Музичари–скокачи од светот на инсектите
ПРИЗНАВАМЕ дека сме суштества со ненаситен апетит. И нормално, нашиот апетит може да ги разлути земјоделците кои нѐ сметаат за напаст која им ги уништува приносите. И покрај тоа, ние скакулците имаме некои интересни карактеристики — скокаме, летаме, се искачуваме и „свириме“.
Сте знаеле ли, на пример, дека имаме по пет очи? Наместо да носиме бифокални очила како многу луѓе, имаме три мали очи за блиску на предниот дел од главата. Другите две очи ни се крупни и се поставени на задниот дел од главата, па ни овозможуваат да видиме што се случува околу нас. Ете затоа можеме да отскокнеме кога ќе ни се приближите. Зарем не би сакале да имате очи со такви способности?
Колку сме вешти во скокањето? Можеме да скокнеме нагоре до десет свои висини и да прескокнеме растојание од околу 90 сантиметри. За човекот да го изведе тоа треба да скокне до висината на шесткатница. Тајната е во нашите мошне силни мускули на задните нозе. Тие ни ја даваат отскокнувачката моќ да изведуваме такви подвизи.
Веднаш откако ќе отскокнеме од пред вас, можеме уште повеќе да ви отежнеме да нѐ фатите така што ги употребуваме двата пара крила кои ги поседува секој од нас. Крутите горни крила ја вршат истата улога како авионските крила, додека понежните долни крила служат за додатен погон. Така, комбинирајќи ги своите вештини за скокање и летање, обично можеме да летнеме доволно далеку за да ве обесхрабриме во намерата.
Дали сте утврдиле дека е тешко да се искачуваш по замастен јарбол? Ние не. Всушност, можеме брзо да се искачуваме по лизгава тревка без воопшто да се лизнеме благодарение на начинот на кој Творецот ги осмислил нашите шест нозе. Мошне малите перничиња на секоја нога имаат ситни влакненца кои лачат леплива течност која ни помага цврсто да се држиме за предметите. Освен тоа, секоја нога е опремена со две јаки, зашилени кукички кои спречуваат да се лизнеме на стрмните места. Да, далеку пред луѓето воопшто да помислат на искачување по планини, ние сме биле опремени за искачување.
Мажјаците од нашиот вид се музичари. Госпоѓите скакулки со право се воодушевени од нив и ги сметаат за прилично надарени. Да, ние можеме да слушнеме и да одговориме на различни звукови. Ушите ни се сместени на двете страни од градниот кош. Така, кога е расположен, мажјакот нежно ја префрла рапавата нога преку подигнатите жили на крилото токму како што виолинистот го спушта гудалото врз виолинските жици. Колку човек се опушта кога во топол летен ден лежи на ливада и ја впива симфонијата на илјадниците скакулци и штурци. Ах, таа летна музика!