„Најубавиот жител на шумата“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА
ПРВПАТ го видов еден јунски ден — „најубавиот жител на шумата“, како што го нарекуваат некои луѓе овде. Станува збор за големиот брадест був или, како што е познат понекогаш, лапонскиот був.
Овој шармантен џиновски був живее во делови од Финска и северна Шведска, како и далеку на исток во Сибир, Аљаска и Канада. Тој е таинствен и тешко можете да го најдете ако не знаете каде се наоѓа неговото гнездо. Кога ќе го пронајдете гнездото, ќе откриете дека овој був воопшто не е плашлив.
Проучување на овој ловец
Имав можност да го проучам убаво ишараниот мажјак на лапонскиот був додека одеше во потрага по храна. Неочекувано летна од една гранка и се обиде да фати глушец. Дали ја фати својата жртва? О, да! Јасно можев да видам како еден мал глодар виси од неговите канџи додека тој се извиваше нагоре во бавен, импозантен лет со своите огромни крилја кои имаат распон од 140 сантиметри.
Лапонскиот був не се размножува редовно секоја година, како што е случај со многу други бувови. Овој џиновски був се храни само со мали глодари, па затоа некои години, кога нив ги нема доволно, сосема престануваат да се размножуваат. Други години, кога има храна во изобилство, во секое гнездо може да има по четири или повеќе младенчиња.
Избирање партнер
Бувовите се парат на пролет. Женката внимателно го избира својот партнер, иако не ѝ е најважен физичкиот изглед на кандидатот — што можеби е случај со многу жени од човечкиот род. Некои проучувања на набљудувачите на птици укажуваат дека мажјакот мора да се покаже како вешт ловец. Пред да се направат какви и да било планови за да се основа семејство, тој мора да ѝ донесе храна на женката.
Ако има на располагање многу глувци и мажјакот е вешт „хранител“, женката ќе се здебели од храната што ѝ ја дава тој. Зголемената тежина служи како знак кој му кажува на нејзиното тело колку јајца да снесе.
Сега само мажјакот е задолжен да оди на лов, а за тоа е потребно многу енергија. На тоа го тера преколнувачкиот повик на женката, бидејќи целата нејзина енергија е насочена врз снесувањето јајца и грижата за овој скапоцен посед.
Пронаоѓање на гнездото
Низ двогледот го набљудував убавиот мажјак додека постојано ми прелетуваше над главата носејќи плен. Конечно успеав да откријам каде е гнездото. Лапонскиот був не прави свое гнездо туку честопати ги присвојува гнездата во грмушките кои им припаѓаат на други птици грабливки кои живеат во шумата. Ако нема гнезда, бувот може да користи некоја исушена пенушка.
Во гнездото најдов две мали пердувести пиленца кои со широко отворени очи зачудено зјапаа во сѐ што се наоѓаше околу нив. Во хор од молбени повици, тие ги вперија своите гладни очи кон мајка им, која седеше во близината и будно бдееше. Би можело да биде опасно премногу да им се доближите на младенчињата во овој период. Ако женката почувствува дека на пиленцата им се заканува опасност, нечујно ќе долета и ќе го нападне натрапникот со своите како игли остри канџи. Затоа, многу е важно да бидете претпазливи и да ги анализирате бувовите од пристојна оддалеченост.
Исхрана и тренирање
Кога пристигна во гнездото, мажјакот го префрли пленот од канџите во клунот и му го даде глушецот на едно од младенчињата. Хранењето на една птичка е придружено со силните звучни ефекти на пиленцето кое чека на ред да добие еден залак.
Откако младенчето ќе го изеде толку очекуваниот оброк, кај него се забележува една речиси смешна промена во однесувањето. Изразот на лицето, кој дотогаш беше ведар и буден, одеднаш се менува и пиленцето почнува да се однесува како да е пијано! Сета енергија што ја има е насочена на варењето на храната и тоа наскоро омлитавува и се претвора во клопче од меки, нежни пердуви. Но, на најблиското братче или сестричка полека почнуваат да му светнуваат очињата и почнува да си доаѓа при себе после опојното дејство на последниот оброк.
Работите се одвиваат на овој начин сѐ до средината на јуни. Тогаш младенчињата ќе бидат на возраст од четири седмици и ќе можат да одлетаат од гнездото, поттикнати од повикот на нивната мајка. На почетокот се искачуваат по дрвјата, и тоа многу вешто. Таму грабливците не претставуваат толкава закана како тогаш кога би биле на земја.
Со текот на времето, пилињата ги користат крилцата за да се движат меѓу гранките и на тој начин вежбаат да летаат. По некое време и самите ќе можат да летаат и да ловат. Исто така, се менува и нивниот изглед, па затоа и тие можат да се сметаат за ‚убави жители на шумата‘.
[Извори на слики на страница 28]
© Joe McDonald
© Michael S. Quinton
[Извори на слики на страница 29]
© Michael S. Quinton
© Michael S. Quinton