Тие се ставиле на располагање — во Мексико
ПРЕКРАСНО Е да се види како сѐ поголем број млади Сведоци си го поедноставуваат животот за да можат да служат во поголема мера (Мат. 6:22). Какви промени прават? На какви пречки наидуваат? Да видиме што имаат да кажат за тоа некои што моментално служат во Мексико.
‚МОРАВМЕ ДА СМЕНИМЕ НЕШТО‘
Дастин и Џеса
Дастин и Џеса од САД се венчале во јануари 2007 год. Кратко потоа успеале да си го остварат својот животен сон — си купиле јахта на која можеле да живеат преку целата година. Нивната јахта била закотвена во близина на Асторија (Орегон, САД), идилично гратче опкружено со пошумени ритчиња и планини со снежна покривка, во непосредна близина на Тихиот Океан. Дастин вели: „Каде и да се свртевме, прекрасната глетка ни го одземаше здивот!“ Тој и жена му сметале дека водат едноставен живот и дека се потпираат на Јехова. Си мислеле: ‚На крајот на краиштата, живееме на мала јахта од 8 метри, работиме со скратено работно време, служиме во собрание на друг јазик и понекогаш сме помошни пионери‘. Но, по некое време, сфатиле дека само се залажуваат. „Наместо да помагаме во собранието, најмногу време трошевме на поправки на јахтата“, вели Дастин. „Знаевме дека ќе мора да смениме нешто ако сакаме Јехова навистина да ни биде на прво место во животот“.
Џеса додава: „Пред да се омажам, живеев во Мексико и служев во едно собрание на англиски јазик. Уживав во службата и многу сакав пак да се вратам таму“. За да ја разгорат кај себе желбата да служат во друга земја, за време на Семејната вечер тие читале животни приказни на браќа и сестри кои се преселиле во земји каде што полињата се зрели за жетва (Јован 4:35). „Сакавме да ја доживееме истата радост што ја доживеале и тие“, вели Дастин. Кога некои нивни пријатели во Мексико им кажале дека се основала нова група на која ѝ била потребна помош, Дастин и Џеса донеле одлука. Дале отказ од работа, ја продале јахтата и се преселиле во Мексико.
‚НАЈДОБРАТА ОДЛУКА ВО ЖИВОТОТ‘
Дастин и Џеса се преселиле во Текоман, град кој се наоѓа на околу 4.300 километри јужно од Асторија, но исто така е близу до Тихиот Океан. „Наместо свежо ветре и прекрасни планински глетки, нѐ пречекаа тропски горештини и ‚море‘ од лимонови дрвца“, вели Дастин. Во почетокот, не можеле да најдат работа. Бидејќи немале доволно пари, со недели јаделе само ориз и грав двапати на ден. Џеса вели: „Кога мислевме дека повеќе нема да издржиме само со таква храна, интересентите со кои проучувавме почнаа да ни донесуваат манго, банани, папаја и, се разбира, полни вреќи со лимони!“ По некое време, успеале да најдат работа. Почнале да даваат часови преку Интернет за едно училиште за странски јазици во Тајван. Со парите што ги заработуваат можат да се грижат за сите свои потреби.
Што мислат Дастин и Џеса за својот нов начин на живот? „Тоа е најдобрата одлука што некогаш сме ја донеле“, велат тие. „Никогаш не помислувавме дека можеме толку да се зближиме со Јехова и еден со друг. Секој ден правиме многу работи заедно — одиме во служба, разговараме како да им помогнеме на интересентите и се подготвуваме за состаноците. Веќе не нѐ притискаат истите грижи од порано.“ Тие додаваат: „Дури сега сфаќаме колку се вистинити зборовите од Псалм 34:8: ‚Вкусете и видете колку е добар Јехова!‘“
ШТО ГИ МОТИВИРА ИЛЈАДНИЦИТЕ ДОБРОВОЛЦИ?
Повеќе од 2.900 браќа и сестри — и самци и во брак, претежно на возраст од 20 до 40 години — се преселиле да служат во Мексико на места каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Зошто сите овие Сведоци се нафатиле на една таква одговорна задача? Кога ова прашање им било поставено на неколкумина од нив, тие ги навеле следниве три главни причини.
Летиција и Ермило
Од љубов кон Јехова и кон луѓето. Летиција се крстила на 18 години. Таа вели: „Знаев дека со моето крштавање му ветувам на Јехова дека ќе му служам со сето срце и со сета душа. За да покажам колку многу го сакам, решив да вложам повеќе време и сила во службата“ (Мар. 12:30). Ермило, кој сега е оженет со Летиција, бил на возраст од околу дваесет години кога се преселил во место каде што имало поголема потреба од објавители. Тој вели: „Ми беше јасно дека најдобро ќе ја покажам својата љубов кон луѓето ако им помагам да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мар. 12:31). Затоа заминал од Монтереј, голем и богат град, каде што работел во банка и водел удобен живот, и се преселил во едно мало гратче.
Если
За да доживеат вистинска и трајна среќа. Кратко по своето крштавање, Летиција, заедно со една искусна пионерка, отишла да проповеда во едно зафрлено гратче. Таму останале еден месец. Летиција си спомнува: „Бев воодушевена. Многу се радував кога гледав како луѓето спремно ја прифаќаат пораката за Царството. Кога помина тој месец, си реков: ‚Е на ова сакам да го посветам својот живот!‘“ И Если, една немажена сестра која сега има дваесетина години, била поттикната да размислува за ваква служба. Додека била во средно училиште, се запознала со неколку ревносни Сведоци кои служеле таму каде што имало поголема потреба. Таа вели: „Кога гледав колкава радост зрачеше од лицата на овие браќа и сестри, и јас посакав да живеам како нив“. Кај многу други сестри се јавила слична желба. Всушност, повеќе од 680 немажени сестри служат во Мексико на места каде што има поголема потреба од објавители. Тие се прекрасен пример и за младите и за старите!
