подготовки да им се укаже медицинско лекување на болните за да можат да присуствуваат и тие! Конгресот беше успешен, со најголем број од 46.855 присутни — далеку повеќе од она што се очекуваше на почетокот. „Бевме трауматизирани од нашето искуство“, признава Хозе Ривера, еден брат од Салвадор кој го изгуби и својот дом и својот бизнис од Мич. „Но, се вративме од собирот преобразени од тоа што бевме сведоци на гостопримството на браќата“. Се известува дека присуството на состаноците на Јеховините сведоци во овие земји драматично се зголеми — што е директен резултат на тоа што набљудувачите ги гледаа нашите напори за помош.
Но, можеби ова искуство најмногу влијаеше врз самите Сведоци. Карлос, преживеан од поплавите во Хондурас, вели: „Никогаш не сум доживеал вакво нешто. Лично ја почувствував љубовта и наклоноста на моите браќа“. Да, штетата што ја нанесе ураганот Мич, еден ден ќе биде минато. Но, љубовта што ја покажаа Јеховините сведоци, од кои многумина го ризикуваа животот за да им помогнат на своите браќа, никогаш нема да биде заборавена.
[Фусноти]
a Јеховините сведоци обично се нарекуваат „брат“ и „сестра“.
b После бурата, се зголемија случаите на инфективни заболувања. Еден Сведок во Никарагва умре како последица на тоа.
[Рамка/слика на страница 25]
Сведоците од соседството пружаат помош
КОГА прогнозерите предвидоа дека ураганот Мич ќе го погоди Белизе, нацијата се подготви за ударот. Бидејќи владата даде наредба за евакуација на сите крајбрежни и ниски подрачја, Јеховините сведоци се повлекоа во главниот град, Белмопан, речиси 80 километри во внатрешноста, или во други градови на повисоките места.
За среќа, Белизе беше поштеден од главниот налет на гневот на Мич. Но, кога слушнаа за неволјата на нивните браќа во Хондурас, Никарагва и Гватемала, браќата од Белизе приложија храна, облека, чиста вода за пиење и пари.
Всушност, таквата реакција беше типична за браќата од соседните земји. Сведоците од Костарика испратија четири огромни камиони со храна, облека и лекови. Браќата во Панама поставија четири центри за да ги примаат, сортираат и пакуваат приложените работи. За неколку дена беа собрани повеќе од 20.000 килограми помош. Еден човек кој не е Сведок коментирал: „Мислев дека војската е на прво место во организирањето помош. Но, сега гледам дека Јеховините сведоци го заземаат тоа место“. Сега Сведоците почнаа редовно да го посетуваат овој човек за да му ги пренесат библиските вистини.
Еден брат во бизнисот со транспорт обезбеди камионче и возач (кој не е Сведок) за да се однесе помошта во Никарагва. Службениците во Панама и во Костарика се откажаа од царинските барања и дозволија камионот да ги премине нивните граници. Една бензиска станица приложи доволно гориво за да се наполнат двата резервоара на камионот — доволно за патување во обата правци! И во Никарагва царинските службеници се откажаа од проверка на пакетите. „Ако се на Јеховините сведоци, нема потреба да ги проверуваме“, рекле тие. „Никогаш немаме проблеми со нив.“
Меѓутоа, не можеше да се направи копнен транспорт до Хондурас. Но, една христијанска сестра која работела во амбасадата на Хондурас можеше преку амбасадата да направи подготовки бесплатно да се испратат пратки со помош со авион! На овој начин беше испратен материјал од преку 10.000 килограми.
Интересно, некои кои не се Сведоци беа длабоко трогнати од делото за помош на Сведоците. Некои компании приложија картонски кутии, селотејп и пластични контејнери. Други дадоа парични донации и попуст. Вработените на аеродромот во Панама беа посебно трогнати кога видоа повеќе од 20 Сведоци доброволци кои помагаа во растоварувањето на донациите што беа испратени во Хондурас. Следниот ден, некои од тие работници на аеродромот дојдоа со сопствени донации што ги приложиле.
[Рамка на страница 26]
Слично дело на помош во Мексико
МЕКСИКО не претрпе голема штета од ураганот Мич. Но, само неколку недели пред убиецот да ја погоди Централна Америка, во државата Чиапас имаше големи поплави. Беа погодени околу 350 општини, а целосно исчезнаа неколку градови.
Секако, поплавата им создаде многу тешкотии на Јеховините сведоци од тоа подрачје. Меѓутоа, брзата акција од страна на старешините од локалното собрание честопати помогна последиците од бурата да се сведат на минимум. На пример, во една мала општина, старешините ги посетиле сите членови на собранието и ги предупредиле да се засолнат во Салата на Царството доколку продолжат дождовите. Се сметаше дека Салата е најцврстата градба во тоа место. Кога се раздени, градот беше погоден од здружените сили на две преплавени реки! Сведоците — и неколку нивни соседи — го преживеаја нападот бегајќи на кровот на Салата на Царството. Ниту еден Сведок не го изгуби животот.
Сепак, околу 1.000 Сведоци во Мексико беа присилени да се преселат во засолништата обезбедени од владата. Околу 156 домови на Сведоци беа сосема уништени, а 24 беа оштетени. Освен тоа, седум Сали на Царството беа сосема уништени.
Затоа, беа организирани шест одбори за помош за да служат за потребите на Јеховините сведоци и нивните соседи. Брзо се дистрибуираше храна, облека, ќебиња и други намирници. Всушност, кога на локалните службеници им беа дадени кратки информации за обемот на делото за помош, тие рекле: „Ниту војската не можеше да го направи тоа толку брзо“.
Јеховините сведоци веќе долго време имаат репутација на чесност, и честопати тоа било за нивно добро. На пример, кога една група луѓе побарале помош од локалните власти, биле запрашани дали има Јеховини сведоци во нивното место. Кога одговориле потврдно, службениците им рекле: „Тогаш, донесете ни некој од нив за да му ги дадеме намирниците за помош!“
Еден старешина од локалното собрание добро ги сумира работите кога пишува: „Браќата задржаа позитивен став и покрај оваа катастрофа. Ризикувајќи ги сопствените животи, многу браќа од блиските места ни дојдоа на помош со храна и со библиски публикации за да нѐ зајакнат. Имаме многу за што да му бидеме благодарни на Јехова“.
[Карта/слика на страница 20]
(Види во публикацијата)
Мексико
Гватемала
Белизе
Ел Салвадор
Хондурас
Никарагва
Костарика
[Слика на страница 21]
ХОНДУРАС
◼ Реката Гвасерике
[Слики на страница 22]
ЕЛ САЛВАДОР
◼ Главната улица во Чилангуера
◼ Хосе Лемус и неговите ќерки преживеаја, а исто така и Салата на Царството
◼ Хосе Сантос Хернандез, пред својот уништен дом
[Слики на страница 23]
НИКАРАГВА
◼ Првиот тим велосипедисти кон Телика
◼ Сведоците во Ел Гвајабо радосно примија вреќи со храна
[Слики на страница 24]
НИКАРАГВА
◼ Доброволци повторно го градат првиот од многуте домови
◼ Сведоците од локалните собранија помогнаа во пакувањето на вреќите со храна
[Слика на страница 24]
ГВАТЕМАЛА
◼ Сара помогна да се спасат од калта седум деца