Денешната младина — лесен плен за сатанизмот?
„ОБОЖАВАЊЕТО на Сатана сѐ повеќе се шири меѓу младите“, известил еден фински весник од 27 февруари 1993. Според информациите што ги добила полицијата од Тампере (Финска), криминалците кои се занимаваат со трговија на дрога привлекуваат во сатанистичкото обожавање млади, а посебно девојки. Во многу случаи, тие жртви и нови членови се деца на возраст од 10 до 15 години. „Обожавањето на Сатана наишло на плодно тло меѓу денешните тинејџери“, известил весникот.
„Новата појава на обожавање на Сатана не е само домашен (фински) тренд“, предупредил весникот. „На пример, јужноафриканското списание Star од Јоханесбург, неодамна предупреди дека обожавањето на Сатана ги привлекува богатите млади белци во земјата.“ Навистина, сатанистичкото обожавање претставува една меѓународна трагедија како за родителите така и за децата.
Всушност, на еден измамлив начин сатанизмот ветува дека за многу малку ќе добиете многу повеќе. „Обожавај го ѓаволот; врши ја неговата валкана работа, и тој за возврат ќе ти даде сѐ што сакаш. Токму затоа сатанизмот е толку привлечен за некои тинејџери“, објаснило списанието ’Teen.
„Верувам дека животот треба да се искористи во потполност“, рекол еден тинејџер кој признава дека е член на некоја сатанистичка група. „Во природата гледам две сили; добро и зло. Сите работи за кои луѓето сметаат дека се лоши, се работи кои те усреќуваат. Гревовите водат до емоционално, телесно и умствено задоволство“, рекол тој.
Кога бил запрашан зошто мисли дека тинејџерите се толку приемливи за сатанизмот, еден детектив од Денвер (Колорадо, САД), експерт за сатанистички култови, одговорил: „Никогаш нема да го заборавам она што ми го рече еден тинејџер сатанист: ‚За што да се живее? Ќе живееме за денес и ќе правиме што сакаме. Нема иднина‘“.
Д-р Халил Ахмед, директор на службата за адолесценти во болницата Нова Шкотска во Дартмаут (Канада), своето мислење во врска со примамливоста на сатанизмот го изразил на следниов начин: „Тинејџерите бараат возбудувања. Често [кон сатанизмот] се привлечени губитниците, оние со слаба волја. Тоа им дава едно лажно чувство на моќ“.
Друг познат полициски авторитет на подрачјето на сатанизмот, една детективка од Сан Франциско, го истакнува главниот проблем: „Нашиот свет е едно апатично место. Повеќе сме заинтересирани за себе отколку за другите. Живееме во едно насилничко и негативно општество. Младите гледаат на тоа како на еден нормален начин на живот и затоа се вплеткуваат во сатанизам“.
Колку длабоко е вмешана денешната младина во сатанизмот? „Децата се убиваат себеси и своите другарчиња. Имаме вистински проблем“, предупредил Лари Џонс, претседател на Cult Crime Impact Network и поручник во полицијата во Боиси (Ајдахо, САД). Еден друг полициски службеник од државата Илиноис, кој во својата улога на полициски советник во средните училишта внимателно го испитува сатанизмот, рече дека 90 отсто од младите кои површно се занимаваат со обожавањето на ѓаволот го прават тоа само затоа што е популарно, но 10 отсто „целосно се впуштаат во тоа и навлегуваат сѐ подлабоко и подлабоко“.
Школскиот весник School News Nationwide од Бруклин (Њујорк), во изданието од јануари-февруари-март 1994, во рубриката „Религија“ објавил статија со наслов: „Зошто сатанизмот ги привлекува тинејџерите“. Таму се известува: „Откако две момчиња се тепале во мензата на едно средно училиште, победникот скокнал на нозе и покажал еден чуден поздрав со раката — стисната тупаница со показалецот и малиот прст свртени нагоре. Професорот по ликовно не можел да сфати зошто толку многу младинци цртаат слики со луѓе слични на демони со козји глави. А книгите за окултизмот постојано исчезнувале од школската библиотека.
Децата всушност си играле со моќта, магијата и со мистеријата на сатанизмот. За повеќето тоа било нешто забавно и возбудливо. За некои, пак, било нешто сериозно — смртно сериозно за 17-годишниот Лојд Гембл кој го загубил својот живот при едно сатанистичко жртвување.
По смртта на Лојд и по апсењето на неговиот 15-годишен брат поради убиството, возрасните од покраината Монроу научиле да ги препознаваат знаците кои пред тоа биле толку мистериозни: ‚ѓаволскиот знак‘ со раката, сликите со глави на кози и книгите кои ја потхранувале фантазијата на тинејџерите, нивните ритуали и магии“.
Се чини им нема крај на извештаите за млади на предтинејџерска и тинејџерска возраст кои поради обожавање на Сатана ги убиваат своите родители и другите членови на семејството. Во таквите ритуали, деца убивале други деца. Исто како возрасните сатанисти, и децата осакатувале и убивале животни. Домашните љубимци биле жртвувани на олтари при сатанистички ритуали. Нема место дури ни делумно да се опише касапењето што го извршувале децата кои ја прифатиле религијата на обожавањето на Ѓаволот.
Дали се ова примери на деца кои само си играат со сатанизмот? Дали оние кои се длабоко навлезени во обожавањето на Ѓаволот се малку по број? Не баш, како што велат оние кои ги испитувале окултистите. Дејвид Тома, поранешен детектив на одделот за испитување на неморални постапки, кој станал јавен говорник за мотивирање на младите, рекол дека во секое училиште каде што говори, го поставува истото прашање: „Колкумина од вас познавате некој или сте чуле за некој кој е вмешан во сатанистички обичаи?“ Тој проценува дека „една цела третина ученици ги кревале рацете“.
Според Шејн Вестхелтер, претседател на National Information Network (Националната мрежа за испитување), од 30 до 40 отсто од средношколците се вмешани во некаков облик на окултизам. Освен тоа, Вестхелтер тврди дека до 70 отсто од сите злосторства кои ги извршиле тинејџери под 17 годишна возраст, се под влијание на окултизмот.
[Истакната мисла на страница 5]
Обожавањето на Сатана нашло плодно тло меѓу денешната младина