Раѓање што треба да се памети
‚Денес ви се роди Спасител . . . кој е Христос Господ‘ (Лука 2:11, ДХК).
ПРЕД околу две илјади години, во градот Витлеем, една жена родила машко дете. Само малкумина од жителите на тој град биле свесни колку значајно е ова раѓање. Но, едни овчари што ноќевале на полето заедно со своите стада, виделе мноштво ангели и ги слушнале како пеат: „Слава на Бог на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:8—14).
Потоа овчарите ги нашле Марија и нејзиниот маж, Јосиф, во штала, токму како што им кажале ангелите. Марија, која го нарекла детето Исус, го положила во јаслите во шталата (Лука 1:31; 2:12). Сега, две илјади години по овој настан, околу една третина од човештвото тврди дека го следи Исус Христос. Настаните поврзани со неговото раѓање лежат во основата на една од, најверојатно, најраскажуваните приказни во човечката историја.
Шпанија, земја со силна католичка традиција и со посебна дарба за традиционални прослави, ја одбележува оваа единствена витлеемска ноќ на многу начини.
Божиќ во Шпанија
Од 13 век, сцената на Рождеството Христово станала едно од најпознатите обележја на прославите во Шпанија. Многу семејства прават мала макета на јаслите во кои бил положен Исус. Со глинени фигурки се претставени овчарите и мудреците (или, „тројцата кралеви“), како и Јосиф, Марија и Исус. За време на Божиќ, во близина на зградата на градските собранија се поставуваат поголеми сцени од Рождеството со фигури во скоро природна големина. Свети Фрањо од Асизи бил тој што најверојатно прв го вовел овој обичај во Италија со цел да го сврти вниманието на луѓето кон евангелскиот извештај за раѓањето на Исус. Подоцна, монасите од неговиот ред (т.н. Фрањевци) го рашириле во Шпанија и во многу други земји.
Во Шпанија, мудреците заземаат истакната улога во славењето на Божиќ — слична на онаа што ја има Дедо Мраз во други земји. Наводно, мудреците им даваат подароци на децата во Шпанија на 6 јануари, на Día de Reyes (Денот на кралевите), исто како што мудреците (магите), според народното верување, му донеле подароци на новороденчето Исус. Меѓутоа, малкумина знаат дека извештајот во евангелијата не спомнува колку мудреци го посетиле Исус. Тие не биле кралеви; всушност, биле астролози.a Освен тоа, по нивната посета, во обид да го убие Исус, Ирод наредил да бидат погубени сите машки деца во Витлеем, „од две години па надолу“. Ова покажува дека овие луѓе биле кај Исус откако поминало подолго време од неговото раѓање (Матеј 2:11, 16).
Од 12 век, во некои шпански градови се даваат театарски претстави за раѓањето на Исус, како и за доаѓањето на овчарите во Витлеем и подоцна за посетата на мудреците. Во денешно време, на 5 јануари секоја година, во повеќе градови во Шпанија се одржува cabalgata, или парада, во која „трите кралеви“ се возат низ градскиот центар на украсена подвижна платформа, и им делат бонбони на набљудувачите. Традиционалните божиќни украси и villancicos (весели песни) ѝ придаваат уште поголема живост на празничната атмосфера.
Повеќето шпански семејства сакаат да имаат посебна вечера на Бадник (24 декември). Во традиционалната храна што се јаде таа вечер спаѓаат turrón (слатки направени од бадеми и мед), марципан, суво овошје, печено јагне и морска храна. Членовите на семејството — дури и оние што живеат подалеку — вложуваат посебни напори за да се соберат во таа прилика. За време на еден друг традиционален оброк, на 6 јануари, семејството јаде roscón de reyes, округол колач „на кралевите“, а внатре во колачот има скриено sorpresa (мала фигурка). Според еден сличен обичај од времето на Римјаните, робот во чие парче од колачот се наоѓал скриениот предмет станувал „крал“ на денот.
„Време во годината кога луѓето се најсреќни и најактивни“
Без оглед на тоа какви обичаи има за Божиќ на различни места, тој денес станал најважен празник во светот. The World Book Encyclopedia за Божиќ вели дека „насекаде во светот, тоа е време во годината кога луѓето се најсреќни и најактивни — и многуте христијани, а и некои други што не се христијани“. Дали ова е добро?
Нема збор, раѓањето на Исус бил настан од историско значење. Фактот што било најавено од ангели како гласник на „мир меѓу луѓето на добра волја“ јасно сведочи за неговата важност.
Сепак, „во зародишот на христијанството, Рождеството Христово не било славено како празник“, истакнува Хуан Ариас, новинар од Шпанија. Ако е така, тогаш од каде потекнува славењето на Божиќ? И кој е најдобриот начин на кој треба да се запаметат раѓањето и животот на Исус? Во следната статија ќе ги дознаете одговорите на овие прашања.
[Фуснота]
a Делото Свето писмо — текст и коментари на професори од Исусовата дружба (La Sagrada Escritura—Texto y comentario por profesores de la Compañía de Jesús) објаснува дека „кај Персијците, Медијците и Халдејците, магите сочинувале свештеничка класа која се занимавала со окултизам, астрологија и медицина“. И покрај тоа, до средниот век, групата мудреци што отишле да го видат малиот Исус биле канонизирани и им биле дадени имињата Мелкиор, Гаспар и Валтазар. Наводно, нивните останки се чуваат во катедралата во Келн (Германија).