Зголеми го своето богатство на службата за Царството
1 Исус ја споредил надежта за Царството со бесценето богатство (Мат. 13:44-46). Дали сме ние како луѓето од Исусовите споредби кои продале сѐ што имале за да купат нешто повредно? Ако сме, ќе му дадеме предност на Божјето Царство, па дури и тогаш кога можеби е вклучена неугодност или самооткажување (Мат. 6:19-22).
2 Бидејќи нашата служба за Царството е богатство, треба да имаме желба да го зголемиме. Што покажува нашиот личен начин на живот? Дали ја зголемуваме нашата активност за Царството? Тоа можеме да го сториме така што ќе учествуваме во различни гранки од службата, вклучувајќи ја работата од куќа до куќа, правењето повторни посети, водењето библиски студии и неформалното сведочење.
3 ,Како да го зголемам својот удел?‘ Со почетокот на новата службена година, добро е секој да ја разгледа својата лична активност, за да види што може да стори за да го зголеми времето што го минува во службата на проповедање и да се праша: ‚Можам ли да ги подредам поинаку своите околности со цел одвреме навреме, па дури и постојано, да работам како помошен пионер? Со неколку промени, можам ли да стапам во општата пионерска служба?‘ Новите пионери, кои ќе се пријават од 1. септември, ќе ги исполнат условите да ја посетат Школата за пионерска служба следната година.
4 Некои објавители си поставиле лична цел да сторат повеќе во неформалното сведочење. Оваа активност честопати дава извонредни плодови. Други можеби чувствуваат потреба да се поправат во правењето делотворни повторни посети или во започнувањето библиски студии.
5 Ако заклучиме дека нашата служба на некој начин е ограничена, што да сториме за да ја зголемиме? Оние кои успешно достигнале повисоки цели препорачуваат прво да бидеме решени по секоја цена да ги ставиме интересите на Царството на прво место (Мат. 6:33). Неопходни се вера и потполно потпирање на Јехова (2. Кор. 4:7). Барај негова помош преку искрена и упорна молитва (Лука 11:8, 9). Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ги благослови нашите искрени напори да го зголемиме нашето учество во службата за него (1. Јов. 5:14).
6 Разговарај со други браќа и сестри кои успешно ја зголемиле својата служба. Прашај ги како успеале да ги совладаат препреките без да се обесхрабрат. Нивните лични искуства можат да бидат токму она што е потребно за да те увери дека зголемувањето на службата не е недостижно.
7 Кога читаш статии од Стражарска кула или Наша служба за Царството кои зборуваат за службата на проповедање, во молитва разгледај како можеш да ги примениш предлозите во твојата служба. Прави го истото кога ги посетуваш собраниските состаноци или конгресите. Предлозите што се дадени во оваа статија се темелени на една дискусија која беше дел од програмата на покраинскиот состанок минатата година. Тоа е првата од една серија статии наменети да ни помогнат да тежнееме кон целта и да ги примениме охрабрувањата што ни беа дадени преку таа програма.
8 Исус ја сфаќал својата служба мошне сериозно, правејќи ја свој главен интерес. Тој изјавил: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил“ (Јован 4:34). Дали се чувствуваме и ние така? Ако да, сигурно ќе најдеме начини да ја зголемиме нашата активност и да го делиме со другите ‚доброто‘ од нашето сокровиште (Мат. 12:35; Лука 6:45).