За да водат исполнет и задоволувачки живот. Кога Если завршила средно, ѝ понудиле стипендија за факултет. Врсниците ја убедувале да ја прифати и да води „нормален живот“ — да дипломира, да се вработи, да си купи кола, и да го прошета светот. Но, Если не ги послушала. Таа вели: „Неколку мои пријатели од собранието одлучија да го прават тоа, и видов дека престанаа да си поставуваат духовни цели. Колку подлабоко навлегуваа во светот толку повеќе се гушеа во проблеми. Јас сакав да му ја посветам мојата младост на Јехова“.
Ракел и Филип
Если завршила неколку курсеви што ѝ помогнале да најде работа за да се издржува како пионер, и потоа се преселила на подрачје каде што имало голема потреба од објавители. Дури се нафатила и да ги учи домородечките јазици што ги зборуваат племињата Отоми и Тлапанеко. Сега, после три години што ги поминала проповедајќи на зафрлени подрачја, таа вели: „Службата на места каде што има голема потреба од објавители ми носи задоволство и му дава вистинска смисла на мојот живот. А што е најважно, ми помага да бидам уште поблиска со Јехова“. Со тоа се согласуваат и Филип и Ракел, брачен пар од САД кои се во своите триесетти години. „Бидејќи светот толку брзо се менува, мнозина сметаат дека животот станува многу несигурен. Но, тоа што служиме на место каде што сѐ уште има многу луѓе кои ја прифаќаат библиската порака ни помага да водиме навистина исполнет живот и ни носи големо задоволство“.
КАКО ГИ НАДМИНУВААТ ПРЕЧКИТЕ
Вероника
Се разбира, не е секогаш лесно да се служи таму каде што има поголема потреба од објавители. На пример, понекогаш е тешко да се најде работа. Затоа мора да бидеш спремен да се приспособиш на локалните околности. Вероника, која долги години служи како пионер, вели: „Во едно место подготвував брза храна и ја продавав за пристапна цена. А во друго место, продавав облека и потстрижував. Моментално чистам една куќа и одржувам курс на кој поучувам млади родители како да комуницираат со своите деца“.
Друг предизвик е тоа што можеби ќе треба да се привикнеш на поинаква култура и обичаи. Ова може особено да биде тешко ако служиш во зафрлено подрачје на кое живее домородечко население. Со вакво нешто се соочиле Филип и Ракел кога служеле на подрачје каде што се зборува јазикот нахуатл. „Има огромни разлики помеѓу нашите култури“, вели Филип. Што им помогнало да се навикнат на новата култура? „Се трудевме да ги гледаме позитивните работи кај луѓето од народот Нахуатл. Тие имаат многу блиски семејни врски, чесно постапуваат еден со друг и многу се дарежливи.“ Ракел додава: „Многу научивме додека живеевме таму и додека служевме со браќата и сестрите од овој народ“.
КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИШ
Можеби и ти сакаш да служиш на некое подрачје каде што има голема потреба од објавители. Како би можел да се подготвиш? Браќата и сестрите кои служеле на вакви места советуваат: Пред да се преселиш, почни да си го поедноставуваш животот и научи да бидеш задоволен со помалку (Фил. 4:11, 12). Што друго би можел да сториш? Летиција вели: „Не прифаќав работа што можеше да ме врзе подолго време на едно место. Сакав да бидам слободна за да можам во секое време да се преселам онаму каде што имаше потреба“. Ермило вели: „Научив да готвам, да перам и да пеглам“. А Вероника раскажува: „Додека живеев дома со семејството, помагав околу чистењето и научив да готвам здрави оброци што не беа многу скапи. Научив и да штедам“.
Амелија и Ливај
Ливај и Амелија од САД, кои се во брак осум години, кажуваат како конкретните молитви им помогнале да се подготват за службата во Мексико. Ливај вели: „Пресметавме колку пари ќе ни требаат за да служиме во друга земја, и потоа го молевме Јехова да ни помогне да ја заработиме таа сума“. За неколку месеци успеале да заштедат токму толку пари, и се преселиле без да одложуваат. Ливај вели: „Бидејќи Јехова одговори на нашите конкретни молитви, ние требаше да си го направиме нашиот дел“. Амелија додава: „Мислевме дека ќе можеме да останеме само една година, но тука сме веќе седум години и не ни помислуваме да се вратиме! Овде од прва рака ја чувствуваме Јеховината помош. Секој ден одново се уверуваме во неговата добрина“.
Адам и Џенифер
Молитвата исто така имала важна улога и за Адам и Џенифер, брачен пар од САД, кои служат на англиското подрачје во Мексико. Тие препорачуваат: „Немој да чекаш околностите да ти бидат совршени. Моли се во врска со својата желба да служиш во друга земја, а потоа постапувај во склад со молитвите. Поедностави си го животот, пиши до подружницата во земјата каде што сакаш да служиш и, откако добро ќе ги одмериш работите, пресели се!“a Оние што ќе го сторат тоа ги очекува возбудлив живот со безброј духовни благослови.
a Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ во статијата „Можеш ли да ‚прејдеш во Македонија‘?“, која излезе во Нашата служба за Царството од август 2011.