Списанија за најразлични луѓе
1. Како верниот и разборит роб го следи примерот на апостол Павле?
1 Апостол Павле ја пренесувал добрата вест на разни начини за да придобие најразлични луѓе. По тој пример и верниот и разборит роб ги користи нашите списанија за да можат луѓе со различно потекло и верувања да ја прифатат вистината (1. Кор. 9:22, 23). Со цел добро да ги користиме списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, треба да ги имаме на ум читателите за кои тие се наменети.
2. Објасни за кого е наменето Разбудете се!
2 Разбудете се!: Ова списание е наменето за луѓе како оние на кои апостол Павле им се обратил со зборовите: „Луѓе Атињани“ (Дела 17:22). Тие не биле христијани и многу малку го познавале Светото писмо. И читателите за кои е наменето Разбудете се! немаат речиси никакво познавање за Библијата. Некои од нив не знаат ништо за христијанските учења, некои донекаде ја изгубиле довербата во религијата, а некои не знаат дека Библијата дава практични совети. Главната цел на Разбудете се! е да ги увери читателите дека вистинскиот Бог постои. Освен тоа, има за цел да им помогне да стекнат вера во Библијата и да разберат дека Јеховините сведоци се разликуваат од другите религиозни групи.
3. За кои читатели се наменети двете изданија на Стражарска кула?
3 Стражарска кула: Изданието за јавност е наменето за читатели кои имаат одредена мера почит кон Бог и кон Библијата. Тие имаат одредено познавање за Библијата, но не ги разбираат во потполност нејзините учења. Тие се слични на луѓето за кои Павле рекол дека ‚се бојат од Бог‘ (Дела 13:14-16). Изданието за проучување главно е наменето за Јеховините сведоци. Павле бил свесен дека оние што ќе ги читаат неговите писма биле запознати со Светото писмо и дека добро ја познавале вистината (1. Кор. 1:1, 2). И статиите во изданието за проучување се напишани за оние кои доаѓаат на нашите состаноци и се запознати со терминологијата и верувањата на Сведоците.
4. Зошто треба да се запознаеме со секое списание што го нудиме во служба?
4 Иако обично ги нудиме списанијата како комплет, во нашите презентации најчесто зборуваме само за едно од нив. Затоа, постави си за цел да се запознаеш со секое издание. Така ќе можеш најдобро да процениш кое од нив да им го понудиш на луѓето што ќе ги сретнеш.