Тие не се воздржувале од сведочење
1 Нашето име, Јеховини сведоци, нѐ идентификува кои сме и опишува што правиме. Ние сведочиме за извонредностите на нашиот Бог, Јехова (Иса. 43:10, 12). Секој мора да го дава ова сведоштво ако сака да стане член на собранието. Сведочењето првенствено се врши преку нашата јавна служба, во која се вклучени посетите од куќа до куќа, работењето на улица, правењето повторни посети и водењето библиски студии. Сите ние сме исправно подбудени да посегнеме по целосен удел во него (1. Кор. 15:58).
2 Меѓутоа, некои членови на собранието се ограничени во нивните можности. Поради сериозни болести или немоќ, врзани се за домот. Можеби роднините кои се противат им поставуваат огромни бариери. Едно младо лице може да е ограничено од родителот кој не е верник. Поединци кои живеат во изолирани подрачја без превоз може да мислат дека е скоро невозможно да сведочат. Вродената срамежливост може да ги наведе срамежливите да се колебаат. Некои објавители, кои се наоѓаат во вакви или слични ситуации, можеби се чувствуваат неспособни да бидат христијани бидејќи она што се во состојба да го сторат е далеку под она што го прават другите и помалку е од она што тие навистина би сакале да го направат. Нема причина таквите да ги потценуваат своите напори (Гал. 6:4). Тие можат да се утешат од сознанието дека Јехова е задоволен кога го даваат најдоброто во секоја ситуација во која ќе се најдат (Лука 21:1-4).
3 Да се најде начин за да се учествува: Раскажани се илјадници искуства кои покажуваат како поединци во тешки околности не дозволиле да бидат спречени да сведочат. Користејќи ја својата иницијативност, смислиле голем број начини за неформално сведочење. Оние што се врзани за својот дом го користат телефонот за да си отворат широка врата за сведочење. На секој посетител тие гледаат како на потенцијален слушател. Некои жени, чии семејства се противат, и покрај тоа што не можат да сведочат дома, ги користат приликите да им зборуваат на соседите или на другите што ги среќаваат во секојдневниот живот.
4 Едно младо лице може да биде попречувано од својот родител, кој не е верник, да учествува во нашата јавна служба. Наместо да се помири со тоа како со ненадминлива препрека, тоа може да гледа на соучениците и на наставниците како на свое лично „подрачје“ и може да дава одлично сведоштво, па дури и да води библиски студии. Многумина кои живеат во изолирани подрачја биле во можност да учествуваат во тоа дело преку пишување на писма. Оние што се мотивирани од христијанската ревност секогаш ќе најдат начин за да избегнат да станат ‚неактивни или бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос‘ (2. Петр. 1:8, НС).
5 Кога станува збор за нашиот удел во делото на сведочење, Јехова поставил едно мерило кое подеднакво важи за сите, имено, дека треба да работиме „од душата“ (Кол. 3:23). Иако износот на времето што го трошиме и она што го постигнуваме може да варира, нагласената мотивација е истата — искрена љубов што се дава „од сѐ срце“ (1. Лет. 28:9; 1. Кор. 16:14). Ако го даваме најдоброто од себе, никогаш нема да имаме причина да помислиме дека ни недостига вера или дека сме бескорисни членови на собранието бидејќи она што можеме да го направиме е премалку. Како Павле, и ние можеме со право да речеме дека ‚не сме пропуштиле ништо полезно да кажеме и да поучиме пред народот‘ (Дела 20:20).