Ако луѓето не се дома
1. Со кој проблем обично се соочуваме кога учествуваме во службата од куќа до куќа?
1 На многу места станува сѐ потешко да се најдат луѓето дома. Во овие „тешки времиња“, многумина мораат да работат многу часови за да ги обезбедат најосновните работи (2. Тим. 3:1). Некои се излезени од дома за да купат нешто или за да се рекреираат. Како би можеле да им ја пренесеме добрата вест на тие луѓе?
2. Како да се погрижиме повторно да бидат побарани оние што не сме ги нашле дома?
2 Прави си добри белешки: Првиот чекор е да водиме евиденција за оние што не се дома. Ова особено е важно ако често го обработуваме нашето подрачје. Дали ги запишуваш адресата, бројот на подрачјето, твоето име и датумот? Можеш да оставиш место и за дополнителни белешки кога повторно ќе ги побараш оние што не биле дома. Ако се договориш со некој објавител да обработиш дел од неговото подрачје, на крајот од службата не заборавај да му ги дадеш белешките за оние што не си ги нашол дома, освен ако не се договорите ти повторно да ги побараш. На посебен лист води евиденција за сите оние што покажале некаков интерес и што планираш повторно да ги посетиш.
3. Што можеме да сториме за да им сведочиме на оние што не сме ги нашле дома?
3 Обиди се во различно време: Некои што преку ден не си ги нашол дома во работните денови, можеби ќе ги најдеш навечер или во викендите. Би можел ли да испланираш да дојдеш во поповолно време? (1. Кор. 10:24) Или би можел да замолиш некој друг објавител да ги побара во друго време. Освен тоа, би можел да им напишеш писмо на оние што не си ги нашол дома или да се обидеш да им се јавиш по телефон. Објавителите што поради здравствени проблеми не можат многу да учествуваат во службата од куќа до куќа сигурно со задоволство ќе ти помогнат во ова.
4. Кој пример покажува колку е важно повторно да ги побараме оние што не биле дома?
4 Следново искуство покажува колку е важно да се обидеме да контактираме со оние што не сме ги нашле дома. По три години постојани обиди, некои објавители конечно ја нашле станарката на една куќа. Објавителите дознале дека таа за сето тоа време очекувала да дојде некој Сведок за повторно да почне да ја проучува Библијата, како што правела пред да се пресели во тоа подрачје.
5. Кога може да се каже дека едно подрачје е обработено?
5 Обработи го подрачјето: Кога може да се каже дека едно подрачје е обработено? Главно, ова е случај кога сме вложиле разумни напори да контактираме со некого во секој дом. Таму каде што нема да најдеме никој дома, можеби ќе биде добро на неупадливо место да оставиме еден трактат или некое постаро списание. Ова особено важи за подрачја што ретко се обработуваат. Подрачјето треба да биде обработено за четири месеци. Потоа треба да го вратиме кај слугата што се грижи за собраниските подрачја за тој да може да ги внесе најновите податоци.
6. Зошто треба да се обидеме да им ја пренесеме добрата вест на сите луѓе на нашето подрачје?
6 Сакаме колку што е можно повеќе луѓе да имаат можност да научат да го повикуваат името на Јехова и да бидат спасени (Рим. 10:13, 14). Тука спаѓаат и оние што нема да ги најдеме дома кога одиме од куќа до куќа. Како апостол Павле, нека биде и твоја желба ‚темелно да сведочиш за добрата вест за Божјата незаслужена доброта‘ (Дела 20:24).